1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Мирјана Карановиќ, најдобра актерка на „Косово инфест 2005„

Неделава во Приштина по втор пат беше одржан меѓународен театарски фестивал „ Косово инфест 2005„ на кој учествуваа драмски куќи од седум европски земји. Фестивалот имаше натпреварувачки картактер, а беа доделени вкупно пет награди. Две од нив му припаднаа на камерниот театар 55 од Сараево. Поточно на Дино Мусатфиќ за најдобра режија и на Мирјана Карановиќ за најдобра глума во преставата „Хелверовата ноќ„

.

Познатата белградска глумица, Мирјана Карановиќ и нејзиниот колега од Сараевo Ермин Браво, во преполната сала на Народниот театар во Приштина беа испратени со несекојдневен аплауз и овации. Мирјана Карановиќ е горда што игра во преставата:

„ Многу сум горда што успеав да воспоставам комуникација, длабока човечка и емотивна комуникација со луѓето кои живеат во овој град. Тоа е она заради кое верувам во оваа професија која ја работам. Заради кое верувам дека уметноста луѓето ја создаваат со совојата душа и тело со цел да се воспостават прекинатите врски меѓу луѓето. Без разлика што помеѓу Србија и Косово има еден длабок јаз. Мене ми е мило, дека јас сум барем на дното на тој почеток на воспсотавување на каква таква комуникација помеѓу двете општества, кои се толку испокарани меѓу себе„

Дејствието во драмата „Хелверова ноќ„ се одвива во триесетите години од минатиот век во нацистичка Германија, кога на мета беа пред се евреите и ментално заостанатите луѓе. Мирјана Карановиќ ја игра улогата на мајка која го убива својот посвоен ментално ретардиран син, пред тоа да го сторат нацистите. Карановиќ вели дека во текстот препознала многу нешта што ги преживуваа народите на балканот изминатите 15 години

„ Речиси сите народи на балканот ја доживеаа оваа судбина. Тоа се недолжни луѓе кои страдаа. Едноставно страдаа заради тоа што се викаат поинаку, што е навистина ужасно. Имаме жртви на сите страни. Страшно е што политичките лидери со жртвите од сопствениот народ маватаа како со некои бајраци и се фалат со тоа. И тоа се некакви нивни политички поени. Тие зборуваат за сопствениот народ и за неговото страдање, како да е тоа некакво алиби за она што можат да им го сторат на некој друг народ. Тоа е едно лицемерство кое мене лично длабоко ме навредува„

Мирјана Карановиќ, која покрај актерството е позната и како борец против неправедноста и диктатурата, вели дека во деведесетите години се вклучила во борбата против режимот на Слободан Милошевиќ, сметајќи дека е лична одговорност јавно да го соопшти својот став. За надминување на постојните поделби според нејзе е потребно уште многу трпение и толеранција:

„ Јас мислам дека тоа ќе трае многу долго, но дека на крајот ќе победи животот. Тоа е неминовност, на која не учи историјата. Ако внимателно сте слушале на часовите по историја и сте ги научиле лекциите по историја, тогаш знаете дека е тоа можно. Дека и крвните непријатели на крај можат убаво и сосема мирно да живеат едни покрај други. Потребни се можеби 50, 100 години, но на крај тоа мора да се случи„