1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Мистериозното убиство на една полицајка

Мишел Кизеветер беше последната жртва на неонацистичката ќелија НСУ. Сѐ уште се шпекулира за причините за нејзиното убиство. На процесот во Минхен се сослушуваат првите сведоци.

Уве Бенхарт и Уве Мундлос наводно убиле десет луѓе. Девет од жртвите биле од странско потекло. Полицајката Мишел Кизеветер е единствената жена меѓу убиените. Настрада на 25 април 2007 година во Хајлброн. Нејзиниот колега Мартин Арнолд го преживеа нападот во кој беше тешко ранет.

Деновиве тој сведочи пред судот во Минхен. Но, неговото сведочење тешко дека ќе открие нешто ново затоа што тој не се сеќава на речиси ништо.

Државниот обвинител Херберт Димер е убеден дека убиството на полицајката имало идеолошки мотиви. Таа во очите на злосторниците ја претставувала правната држава. Убиена е во момент додека со колегата била на пауза на периферијата на еден парк.

Димер верува дека двајцата полицајци биле случајно избрани жртви. Тој нагласува дека нема докази дека во убиството биле вмешани и некои други лица од десничарската политичка сцена, за што се шпекулираше во германскиот печат.

NSU Prozess Tatwaffe Ceska 83 Archivbild

Пронајдениот пиштол во домот на обвинетите

Убиството на Кизеветер се споменува и во видео-записот кој на медиумите во Германија наводно им го испратила прво-обвинетата Беате Чепе. Тоа видео било испратено во ноември 2011 година, откако јавноста дозна за постоењето на неонацистичката ќелија НСУ. Во тој момент соработниците на Чепе, Уве Мундлос и Уве Бенхарт веќе биле мртви. Тие извршиле самоубиство пред да бидат уапсени. Во станот во кој се самоубиле, полицијата пронајде два службени полициски пиштоли. Обвинителството тврди дека обвинетата Чепе, по самоубиството на нејзините пријатели, го полила станот со бензин и го запалила во обид да ги уништи доказите. Сепак, не успеала да ги уништи сите докази.