1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Мистериозната смрт на кралот од бајките

Кралот Лудвиг Втори Баварски до денешен ден ги фасцинира не само Германците, туку и туристите од цел свет. И по 125 години од неговата смрт, во Минхен остави бројни траги.

default

Загатка и за време на животот, како и денес

Тој е еден од најпознатите Германци во светот: Лудвиг Втори Баварски.

Роден е на 25 август 1845 година во дворецот Нимфенбург кај Минхен, а умре на 13 јуни 1886 година на езерото Штарнберг. Зборот „владееше“ не е сосем соодветен кога се работи за баварскиот крал Лудвиг Втори, зашто тој не беше конвенциинален владател - политиката, војните и управата воопшто не го интересирале. Тој се ангажирал на полето на уметноста, градел помпезни дворци и го помагал познатиот германски композитор, Рихард Вагнер.

Туристичка атракција

Баварија е во сино. Оваа 2011 година е прогласена за т.н. сина година. Со изложби, манифестации, концерти, излети по трагите на кралот, се потсетува на познатиот Лудвиг Втори. Тоа наидува на голем интерес кај туристите

„Овој крал бил светски феномен. Неодамна овде имавме делегација од Кина, од Тајван, кралот Лудвиг е познат насекаде, а во Азија е посебно омилен. Во САД  правев низа презентации за Лудвиг Втори. Да не зборувам пак олку го сакаат во Франција, зашто бил франкофон и го имитирал Кралот-сонце“, вели Габриеле Вајсхопл, шефицата на минхенската туристичка служба.

Нејзина заслуга е што оваа година е во знакот и духот на Лудвиг Втори. Таа се погрижи главниот баварски град Минхен да профитира од славата на Лудвиг Втори, иако тој повеќе го мразел отколу што го сакал градот кој службено бил негово седиште.

Flash-Galerie 125. Todestag König Ludwig II. von Bayern

Еден од дворците во Баварија

Куп книги за познатиот крал

Секоја германска генерација имала своја интерпретација на кралот Лудвиг Втори. Денес луѓето најмногу се фасцинирани од неговата омраза кон војната и од љубовта кон уметноста. Но, туристите посебно ги превлекуваат дворците кои ги градел инвестирајќи во нив огромни суми пари. Меѓу најпознатите се дворците Линдерхоф и Нојшванштајн.

„Дворецот Нојшванштајн е познат во цел свет. Но, имаме и американски туристи кои прашуваат ’Кој е оригинален? Оној во Дизниленд или овој во Баварија?’’’, вели Астрид Гансен од Туристичкото биро во Минхен.

Што е вистина, а што е мит, каде престанува историјата, а каде почнува легендата, тоа кај Лудвиг Втори веќе никој не знае со сигурност. Минхенскиот историчар Клаус Рајнхолд заедно со Томас Ендл напиша книга за баварскиот крал.

„Постојат 5798 книги за кралот Лудвиг Втори, ние ја напишавме 5 799-та. Многумина поставија прашање, што е вистина, но тоа ми изгледа погрешно. Вистинско прашање е, какво влијание имал Лудвиг Втори на луѓето и светот околу себе?“

Уште во негово време, тоа влијание било енормно. Умрел  многу млад и под мистериозни околности. Неговите посмртни останки се наоѓаат во кралската гробница во Михаеловата црква во срцето на Минхен.

„На денот кога бил погребуван, беснела голема бура. Само што ковчегот со неговото тело бил пренесен в црква, небото буквално се отворило. Дословно може да се каже дека е погребан со грмотевици и секавици. Дури и удрил гром, од чија силина неколкумина луѓе биле фрлени на ѕидот на црквата. А потоа од небото се слушнал силен грмеж. Кралот секогаш ќе остане легенда за Баварија и за Минхен“, раскажува туристичкиот водич Гертруд Шалер.

Flash-Galerie 125. Todestag König Ludwig II. von Bayern

Дворецот Нојшвајштајн

Мецена на Рихард Вагнер

Митот за Лудвиг Втори е потхранет и од неговиот интерес за Рихард Вагнер. Кралот бил негов голем мецена. Постојано бил во раскошното здание на минхенската опера.

„Можел добро да се види, зашто во неговата ложа постојано горело светло за да може да ги следи нотите и да контролира дали сите оперски пејачи пеат правилно и дали го запамтиле својот текст. Тој се‘ внимателно следел“, вели младата жена која ги води посетителите низ операта.

Сепак, владателот кој не сакал војни, баварската легенда и крал од бајките, Лудвиг Втори, ќе остане вечна загатка.

Автор: Јохен Киртен/ Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев