1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Митот и вистината за битката за Сталинград

По повод 70- годишнината од Сталинградската битка, Воениот музеј на Германија постави извонредна изложба. Дали оваа битка навистина била одлучувачка за Втората светска војна?

Пред 70 години, на 2. февруари 1943 година е завршена битката за Сталинград. Неа ја сметаат за една од најкрвавите битки во Втората светска војна. Зборот „Сталинград“ во целиот свет стана синоним за воени ужаси.

Името Сталинград веќе долго време не може да се најде на географската карта на светот. Градот веќе одамна се вика поинаку- Волгоград. Сеедно, во свеста на луѓето името Сталинград никогаш не избледело. Поради што останатите важни битки во Втората светска војна, како оние кај Москва или Курск не оставиле така длабок печат во сеќавањата?

Во Воено- историскиот музеј на Германската војска во Дрезден туку што е поставена извонредната изложба посветена на битката за Сталинград. А организаторот на изложбата се обидува да одговори на прашањето зошто оваа битка оставила во свеста на луѓето длабока трага?

Сталинград како медиумски настан

На изложбата може да се види секако автоматско оружје или тенкови со противоздушна одбрана. Но не само тоа. Тука е и една усна армоника, која послужила како трофеј, како и накитеното божиќно дрвце. Него зимата 1942. година го пратил главниот командант на воздушните сили Херман Геринг во Сталинград за да им го подигне борбениот морал на замрзнатите германски офицери.

Сепак најголемата особеност на оваа изложба лежи во тоа што таа документира на кој начин е претворен Сталинград во мит и тоа многу порано пред започнувањето на самата битка. Меѓу изложените предмети се наоѓаат и германски весници кои уште во април 1942. година пишувале за сигурна победа на Волга. Можат да се видат и советски летоци против Хитлер на германски јазик како и британски весници чии извештаи биле полни со надеж за победа на советските сили.

Најважната битка во Втората светска војна?



Сите тие работи треба да покажат на кој начин во свеста на луѓето се создал митот за Сталинград. „Сликата за Сталинград“ свесно е создадена и сите страни ја користеле за сопствени пропагандни цели. Историчарите укажуваат на тоа дека Сталинград можеби воопшто не била олучувачка битка во Втората светска војна. Кустосот на изложбата Јенс Венер смета оти таа не била најважна на германско- советскиот фронт. „Кога ќе помислите на 1942. година, значи на германскиот напад на Советскиот Сојуз, како се развивала војната се’ до битката за Москва, тогаш гледате дека решението паднало веќе таму“, кажува тој во разговорот за ДВ.