1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Заев го чека пораз и одговорност за криминалот

14 ноември 2019

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за ДВ вели дека избори на 12 април мора да има. Неспособниот радикализам на Заев ќе го заменам со умерен патриотизам, најавува Мицкоски.

https://p.dw.com/p/3Sxm1
Nord-Mazedonien DW Interview Hristijan Mickovski
Фотографија: DW/B. Georgievski

ДВ: На лидерската средба се договоривте за предвремени избори кои не се брзи, нo во политички кулоари се шпекулира дека можеби ќе нема избори. На што се темелат таквите шпекулации?

Христијан Мицкоски: Прво, ако нема предвремени избори или дојде до одложување, тоа може да го направи парламентарното мнозинство, а тоа значи дека Заев се плаши  од пораз. Не се плаши толку од пораз, колку што се плаши од одговорноста што следи по поразот. Убеден сум дека нема да има одложување на изборите, затоа што тоа ќе реферира на вториот дел од одговорот - каков ќе биде кредибилитетот на Пендаровски како претседател, кој не собира и носиме заклучок, ако по тој заклучок, Заев, уплашен за одговорноста за криминалот - одлучува да ги одложи тие избори заедно со парламентарното мнозинство. Каков пример ќе оставиме пред граѓаните, ако одлуките на претседателите на најголемите партии се менуваат по нарачка? Мислам дека нема индиции за такво нешто. Предвремени избори на 12-ти април ќе има, техничката влада на 3-ти јануари ќе се случи. По поразот што ќе го доживее Заев, следува одговорност. Го разбирам, уплашен е, знае што направил, знае што се случувало изминативе три години од аспект на криминал, корупција и сите оние понижувања што и ги нанесе на државата. Треба да биде свесен дека мора да има одговорност.

На што мислите кога велите „Заев знае што направил"?

- Па свесен е за сиот криминал што го има сторено тој и луѓе блиски околу него. Инаку зошто би се плашел, зошто би пуштал информации дека ќе се одложуваат изборите, ако знае дека политиката што ја предводел како премиер била добра за граѓаните, понудила раст во државата, перспектива, иднина. Сето ова е спротивно на реалноста.

Како се подготвувате вие? Го одредивте ли тимот за техничката влада?

- Ги креирам контурите на тимот и профилот на личностите. Тоа се луѓе кои 100 дена треба да бидат министри во ресорите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, и како заменици-министри во ресорите администрација, финансии и земјоделие. Многу скоро јавноста ќе ги дознае нивните имиња. Тие треба да осигурат изборниот процес да биде фер, демократски и отчетен.

Ветувате дека земјата ќе ја ставите на брзата лента кон ЕУ. Може ли да објасните на кој начин би го направиле тоа?

- Комплетно реформирање и ресетирање на општеството. Со последниве одлуки на Заев, како се однесува со буџетот и начинот на кој ги води политиките, ме загрижува за иднината на државата. Немаме информации за она што ќе го остави оваа влада во заминување. За време на техничката влада, кога ќе имаме заменик министер во финансии, ќе имам јасна слика што наследуваме и таков приоритет ќе дадеме на проектите кои Македонија ќе ја ставаат на брза лента. Тука пред се мислам на реформите кои граѓаните ќе ги почувствуваат во првите сто дена од новата влада.

На кои реформи мислите?

- Па јас не знам која реформа ja спроведе ова влада. Еве да зборуваме за реформата во даночниот систем. Видовме дека Владата се повлекува од таа реформа. Доколку сте инвеститор во оваа држава, кога гледате вакви осцилации во даночната политика, што може да донесете како одлука за  инвестициите и вашиот бизнис во Македонија? По десет месеци Владата ни вели - ние се шегувавме, всушност оваа мерка не била добра, а вие што ги инвестиравте вашите пари, ви благодариме, сега повторно ќе го вратиме рамниот данок.

Nord-Mazedonien DW Interview Hristijan Mickovski
Христијан Мицкоски во разговор со Катерина БлажевскаФотографија: DW/B. Georgievski

Што е поголем грев - да продолжеше истата мерка, или ако не дава резултати - да се повлече?

- Ова не е детска игра, пу, пу, не важи, згрешивме, се враќаме. Немаме повеќе можности за грешки. Пред да се донесе каква било одлука се седнува и се прави стратегиски менаџмент, се анализира. Посебно кога зборуваме за вакви суштински одлуки. Зборуваме за стратегија. Врз основа на таа стратегија луѓето одлучуваат дали вака или така ќе се искористат милијарди евра. Со нив се отвораат и затвораат работни места, се одлучува за човечки судбини, не може тоа да се покрие со ‘извини згрешив' и никому ништо, a одговорност да нема. Со такви ‘купи ден продај' потези, ни се случуваат вакви работи, општеството по принципот на ‘мало сутра' или она со тепсијата и баклавата. Направија буџет од 3,9 милијарди евра. Погледнете ги капиталните инвестиции. Ова е рекорден буџет. Ќе ве потсетам кога во минатото за првпат една од владите направи буџет од 3 милијарди евра во расходната страна, тоа беше рафална критика во општеството. Денеска - тишина. Чудна некоја тишина, никој ни збор да изусти за оние 3,9 милијарда евра, од кои една милијарда ќе биде обезбедена од задолжување.

Нето задолжувањето е практично 400 милиони, бидејќи 600 милиони евра треба да се вратат... 

- Е сега, ако нетото е 400 милиони, а предвидуваме раст од 3,8% и задолжуваме 10% од нетото, каков е ефектот? Ефектот е 6,2% и тоа се пари кои вие ќе ги вратите. За што одат тие пари? Разбирам вие да се задолжите и да вложите во бизнис, тој бизнис да ви донесе приход па да го вратите кредитот што сте го зеле, и да ви остане некоја маргина за да можете повторно да вложите во развој на вашиот бизнис, а другото да го користите за сопствени потреби. Тоа го разбирам и тоа е бизнис логика. Дали така се однесува во неговите фирми во семејството? Дали неговите роднини, брат му, братучедите земаат кредити и ги трошат на скапи возила и хациенди, или можеби ги инвестираат во плантажите за марихуана, па затоа така ревносно сакаше со европско знаменце да го протне законот во парламентот? Не се однесува така за сопствените бизниси, туку тој игра all in со сите нас. Изгуби минатиот пат, ќе изгуби и сега. Но губиме и ние со него. И што мисли сега? ‘Ќе покачам малку на пензионерите', колку што претходно им укина со закон. Ќе покачи малку на докторите, за специјалистите нема да има 100 илјади - ќе има половина од тоа и тие ќе заборават на ова, ќе покачи малку во образованието. Ова што го прави Владата е обид за корупција и навреда за граѓаните. Тој мисли дека народот ќе ги заборави ‘мало сутра политиките', жицата, Луј Витон куферчето, тепсијата и баклавата и сите примитивизми премолчувани во минатото. Ако мислат дека на ваков начин тоа ќе го покријат тоа, се лажат! Ќе видат што ќе им се случи на 12-ти април. Овие избори се одлучувачки за иднината - дали Македонија сака да има политички естаблишмент кој што ќе биде радикал, неспособен, или политичари кои што се честити и умерени патриоти. Тоа е одлуката. Го имате неспособниот радикал и имате умерени родољуби патриоти.

Да се вратиме на брзата лента за ЕУ. Предвидува ли таа некои рокови?

- Уште во во првите 100 дена ќе се почувствува разликата што ќе ја понуди новата влада. Прв и најголем акцент ќе биде ставен на владеењето на правото и реформите во правосудството за 100 % независно правосудство. Не можете да им оставите независност, па тие да се претворат во нов центар на моќ. Некој мора да го мониторира нивното работење, некој мора да ги забележува нивните грешки.

Кој ќе ги мониторира?

- Невладиниот сектор, граѓаните. Имаме методологија како тоа да го направиме. Не може да зборувате за реформи во правосудството, а како премиер да го водите телото за правосудство, или адвокатот на премиерот да дава насоки на главниот обвинител. Тука нема никакви реформи.

Како за 100 дена ќе добиеме комплетно независно судство?

- Не реков дека за 100 дена 100% ќе го промениме тоа. Реков дека ќе се забележи разлика, затоа што ќе биде огромна. Не можете денеска да имате правен систем во кој што судии имаат куќи, хациенди, по три четири станови, возат бесни возила. Со плата ли? Ме прашувате како ќе направиме реформи во судството? Така што нема да го гледате мојот адвокат како му дава насоки на обвинителот, судиите нема да бидат гости во мојот кабинет. 

Судиите не беа гости во кабинетот на Груевски, па „бомбите" открија еден куп скандали на тој план?

- Ако било така, еве кажувам, погрешно било.

Истите судии се, ни еден од тие судии не e сменет.

- Во ред се сложувам. Не чинело тогаш, не чини и сега, но три години изгубивме. 

Погледнете дел од разговорот со Христијан Мицкоски: 

Интервју со Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ

Велите дека Македонија повеќе нема право на грешка за круцијалните работи. Една од нив е Преспанскиот договор, но вие најавувате негово преотворање ако имате двотретинско и Бадентерово мнозинство. Имате ли право на грешка, ако според меѓународното право договорите мора да се почитуваат?

- Според меѓународното право договорите мораат да се почитуваат, но истовремено важи и правото на суверени политики кои ние како партија ги имаме. ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во преговарање, ниту во изготвување на Договорот, ниту беше дел од репресивната акција кога се уценуваа пратеници, се играше со законите и Уставот за реализирање на политички амбиции на Заев. Ако правиме компромиси со правото и уставот за политички цели, гледајќи го тоа клиентелистички и материјалистички, тогаш немаме иднина. Тоа е клучната грешка. Овие понижувачки договори не ни го обезбедија тоа што требаше да ни го обезбедат.

Го обезбедија членството во НАТО.

- Членството во НАТО е работа која што е започната од многу порано, уште во 2008 година.

Услов беше решавање на спорот за името.

- Не би рекол дека тоа беше услов.

Генералниот секретар на НАТО во секоја изјава повторуваше дека без решение на спорот меѓу Грција и Македонија, членството е невозможно.

- Не можам да се сложам дека е благодарение на тој Договор, но да, се бараше од страна на НАТО решение за проблемот кој што го имавме со нашиот јужен сосед. Но гледате дека овој Договор не е решение за проблемите на граѓаните. Ако некој на граѓаните им ветува дека со членство во НАТО ние ги решаваме проблемите, тоа не е точно. Тоа е стратегиско партнерство кое што служи да бидеме дел од организација која во светот застанала зад Македонија, на начин на кој застанала и зад 29 други држави.

Дали треба да стравуваме дека и тоа може да биде доведено во прашање?

- Нашиот став го знаете. Имаме ли 80 пратеника, има ли бадентерово мнозинство, ние сме подготвени и се отвора можноста за чекор назад, тоа сум го кажал и тука нема и не треба да има дилема.

Тоа личи на ниска политичка цена за добивање рејтинг. Утре ќе речете- да планиравме, но не добивме мнозинство и тоа е тоа.

- Не, тоа е чесен пристап кога ќе ја барате довербата на граѓаните. Имате граѓани кои што велат како вас - не треба да се оди чекор назад кон Договорот, а имаме граѓани кои велат искинете го договорот и фрлете го во ѓубре. Ниту едното, ниту другото не го решава проблемот. Секогаш вистината е помеѓу, а вистината е дека треба да имате чесен пристап. Со едноставно кинење на договорот и фрлање во корпа не се решава проблемот, затоа што проблемот ќе си остане, бидејќи овој неспособен радикал го направил.

Кои алтернативи ги барате, ако не се прифатливи Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија?

- Не можам да ја прифатам декларацијата на бугарскиот парламент дека македонскиот јазик е практично дијалект на бугарскиот јазик и дека не постои, кога е кодифициран и признат од 1977 година и се изучува во повеќе од 100 универзитети во светот. Ако е тоа услов - ќе работиме да го промениме. Ако е услов дека Гоце Делчев бил Бугарин не можам да го прифатам, и мислам дека за најголемиот дел од македонското општество тоа е неприфатливо. Ако е услов да се откажеме од Македоците што се наоѓаат кај нашиот источен сосед, тогаш да ги предадеме сите  оние коишто се бореа сите овие години, како што ги предадовме оние коишто се бореа во Грција од кои се откажавме со Преспанскиот договор. Исто како тоа што сега се прави со Албанија од страна на Грција. Оваа влада во заминување направи грешки, некоја друга треба да ги менаџира и корегира. Дали со тимот со кој ќе работиме ќе успееме сите грешки да ги поправиме? Можеби да, можеби не. Можеби некои грешки ќе бидат непоправливи, но ние не можеме да го поедноставуваме прашањето на црно-бело. Ако се помирите и верувате во црно бела ситуација, зошто се бавиме со оваа работа? Тоа е животната филозофија - да се бориш, да ги измениш работите во полза на твојата нација, држава, бизнис.

Како вие би одговориле на декларацијата на бугарскиот парламент?

- На црвени линии со црвени линиии се одговара. Не може ние на црвена линија да одговориме со бела линија. Како? Ќе прифатиме да мумламе во химната кога ќе дојде делот за Гоце Делчев?! Ќе прифатиме дека јазикот кој што го говориме вие и јас не е македонски? Знаете ли зошто секогаш ние губиме? Кога нема национално еднинство. Кога ќе имаме национално единство и цврст став, без разлика дали е тоа ВМРО,СДСМ ДУИ, Алијанса, кога сите ние ќе излеземе со униформна декларација - тоа е крај и тука нема назад.

Зошто тоа единство не профункционира на лидерската средба. Никој од вас не праша - зошто избори кога граѓаните се изморени од избори. Нели Македонија нема време за губење?

- Се сложувам дека граѓаните се изморени од избори, но во исто време граѓаните се изморени од Заев и СДСМ. И кога ќе ги прашате во каква насока се движи државата, огромно мнозинство, три спрема еден, четири спрема еден, велат дека во погрешна. Е тука е тој морален хазард, дали можеби е добро да ги мотивирате да излезат и да ги поразат овие погрешни политики или пак ќе бидете соучесник во тие погрешни политики. Јас мислам дека првата опција е подобра.

Како ќе се финансирате на следните избори ?

- Заштедивме од годишното финансирање што го добивме од државата и тие пари ќе ги трошиме. Сите волонтираме во партијата, не земаме плата.

Неколку пати ве прашуваа од СДСМ, дали е точно дека од еден бизнисмен сте добиле средства за кампања?

- Да бидеме искрени, мислеа на господинот Камчев. Тој излезе со демант еве и јас излегувам со демант. Многу е лошо кога човек влече реминисценции од сопственото однесување. Не разбираат дека има луѓе чесни во оваа држава. Не се сите Луј Витон и ресторан во Југоисточна Македонија со провизија од 5 до 10 отсто. Има чесни луѓе во оваа држава. Има луѓе кои што си ја сакаат  татковината и работат за да биде како што треба. Немаме такво финансирање. Со микрофон во рака шетавме 16 метри кабел и платформа. Така ќе биде и на овие избори најверојатно.

Ќе има ли определени услови за луѓето кои што ќе треба да бидат ставени на пратеничките листите?

- Да. Треба да се честити луѓе, достоинствени, да имаат десничарски прогресивни идеи, луѓе кои патриоти, умерени патриоти, кои си ја сакаат државата, кои се почитувани во средината во која делуваат.

Nord-Mazedonien DW Interview Hristijan Mickovski
„Ќе водам политика која што ќе биде базирана на стратегија, а не на коцка“, вели МицкоскиФотографија: DW/B. Georgievski

Што значи умерен патриот?

- Сето она кое што денеска како политика го води ВМРО-ДПМНЕ.

Немате поконкретно објаснување?

- Ќе дадам неколку примери. За ВМРО-ДПМНЕ како опозиција, се испраќаа лажни вести во Брисел и Вашингтон, дека ќе ги бојкотира претседателски избори. Во првиот круг одигравме нерешено. Се случи тој инжинеринг помеѓу двата круга, ние освоивме доволен број на гласови, 380 илјади. За жал, тоа не беше доволно да се избере претседател. Потоа сите велеа ВМРО-ДПМНЕ ќе ја бојкотира ЕУ-агендата, ќе ги опструира законите, ќе прави филибастеринг. Напротив, седнавме, учествувавме во парламентот. Па потоа дека ќе сме го напуштале парламентот, не се случи тоа. Па ќе сме организирале насилни протести, не се случи тоа. Потоа, кога дојде екот на најголемите политички и коруптивни скандали заклучно со ‘Рекет', рековме нема да правиме протести и покрај тоа што бевме жестоко нападнати во партијата. Имаме циркус на политичкава сцена. Пранкери се јавуваат, една година премиерот им пишувал во три насабајле, им дошло преку глава и го објавија скандалот. Како младите генерации да се идентификуваат со такви политичари? Ни се случува морална дисторзија и декаденција на секој чекор. Дадовме шанса до октомври, пишувавме писма, поддршка кај сестринските партии, ете тоа е умерен патриотизам. А што правеше СДСМ како опозиција? Кршеше и бојадисуваше. Нели бројчаник ставија, требаше милијарди да се вратат. Ги вратија, или ја заборавивме „Рекет 2“? Рековме 11 милиони евра биле заробени, па видовме дека тие 11 милиони биле предмет на истата оваа мафија, на уцена да играаат по принципот евро за евро. Ова не може да го избришеме со гумичка. Ќе се сеќаваме или барем еден ќе се сеќава и ќе го споменува секогаш. Е тоа е умерен патриотизам, на сметка на неспособен радикализам. 

Повеќе пати го спомнувате радикализам и стратегиски грешки на оваа влада. Може ли да ги посочите кои се?

- Егзибицијата со Преспанскиот договор, економските катастрофални политики, играта „all-in". Можам да ви редам дваесет ако сакате, но ова се трите клучни, катастрофални грешки, кои не доведоа до ваква ситуација.

Вие не би играле „All in“ на една карта за ЕУ и НАТО?

- Како да играм со сите нас? Апсолутно не. Ќе водам политика која што ќе биде базирана на стратегија, а не на коцка.

Која е таа стратегија?

- Ќе формираме влада, па ќе ја видите стратегијата во детали. 

Одите на избори и ќе им кажете на граѓаните – ‘изберете нѐ, па ќе ви кажеме што е стратегијата'?

- Ве молам стрпете се. Ќе имаме програма, ќе ја прочитате, ќе ја критикувате, ќе правите рецензија, како што ние деновиве правиме рецензија на програмата на СДСМ од 2016 година. Разговараме со граѓаните. Додека не го завршиме тоа, додека не ја добиеме целокупната навигација, малку нечесно ќе биде ние да промовираме политики без да ги сослушаме граѓаните. Но секако нема да играм all in, ќе играм стратегиски, паметно и тактички исправно, нема да се коцкам со иднината на државата.

Како нов лидер на партијата, не се извинивте за сето она што се случуваше во периодот на вашиот претходник. Велите дека се залагате за чесни луѓе, но зградата во која седиме не е резултат на чесност. А вие сѐ уште сте тука, не се дистанциравте дури ни физички.

- И да сакам да не седам тука, не можам, затоа што е замрзнат имотот, не располагам со него, јас сум гостин овде.

Зошто не се преселите во помало седиште?

- Немаме можности за да се преселиме, затоа што не водиме Луј Витон куфер-политики, а со финансиските можности кои ги имаме на располагање - невозможно е. Треба да плаќаме кирија за такво нешто.

Кирија за седиште со габарит колку бившата „жолта куќа" сигурно нема да да ве чини поскапо отколку сметките што овде ги плаќате за струја, вода греење...
- Верувале или не, чини.

Колку ве чини сега месечно?

- Да не навлегуваме во тоа колку  чини.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи