1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Мијатовиќ: Сега е важно спроведување на законите

Донесените закони за медиуми се добри, а она што сега треба да се направи е нивна имплементација, смета претставничката на ОБСЕ за медиуми, Дуња Мијатовиќ, која денеска (12.02) ја заврши тридневната посета на Македонија.

По средбите со политичкиот врв на Македонија и претставници на медиумите и на граѓанскиот сектор во земјата, претставничката на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ, изјави дека законите за медиумите се добри:

„Ова се добри закони. Експертите од мојата канцеларија работеа заедно со властите во предлог верзијата на законите. Го поздравувам тоа што повеќето од нашите забелешки во однос на овие закони беа прифатени. Позитивно е и тоа што медиумската заедница исто така беше консултирана за време на донесувањето на овие закони. Ангажираноста е единствениот начин за да се подобри состојбата во медиумите“, изјави Мијатовиќ.

Според Мијатовиќ, „сега е важно спроведување на законите“ кое ќе им даде „можност на сите да ги оценат ефектите и да видат дали ќе се подобри состојбата со слободата на медиумите во земјата“. Таа нагласи дека e најважно овие закони да се спроведуваат на начин со кој ќе се промовира медиумската независност, ќе се обезбеди плурализам на мислењата и да се слушне гласот на сите засегнати страни.

На средбите со претставниците на граѓанскиот сектор и медиумите Мијатовиќ ја нагласила потребата од солидарност во однос на прашањата од јавен интерес. Таа исто така соопшти дека го посетила новинарот Томислав Кежаровски и изјави дека е задоволна поради тоа што тој сега е дома со своето семејство, нагласувајќи дека ОБСЕ ќе продолжи да го следи неговиот случај. Мијатовиќ изрази подготвеност да понуди помош и во однос на трансформацијата на јавниот радиодифузен сервис и процесот на реформи што таму почнува. На вчерашните средби, нагласи, го поздравила фактот што Македонија ја декриминализираше клеветата, но додаде дека сѐ уште има голем број случаи во кои казните можат да предизвикаат одредени медиуми да се соочат со уништување.

„Тоа е нешто што мора да се смени веднаш, бидејќи може да го доведе во опасност плурализмот на медиумите. Подготвени сме да помогнеме и во овој процес“, потенцираше Мијатовиќ.

Во однос на рангирањето на Репортери без граници, претставничката на ОБСЕ за медиуми рече дека ги следи и им посветува внимание на ваквите рангирања, но нагласи дека нејзината оценка за слободата на медиуми ја базира на своите параметри, со цел, како што рече, да види каква е ситуацијата.

„За мене најважна е безбедноста на новинарите и тие да можат слободно да ја вршат својата работа. За жал, можам да кажам дека тоа не е случај во ниту една од земјите во Западен Балкан. Има одредени прашања во кои некои земји се подобри или полоши, но мислам дека не може што било да се постигне со споредби“, прецизираше Мијатовиќ.