1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Мит и култ - 100 години од потонувањето на Титаник

На 14-ти април 1912 година Титаник на патот кон Њујорк удри во леден брег и потона во Северниот Атлантик. Од тогаш приказната за несреќата секогаш одново се раскажува со дополнувања и разубавувања.

Титаник е најпознатиот брод на светот, а неговото прво патување на почетокот од 20-иот век се претвори во катастрофа и е предмет на легенда која останува. Во несреќата загинаа 1.500 од 2.200 патници. Но, интересот за Титаник и предизвиканото создавање мит во никој случај не треба да се оправдува со бројот на жртви. Пред и потоа се случувале бротски несреќи во кои загинале многу повеќе луѓе. Ѕвездениот карактер на Титаник има многу повеќе социјални и историски причини.

Бродската рута од Европа до Северна Америка во 1900-та година имала посебно значење. Стотици илјади имигранти си ја барале среќата во САД. На патувањето се гледало како на одење во нов и подобар живот. За повисоката класа бродскиот транспорт значел луксузно расфрлање – со патувања да се потврди ексклузивноста на нивниот статус. Разликите меѓу сиромашните и богатите биле екстремни, а денешната средна класа не постоела.

Titanic

Врв во внатрешното уредување биле дрвените скалила и стаклената купола над нив

Поголем, побрз и пред се’ поубав

Се’ кај Титаник беше поврзано со големината, и буквално и симболично кажано. Дури и неговото име, исто и како на неговите браќа-бродови „Олимпик“ и „Гигантик“, покажуваше потрага по суперлативи. Со 269 метри должина и 45.000 тони тежина, Титаник во свое време беше најголемиот брод на светот. Не може да се споредува со денешните прекуокеански бродови, но во тоа време бродот беше технички диносаурус – споменик на славната современост и иднина. Четвртиот оџак не бил неопходен, но бил додаден како декорација поради импозантниот изглед.

А, посебно на 420-те гости од прва класа не смеело ништо да им недостасува. Собите и апартманите биле големи и опремени со раскош. Застапеноста и луксузот биле пред функционалноста. Она што подоцна се нарекува како велнес понуда, таму веќе на големо се практикувало – со сауна, загреан базен и опрема за играње сквош, а сето тоа со аристократска аура.

Кулминација во ентериерот биле дрвените скали над кои имало стаклена купола, која поврзувала шест нивоа од првата класа. Во една од најдобрите кујни на светот куварите подготвувале ексклузивни мениа за богатите гости. Титаник бил повеќе како пловечки Гранд хотел, отколку како патнички брод.

Целиот свет на еден простор

Filmszene Titanic

Најпозната филмска верзија за несреќата на бродот Титаник е онаа со Леонардо Ди Каприо и Кејт Винслет во главните улоги

При опишувањето на бротската трагедија секогаш се нагласува дека на Титаник бил собран одразот на општеството – богатите, сиромашните и амбициозните биле едни покрај други и заедно потонале. За привлекување на вниманието на јавноста би требало да се каже дека на бродот се наоѓале едни од најбогатите луѓе на светот и останати познати личности од тоа време. Меѓу нив и бизнисмените Џон Џејкоб Астор Четврти и Бенџамин Гугенхајм, како и текстилниот производител од Њујорк Мартин Ротшилд. Титаник исто така имаше да понуди и позната љубовна приказна. Тениската ѕвезда, а подоцна и банкар, Карл Хауел Бер букирал карта од прва класа за неговата љубена Хелен Њусом да му биде во близина и за да ја запроси. Тие ја преживеале несреќата исто како и измамникот Алфред Нурнеј. Шарена палета на личности и мноштво на материјал за да се опише приказната за Титаник.

Медиумите, научниците и колекционерите ја потхрануваат приказната

Titanic

За снимањето на филмот на Џејмс Камерон беа изградени три четвртини од оригиналната големина на бродот

Титаник само кратко време беше најголемиот брод на светот и неговата несреќа до тогаш не беше вообичаена. Поради тоа за Титаник се напишани илјадници книги, радио драми, а филмските режисери се’ уште наоѓаат материја за да го донесат на филмското платно. Покрај стотиците написи во весници кои се појавиле во неделите по несреќата, биле подготвени и два неми филма во 1912 година.

Дороти Гибсон глумела во главната улога како една од преживеаните само еден месец по бродската трагедија. Во 1929-та година следувал првиот тонски филм кој ја продолжил приказната. Сеќавањето на несреќата се одржа во текот на 20-тиот век, а митот се обликуваше и прошири.

100 Jahre Untergang der Titanic

Фотографија од 1998-ма година направена при извлекувањето на површина на 17 тонски дел од бродот

Најпознат филмски пример е делото на Џејмс Камерон од 1997-ма година, за чие создавање повторно беа изградени три четвртини од оригиналната големина на бродот. Делото стана блогбастер. Точно на 100 годишнината од јубилејот на првото патување и трагедијата се појави 3Д верзијата на филмот на Камерон.

Научникот Роберт Балард осигура повторно враќање на Титаник на насловните страници ширум светот со откривањето на остатоците од бродот на 3.800 метри длабочина. Истражувачите даваат нови претпоставки и наоди за точното објаснување и за причината на потонувањето. Теориите за заговор, дека Титаник бил една голема осигурителна измама, како и спектакуларните аукции со остатоците од Титаник не стивнуваат и денес во привлекувањето на вниманието на јавноста.