1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Михаел Шумахер е во критична состојба

Здравствената состојба на светскиот рекордер од Ф1 е посеризона отколку што првично се сметаше. Според клиниката во Гренобл, Шумахер здобил тешки повреди на главата и е во критична состојба.

Седумкратниот светски шампион во Формула 1, германскиот возач Михаел Шумахер се бори за својот живот по тешката несреќа за време на скијањето на француските Алпи. Шумахер е хоспитализиран во одделението за интензивна нега во болницата во Гренобл, каде е пренесен со хеликоптер од скијачкиот центар Мерибел во реонот на Албервил.

Лекарите во болницата соопштија дека германскиот автомобилски ас има тешки повреди на мозокот. Тој се наоѓа во кома и неговата здравствена состојба е критична, а лекарите биле принудени да му извршат итна операција на главата за да се запре внатрешното крварење.

Претходно се тврдеше дека Шумахер не е сериозно повреден и дека самиот си заминал од местото на инцидентот, објаснувајќи дека има само болки од паѓањето. Подоцна е информирано дека спасувачките патроли на центарот Мерибел, кои први дошле до повредениот скијач, побарале лекарска помош за да му се помогне, по што тој прво бил пренесен во локалната болница, а од таму набрзо бил префрлен во болницата во Гренобл. Инцидентот се случи вчера претпладне, додека Шумахер се скијал со својот син надвор од означената скијачка патека. Тој при падот удрил со главата во една карпа.

Иако носел скијачки шлем, тој не помогнал да ја спречи тешката повреда, предизвикана од ударот во карпата.

На трети јануари Шумахер ќе наполни 45 години. Во октомври минатата година тој по вторпат се повлече од автомобилските писти и трките на Формула 1. Првпат се повлече во 2006 година по еден пад во Шпанија, возејќи моторцикл, но се врати во трките во 2010 и остана три сезони во Формула 1, без да успее да ги повтори претходните резултати од својата богата кариера. На тркачките патеки остана 19 години, успевајќи да победи во 91 трка. Седумпати беше светски шампион, првпат во 1994 и потоа во 1995 година, како и петпати по ред, од 2000 до 2004 година.