1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Мињон фали, но и куди!

Пораките што Жан Клод Мињон ги испрати во Скопје според аналитичарите се сигнал дека Советот на Европа го зголемува ангажманот во Македонија. Тие апелираат критиките да не се игнорираат.

Претседателот на парламентарното собрание на Советот на Европа Жан Клод Мињон испрати јасни пораки за време на неговиот престој во Скопје, сметаат аналитичарите. Тоа што тој повтори дека Македонија заслужува да добие датум за преговори со ЕУ е за поздравување, но загрижува фактот што по којзнае кој пат е испратена опоменувачка порака за кревкоста на демократијата и институциите во земјата. Директорот на Институтот за европска политика во Скопје Малинка Ристевска Јорданова за Дојче веле коментира дека првиот впечаток од пораките содржани во говорот на Мињон е во рамките на стандардното и дипломатско „малку фалење, малку кудење“. Сепак, тоа според неа е само првичен и површен впечаток:

„Самата посета на Мињон доаѓа како резултат на се` поголемиот ангажман на Советот на Европа во Македонија, што пак е последица на сериозни проблеми со основните прашања на демократијата. Од друга страна, се најавува уште позасилен ангажман на оваа организација во иднина, ’обновено партнерство’ и повторно отворање на Канцеларија на советот во Скопје. Тоа е сигнал дека државата во европски рамки се става на побазичен колосек на демократизацијата, односно се враќа ’чекор назад’. Во неговиот говор тој упатува на предложената Резолуцијата на Советот за Европа од постмониторингот. Во Предлогот на Резолуцијата се констатира дека Македонија ’се соочува со повеќеслојни предизвици на нејзината политичка стабилност и општествена кохезија’ и дека ’има сериозен сомнеж дали државата има доволно политичка стабилност да ги спроведе потребните реформи со потребното темпо’. Ваквите оценки се многу сериозно предупредување“, смета Ристевска Јорданова.

Универзитетскиот професор Стево Пендаровски пак смета дека според содржината, настапот на претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа не отстапува од пораките кои со години доаѓаат од Европа:

„Постои мал дел за наводно добрата развојна насока на земјата и многу подолг дел забелешки и критики кои ние во Скопје рутински ги игнорираме. Последниве месеци обраќањата на европските претставници имаат и специфика плус, имено, сите забележуваат за настаните од 24 декември во Парламентот, кои беа лош преседан дури и за балканските земји, а процедурата за утврдување на одговорност не е ниту започната. Во тој контекст, Мињон упати посебни критики за слабоста на институциите, што според европскиот вокабулар е фундаментална критика, меѓутоа, тој тип на забелешки ние не ги земаме сериозно веќе подолг период наназад. Во една реченица кажано, властите во Скопје, со години се преокупирани со европските критики толку колку што трае посетата на европските функционери на Скопје. И оваа посета нема да биде исклучок во таа смисла“, смета Пендаровски.

Во пресрет на јунскиот Европски совет, се засилуваат и дипломатските напори за да се издејствува датум за почеток на преговорите со ЕУ. Позитивен поттик во овој процес секако се очекува да биде и изборот на деканот на Правниот факултет при Универзитетот свети “Кирил и Методиј“, Борче Давитковски, за претседател на комисијата која треба да ги расветли настаните од 24 декември. Веста за неговиот избор ВМРО ДПМНЕ и СДСМ ја потврдија доцна синоќа. Во лобирањето се вклучија и копретседавачите на мешовитиот парламентарен комитет Македонија-ЕУ Кенан Хасипи и Јоргос Шацимаркакис, кои преку писмо побарале поддршка од првиот човек на Европскиот парламент, Мартин Шулц. Советот за општи и заеднички работи ќе биде првото тело кое ќе ја разгледува можноста за почеток на преговорите со Македонија. Конечната одлука треба да ја донесе Европскиот совет на состанокот кон крајот на јуни.