1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Младите учат насилство од возрасните

Насилството е еден од големите проблеми за македонското образование, тепачки во училишта, напад со нож во автобус. Лани биле регистрирани дури 103 случаи на насилно однесување на младите.

default

„Наставниците го прикриваат насилството што се случува во основните и средните училишта и немаат храброст да зборуваат за тоа. Училиштата не се безбедна средина за децата иако во нив е присутно обезбедување“. Вакво е мислењето на Виолета Павловска која повеќе години членувала во советите на родители во училиштата каде се школувале нејзините четири деца. Вели дека насилство меѓу младите се случува и надвор од училиштата, а има многу деца кои се жртви, но тоа не го кажуваат:

„За се‘ ова што се случува меѓу младите виновна е политиката. Законите не се еднакви за сите. Ние само правиме проекти, а од нив нема никакви резултати. Се‘ додека во нашата држава не започне правото да функционира еднакво за сите, состојбата нема да се промени“.      

Дека физичкото и психичкото насилство меѓу младите е присутно се‘ повеќе, покажуваат 103-те случаи на насилно однесување кои се регистрирани мината година. Ова е двојно повеќе во однос на претходната. Двајца ученици дури и ги загубија животите, а повеќемина беа повредени. 

„Како последица на инцидентите лани еден ученик почина во Скопје, додека на подрачјето на Тетово ученик со пиштол го лиши од живот неговиот соученик. Исто така во физичките пресметки 11 ученици беа тешко телесно повредени“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која најави дека проектот „Безбедност во училиштата“ ќе биде проширен и во основните училишта.

Flash-Galerie Gewalt an der Schule

Политичарите да запрат со говорот на омраза

Досега многупати преку разни проекти се укажувало дека состојбата со насилството е алармантна, но одново се поставува прашањето дали институциите релативно лесно минуваат преку ваквате проблеми? Министерствата за труд и социјална политика и за образование и наука презентираа нова стратегија за безбедност во училиштата. 

Директорот на првата детска амбасада „Меѓаши“ Драги Змијанац, оценува дека стратегијата ветува. Според него во нејзиното креирање треба да бидат вклучени децата и родителите, но и „мировно образование“ како редовен предмет. Тој апелира политичарите да запрат со говорот на омраза бидејќи на тој начин го поттикнуваат насилството меѓу младите.

„Моето лично мислење е дека сите оние кои предизвикуваат конфликти се луѓе кои ги креираат законите, кои се во собраниските комисии, во собранието, во законодавната и извршната власт. Сметам дека се‘ додека продуцираат таков начин на комуникациија и конфликти, кои се пренесуваат директно на нивните политички и партиски следбенци и се регрутираат деца за одредени политички и партиски интереси, во Македонија оваа стратегија нема да вроди со плод“.

Децата ги имитираат возрасните

Наташа Јованова е асистент по предметот малолетничка деликвенција на факултетот за безбедност во Скопје и работи на проект за спречување на насилството во училиштата. Според неа наставниците, раководителите и родителите треба да се фокусираат на имплементација на нови превентивни програми кои се базирани на т.н. ресторативна правда: 

Gegen Gewalt an Schulen

„Тоа значи училиши бордови, училишни конференции, врсничка порота, медијација во рамките на училиштата. Не можеме ништо повеќе да очекуваме дека ќе се смени во насилничкиот образец на однесувањето на децата ако не погледнеме што се случува со возразните. Децата преку теоријата на учење и имитација го имитираат она што го прават возрасните. Меѓутоа ова не е само клучен фактор или фактор на ризик за насилно однесување, туку треба да го земеме во комбинација и она што ни се случува на локално ниво, да ги земеме интеперсоналните односи помеѓу децата и индивидуалните карактеристики на младите“.     

Професор Нелко Стојановски кој долго време предавал соцоологија на општествени девијации на Филозофскиот факултет во Скопје, смета дека проблемот е присутен поради  низа општествени фактори што не ја извршуваат добро својата функција:

„Ако се спроведат некои елементи од оваа стратегија би требало да добиеме резултати. Меѓутоа државните органи кои се платени треба малку позасилено да си ја завршат својата функција. Може да се маркираат неколку пунктови каде што актите на насилство се повеќе изразени. Во последно време тоа се манифестира каде што имаме етнички мешани средини и паралелки“, заклучува професор Стојановски.