1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

Младите генерации треба да ја сочуваат независноста

На 10 јануари 1991 година беше одржана првата седница на македонското Собрание во плуралистички состав. Првиот претседател на парламентот и ветеран на македонската политика, Стојан Андов се присетува на тие денови

default

Стојан Андов на митинг во 2002 година

Со голем ентузијазам кај граѓаните, со малку воено-одбранбени ресурси пред евентуалниот напад од агресивната ЈНА, без девизни резерви, отсутво на меѓународна лоби група и подржувачи, Македонија се избори за своја независност.

Новата генерација на политички водачи ја имаат историската шанса и обврска трајно да ја сочуваат и обезбедат самостојноста, говори Стојан Андов, првиот спикер на плуралистичкото Собрание во деведесетите.

„На 25 јануари пред дваесет години, кога уште немавме избрано Претседател на државата ниту влада, Парламентот донесе Декларација за сувереност со која означивме дека Македонија е суверена држава и презедовме обврска во текот на годината да донесеме нејзин Устав".

Стојан Андов е ветеран на политичката сцена со ангажман во двата различни идеолошки и политички системи. Во Скопје дојде од Кавадарци, стана и член на Федералната влада задолжен за односите на Југославија со Европската заедница. Потоа стана приврзеник на реформските сили на последниот сојузен премиер Анте Марковиќ, формирајќи ги во Скопје неговите експозитури, кои потоа се трансформираа и во посебна партија која беше трета на првите парламентарни избори. Како лидер на Либералите тој постојано беше во коалиции со влади на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ.

Историска улога на „патриотите“

Андов не ја оспорува историската улога на патриотските сили во стимулирањето на идеите или одлуките за формирање независна држава и сукцесија од очигледно распаднатата или редуцирана Федерација.

"Неспорно е дека Љубчо Георгиевски на првиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за самостојна држава, со своја армија, валута, репрезентација. Таа визија, решителност и заслуга нему му припаѓа, но е факт дека не беа одстранети заканите од интервенција на ЈНА и се’ поагресивниот режим на Милошевиќ, поради што постоеше одредена воздржаност кај другите партии“, вели Андов.

Prime Minister Ljubcho Georgievski

Според Андов улогата на Љубчо Георгиевски е неспорна

Тој беше и претседател на Уставната комисија и денеска оценува дека „немавме храброст да ги прошириме правата на Албанците кои дури и со Уставот на СФРЈ од 1974 година имаа право на користење на својот мајчин јазик, како и на превод на документите“.

„Се продолжи пропагандата на Милошевиќ со која и Албанците во Македонија се сметаа за главна опасност, од внатре. При донесувањето на уставот атмосферата беше презагреана, со протести надвор и со барања да се донесе национален Устав. Направивме грешка со скусување на некои права кои беа загарантирани со претходните уставни решенија во рамките на екс-федерацијата. Не го спомнавме во Уставот зашто немаше шанси такви права за Албанците да поминат на гласање во Парламентот. Ако смогневме сили за такви решенија не ќе имаше мотиви за воените конфликти 2001 година", оценува првиот спикер кој и во вториот мандатен период бше на чело на парламентот.

Како прв парламентарец тој за посебно важна ја смета декларацијата со која во 1992 година Собранието го отфрли Лисабонскиот документ со што на Македонија не и се дозволуваше тоа име да биде во референцата за прием во ОН. Благодарение и на ангажманот на Советот за безбедност „ние успеавме името Македонија да постои во регистрацијата во Светската организација. Америка цело време имаше многу коректен однос кон нас и на крај не призна под уставното име".

Времената спогодба со Грција- клучна за напредокот

Додека Македонија беше во шок по атентатот врз Глигоров, а Андов привремено го заменуваше, законодавниот дом ја ратификува Времената спогодба со Грција.

"Во неа постојат пишани обврски дека не може да се враќаме назад и секогаш да оспоруваме нејзини делови. Врз нејзина основа беа потпишани и други договори, а ние успеавме да ги симнеме економските блокади, да обезбедиме прием во ОБСЕ и Советот на Европа, да станеме дел од Партнерството за мир како соработка со НАТО“, оценува Андов.

"Експертската влада на Никола Клусев донесе уназадување на политичките процеси, зашто немавме политичка Влада составена од партиите кои имаа мнозинство. Некои од нејзините министри предходно изгубија на парламентарното гласање, а и самиот Премиер не беше дел од изборните проверки. Но таа Влада коректно си ја заврши работата, иако во некои ситуации имавме различни концепции. На пример, таа заговарше донесување на Уставен закон за прогласување на независност, па потоа референдум, а имаше разлики и меѓу министрите околу одговорот на Македонија за Лисабонската декларација со која беше оспорено нашето име Македонија".

Kiro Gligorov

Андов раководеше со државата по атентатот врз поранешниот претседател Киро Глигоров

Тешко до нова експертска влада

На прашањето од ДВ дали и сега би можел да се примени моделот на експертска влада која би била подржана во парлaментот за да го реши спорот за името, Стојан Андов вели:

"Тоа е можно формално, но тоа претпоставува дека Груевски ќе си даде оставка, дури тогаш е можна некоја експертска влада со многу ограничен и еднократен мандат, да ја преземе одговорноста и да реши едно прашање. Но тоа е многу хипотетичко прашање".

Стоја Андов како непромислени ги оценува идеите за некаква конфедерација со некоја соседна земја преку која Македонија би станала членка на евро-атланските сојузи. „Тоа претпоставува Македонија да се откаже од својата независност", рече Андов, првиот спикер, екс-претседателски кандидат, партиски лидер, кои во својата зрела политичка возразт се реши и за пишување романи, со социјални и љубовни фабули.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Борис Георгиевски