1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Мир-нова инвестиција на „сиромашниот милионер“ Субрата Рој

Дел од аналитичарите се сомневаат во искреноста на мировната иницијатива на Субрата Рој, други му даваат шанса, но генерално јавноста во Македонија е скептична кога ќе се спомне неговото име.

Откако Скопје осамна со билборди за Балкански мировен фестивал во организација на групацијата „Сахара" на индискиот мултимилионер Субрата Рој, во Македонија се ројат многу прашања. Зошто во Македонија организира мировен самит? Дали патот до мирот е поплочен со искрени или со инвестициски намери за ребрендирање на неговиот нарушен бизнис и морален кредибилитет? Дали Владата на Македонија, која е покровител на фестивалот, е сигурна дека промоцијата на мирот во организација на „Сахара" е навистина мотивирана од мировни, а не од некои други интереси?

Штафетата отпадна

На фестивалот, кој започна синоќа на плоштадот во Скопје со перформанс на танчери од Македонија и од студиото на Шајмак Давар од Индија, присуствуваа премиерот Никола Груевски, министри и градоначалници. Манифестацијата заврши со спектакуларен огномет, а за денеска (02.10) е предвиден мировен самит, на кој, организаторите го најавуваат присуството на поранешниот британски премиер, Тони Блер. Најавената штафета на мирот беше откажана, наводно, поради студеното време, но извори упатени во организацијата на настанот тврдат дека спортски и естрадни личности одбиле да трчаат со штафетата, стравувајќи дека ќе бидат изложени на потсмев во јавноста.

Mazedonisch-indisches Fest 01.10.2013 in Skopje

Фестивал со танчери од Македонија и од студиото на Шајмак Давар од Индија

А реакциите во јавноста се различни. Дел од аналитичарите се сомневаат во искреноста на иницијативата на Рој, други „му даваат шанса". Еден од нив е универзитетскиот професор Димитар Мирчев.

„Не ги познавам деталите и суштината на стопанскиот и морален кредибилитет на Субрата Рој, но ми се чини дека секоја иницијатива или акција за мир на Балканот се добродојдени. Особено ако се поддржани од личности како Тони Блер и други. Апсолутно не ми се верува дека еден британски премиер би учествувал во кампањи организирани од морално некредибилен или контроверзен бизнисмен или човек како што го претставуваат Рој. Досега земјава немала случај на злоупотреба на својот имиџ или кредибилитет од страна на странски инвеститори. Ако 'Сахара' успее, секоја чест и пофалба. Ако не, нејзин ќе биде неуспехот и загубата. Но, Македонија нема некоја врска со тоа, ниту со евентуалниот нарушен имиџ на Рој и 'Сахара'", вели Мирчев.

Некои македонски медиуми објавија дека Блер, кој за минута говор наплатувал по седум илјади евра, бесплатно ќе учествува на мировниот самит, бидејќи му бил пријател на Рој.

Секој има свој Субрата

Нано Ружин, универзитетски професор и поранешен македонски амбасадор во НАТО, вели дека политичарите низ историјата често имале свои „Субрати" во разни верзии. „Во времето на претседателот на Франција, Жискар Дестен, беше познато неговото пријателство со Бокаса и аферата со дијамантите. Заради Бокаса, Жискар ги изгуби изборите. Саркози се потпираше врз пријателството со Башар ал Асад и Гадафи од кои доби огромни суми пари. Рој е богаташ, но и манипулант од висок профил. Тој на сопствената држава и должи милијарди, а надвор се расфрла со тие исти пари што ги должи кон индиската сиромаштија. За него важи правилото - ако не можеш некоја работа да ја завршиш со пари, тогаш ќе ја завршиш со многу пари. Го носи за големи пари во Скопје Тони Блер, а на видео-бим веројатно нарачува, како на свадба, говор за 50.000 долари, за посупешно да ја изманипулира македонската јавност. Ветува сѐ, но воедно е и заложник на сопствените ветувања. Од едно ветување кое не го исполнил оди на уште поголемо, за да се заборави претходната манипулација. Феноменот 'Субрата Рој' заедно со феноменот 'признавање на Тајван', се настани кои го рушат надворешниот имиџ на државата и на политичката елита која ги поддржува. За крај една дилема: кој со сигурност може да тврди дека трошоците за овие настани можеби не ги поднел и некој од мистериозните фондови на луѓе блиски до владата на РМ", прашува Ружин.

Субрата Рој во Индија е осуден за даночна измама и му се замрзнати сите сметки и имот. Задолжен е да врати 4,5 милијарди долари кои им ги должел на оштетени индиски граѓани - штедачи во една од неговите компании. Рој во Македонија најави инвестиција од 211 милиони евра во наредните три години во агрокомбинатот Џумајлија. Планира изградба на фарма за 20.000 грла добиток, објекти за производство на сточна храна, но и капацитет за преработка на 300.000 литри млеко дневно.

Mazedonien Ljubanisko pole

Љубаниско Поле

Владата веќе го пренамени земјоделското земјиште кај Љубаништа во градежно, со што може да започне и изградбата на големиот туристички комплекс на Рој, против кој својот глас го кренаа еколозите, владици на МПЦ, а многубројни прашања беа поставени од УНЕСКО, но и од соседна Албанија поради најавените градежни работи во граничниот појас. Рој, кој во Индија важи за мултимилијардер и еден од десетте најбогати луѓе, себе си во една прилика се претстави како човек кој поседува имот вреден само 1 милион евра. За пресудите на идиските судови, во интервју за „Утрински весник" изјави: „Тоа се само приказни, во суштина се едно големо ништо. Пред сѐ, нема никаква истрага во Индија за мене и сите активности се одвиваат според процедура. Има само одредени случаи, за кои ни од далеку не може да се каже дека на кој било начин ќе влијаат врз нашата инвестиција во Македонија".

По стапките на Ганди

India Mahatma Gandhi

Махатма Ганди

За датум на мировниот самит е избран 2. Октомври, роденденот на индискиот борец за мир, Махатма Ганди (1869-1948), а се прославува и како Меѓународен ден против насилството.

Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор во Лондон, Ѓорѓи Спасов, вели дека ова што се нарекува Балкански фестивал на мирот во Скопје ќе биде само уште еден мајтап со граѓаните на Македонија, под покровителство на Владата.

„Ќе бидам изненаден, но и длабоко разочаран ако навистина на она што се најавува како Самит на мирот се појави Тони Блер, бидејќи искрено верувам дека и нему му се достапни информациите за пресудата на индискиот суд во врска со измамите на Субрата Рој во висина од 4,5 милијарди долари. Испитувањата на јавното мислење во Македонија покажаа дека граѓаните врз основа на информациите што им се достапни, ниту имаат позитивно мислење за Субрата Рој, ниту веруваат во највените инвестиции од негова страна. Со овој вид фестивали тој нема да придонесе ни за унапредување на мирот, кој за среќа го имаме, ни за подобрување на сопствениот углед. Штета што роденденот на големиот Махатма Ганди е избран за една таква имровизација. Ганди би бил посреќен неговиот роденден да се слави тивко, со молитви и со дарување на сиромашните, а не со фестивали организирини од милијардери кои во неговата земја се осудени за измама на милиони сиромашни граѓани", вели Спасов.

Се чини дека токму некои од најпознатите изреки на Ганди, го даваат одговорот на дилемите во македонската јавност: „Слободата не вреди да се живее ако во неа не е вклучена и слободата да згрешиме"... „Не постои пат кон мирот. Мирот е патот"... „Светот има доволно за сечија потреба, но нема доволно за сечија алчност".