1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Митриќески: „Цар Самоил“ е мојот животен проект

Македонскиот режисер Антонио Митриќески влегува во нов филм. Во очекување на премиерата на неговиот филм „Деца на сонцето“, тој се подготвува за „Цар Самоил“, за кој вели дека ќе биде монументален, епски и раскошен филм.

Долгометражниот филм „Цар Самоил“ е дел од годишната програма за финансирање на филмски проекти од национален интерес за 2014 година и со уште два филма го доби максималниот износ - секој по 30 милиони денари од Филмскиот фонд на Македонија.

Задоволни ли сте од поддршката за новиот филм зад кој стоите како режисер, сценарист и продуцент?

Митриќески: Секако, станува збор за монументален проект на кој работам долги години и мислам дека на секој режисер би му било задоволство да реализира еден таков проект. Инаку, „Цар Самоил“ беше одбиен на минатиот конкурс.

Се зафаќате со крупна историска тема и личност, а историјата е терен за битка на различни вистини. Што Ве фасцинира во овој дел од нашето подалечно минато за да го преточите во филмска приказна?

Цар Самоил бил роден во Преспа, личност која поседувала сила и жестокост и успева да го освои Балканскиот полуостров, да ги обедини народите, да се спротивстави на голема сила каква што била Византија. Се осмелил да војува против Василиј II, кој бил исто така една моќна личност која целиот свој живот го посветила на Византија, така што сакам филмот да го прикаже и конфликтот меѓу овие два лика. Најмногу ме фасцинира што Цар Самоил е лик кој ја црпел силата од народот. Исто така, и богомилството кое започнува тука, ќе биде опфатено во филмот. Со еден збор, со овој филм сакаме да ја покажеме вистината.

Antonio Mitrikeski

Филмот е голем епски филм за вистината, што го носам одамна

Знам дека долго истражувате за овој филм. Кога знаевте дека „Цар Самоил“ такаречи „Ви легна“ како лик за големото платно?

Како проект „Цар Самоил“ го носам одамна. Мојот татко направи прекрасен портрет на Самоил од дрво и таа скулптура некако се врежа во мене. Читав голем број историчари, византиски, европски, и секаде се истакнува дека тој бил силна и едноставна личност. А за еден историски филм е прилагодлив за главен лик. Продолжив да истражувам и сакав да покажам како Самоил создава своја монархија, повеќенационално царство на Балканскиот полуостров кое ги потресло темелите на Византиската империја; како е крунисан во црквата Света Софија во Охрид; ослепувањето на неговите војници и на крајот - неговата смрт. Филмот има акција, цел и многу силни филмски ликови.

Овој филм ќе биде поинаков од поетичниот „Преку езерото“ (1997), од „Како лош сон“ (2003), специфичен по својата симболика, од „Деца на сонцето“ (2013), современа љубовна приказна чија премиера ја очекуваме... Која е таа нишка што ќе ги поврзе?

Јас размислувам визуелно. Овие два филма што ги снимав во Преспа ќе направат едно поврзување со „Цар Самоил“ на истите тие локации. Поетската визуелност ќе биде белег на овој нов проект. Многу внимание обрнувам на чувствата и на колоритот на кој веќе почнавме да работиме. Ќе биде раскошен филм, но структурата - едноставна. Во таа поетска структура на една интимна исповед ќе има главни моменти - конфликт, љубов, предавство. Тука има Шекспировска драма.

Antonio Mitrikeski

„Бев одбиван на конкурсите но, мојата работа излезе на виделина“

Сценариото го работите заедно со писателот Венко Андоновски и стрип-авторот Оливер Ромевски. Во што се „најдовте“ и кога стартувате со снимање?

Мислам дека тоа е добра комбинација - Андоновски е еден од најголемите балкански и европски писатели, а Ромевски е добар околу акционите сцени, работеше на сторибордови.. „Цар Самоил“ ќе биде филм и серија од 12 епизоди. Планираме копродукција со учество на неколку земји. Ќе се снима во околината на Преспанското и Охридското езеро, Галичица, на Марковите кули во Варош, прилепско. Ќе почнеме наесен, а ќе се снима долг период - ќе има зимски сцени снимени на планина, летни сцени, но и снимање на пролет... Голема екипа од Македонија ќе работи на „Цар Самоил“.

Изгледа, македонскиот филмски амбиент е стимулирачки за Вас па не чекавте долго од последниот филм до овој најновиот (од „Како лош сон“ до „Деца на сонцето“ поминаа 10 години)?

Не чекав многу затоа што јас веќе работев на овие проекти во изминатите 8 години. Но, бев одбиван на конкурсите за финансирање - еднаш за филм со наслов „Траги“ и „Цар Самоил“ за кој исто така еднаш бев одбиен. Но, јас постојано работам, пишувам сценарија, работам на документарни филмови, па тоа сега излезе на виделина. „Цар Самоил“ сега почнува полека да се раѓа.

Што очекувате од новиот Закон за филмска дејност и каде ги лоцирате проблемите?

Овој закон е сличен на голем број други европски филмски закони. Се работи за тоа - ако еден автор добие половина или еден милион евра за филм, тогаш треба да се знае каде отишле тие пари. Сметам дека треба да се промени политиката на избор на проектите за финансирање во Филмскиот фонд и во таа комисија треба да има режисер, сценарист и продуцент. Филмскиот фонд мора да се грижи кои теми ќе ги одбира и зошто. Инаку, македонските автори добиваат шанса за снимање филмови, а авторите треба да конкурираат во европските фондови. Но немаме технички можности. Еве, „Деца на сонцето“ треба да се однесе на тонска обработка во Љубљана. Македонија треба да има филмско студио.