1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Мирот - најважна „одредба“ од Охридскиот договор

Македонското општество со Охридскиот договор покажа инклузивност за потребите на албанската и на другите етнички заедници, велат учесниците во неговото донесување.

Договор што ја смени Македонија, што ѝ обезбеди мир, што ѝ го отвори патот за интеграциски процеси, договор за надминување на меѓуетнички конфликти или само најкраток пат за „рамковни вработувања"? Дванесет години од неговото потпишување, сѐ уште се бараат одговори на прашањата: Што ѝ донесе Охридскиот договор на Македонија?

И донесе мир, вели Љубчо Георгиевски еден од потписниците на Охридскиот договор. Според него, главната поука од него е дека Република Македонија покажа капацитет да обезбеди мир, дека нема право на национализам и дека политичарите не смееат да го потценуваат тоа што се случи во 2001 година.

„Мирот не доаѓа сам по себе. Во него мора постојано да се инвестира. Гледаме дека на секои две години има напнати меѓуетнички ситуации кои можат да ескалираат. За жал, во последниве години, се забележуваат тенденции од одредени лица од една страна да го злоупотребуваат конфликтот, а од друга страна да се однесуваат како Охридскиот договор воопшто да не ја променил Македонија. Злоупотребите во политиката, во комбинација со мобилизација на наивни патриоти, создава атмосфера која може да инсценира не само нови конфликти, туку и радикални политички промени", предупредува Гергиевски.

Нека учат од Трајковски

Професорите од Правниот факултет, Љубомир Фрчкоски и Владо Поповски, беа двајцата домашни експерти кои заедно со странските учествуваа во подготовката на Рамковниот договор, со кој на 13. август 2001 година беше ставен крај на оружениот конфликт.

Ljubomir Frckoski

Љубомир Фрчкоски

Според Фрчкоски, три најважни елементи го карактеризираат договорот. „Мирот е најважната придобивка од него и тоа не смее да се заборави. Дванесесет години подоцна, се изгледа лесно, но во 2001 не беше така. Второ, македонското општество покажа инклузивност за потребите на албанската и на другите етнички заедници. Тој принцип на инклузивност стана обврска со која се менува политичката култура во Македонија. Трето, се покажа што значи политичка одговорност. Целиот товар на свој грб го понесе тогашниот претседател Борис Трајковски, кој 'заработи' рејтинг од само 1,5 отсто, но ги издржа сите притисоци. Денес над 60 отсто од граѓаните имаат позитивен однос кон Охридскиот договор, а оние кои се повикуваат на политичка одговорност и лидерство, нека учат што е одговорност од примерот на Трајковски", вели Фрчкоски.

Според него, задоцнето сфаќање на важноста и придобивките од договорот, е резултат на чувството на поголемиот дел од Македонците дека земјата која била кооперативна со меѓународниот фактор неправедно била „казнета со војна". Доживеан како елемент на понижување, договорот беше предмет на амбивалентно чувство дека ако мора да се прифати, не мора и да се слави, па „авторските права" за прославите на неговите годишнини доброволно му беа препуштени на албанскиот политички блок.

Инерција на национализмот

Владо Поповски предупредува дека инерцијата на национализмот сѐ уште не е надмината, а договорот подолг период се користи во изборните трки за обезбедување на политичка поддршка во време кога невработеноста е висока, а процедурите за вработување не зависат само од правните норми.

Professor Vlado Popovski

Владо Поповски

„Охридскиот договор во еден дел е мировен договор. Во јавната свест претежна фактот дека тој е модел на правно-политички поредок кој ѝ обезбеди мир и одржливост на Македонија и рамноправност, која не е декларативна. Граѓаните денес го ценат мирот, а индикатор за тоа е процентот на поддршка што му ја даваат на договорот. Пред Рамковниот договор имаше состојба на ексклузија - исклученост на немнозинските заедници од застапеноста во јавната сфера. Денес има висок процент на инклузија, а доказ за успешниот процес е фактот што решенијата од овој договор се преземаат и од други, дури и од помалку хетерогени општества на кои им се заканува расцеп на меѓуетнички план", укажува Поповски.

Договорот нема тајни анекси, но има јавни резултати, се согласуваат нашите соговорници. Мухамед Хоџа, портпарол на Владата од редовите на ДУИ, вели дека албанската заедница исклучително го цени договорот кој донесе мир и и ги отвори вратите на Македонија кон ЕУ.

„Сите одредби од Рамковниот договор кои се дел од Уставот покажуваат дека се унапредени правата на Албанците и на другите етнички заедници во однос на соодветната застапеност и во однос на употребата на јазиците. Остануваат уште некои неспроведени обврски, но Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор интензивно бара решенија за нив", вели Хоџа.

Незавршени обврски

Дел од незавршените обврски се решавањето на социјалниот статус на учесниците во конфликтот и враќањето на внатрешно раселените лица. Законот за бранители и прашањето за социјалниот статус на поранешните борци на ОНА кои беа повод за минатогодишната криза во владината коалиција, засега се држат под „низок напон". Околу 200 внатрешно раселени лица - Македонци од Матејче, Опае и Арачиново, водат битки со државата за решавање на прашањето со нивните живеалишта.

Mazedonien

Претставниците на меѓународната заедница посредуваа за надминување на конфликтот

Дел веќе обезбедија нови домови во Куманово, а дел не сакаат да се вратат во старите. Некои се чувствуваат небезбедно, други тврдат дека оштетата што ја добиле од државата не е доволна за санација на старите, а уште помалку за изградба на нови домови.

Незадоволство од стандардот има и кај Албанците во поранешните кризни региони. Поранешни борци на ОНА од Слупчане тврдат дека за помош на кризниот регион во 2001 година биле собрани милиони евра од Албанците иселеници во западна Европа, но завршиле во џебовите на политичарите, додека во нивното село не е ништо вложено уште од времето на Тито!

„Албанците, а веруваме и Македонците, непотребно војуваа, а за тоа време на нивна сметка некои профитираа. Овде ништо не е инвестирано, децата нема каде да учат, нема инфраструктура, фекални води течат по улиците, а нема ни вода за пиење. Нека се засрамат од тоа што го работат", велат жители од Слупчане.

Но, денес, на 12-годишнината од Охридскиот договор главната дилема не е како да се реши ова прашање, туку во каков формат министерот за одбрана Талат Џафери да се поклони пред споменикот на загинатите борци на ОНА во Слупчане: дали во придружба на униформирани претставници од АРМ, како што тоа лани го направи неговиот претходник Фатмир Бесими, или со цивилна делегација од Министерството за одбрана? За цивилните проблеми ќе се размислува потоа.

Поврзана содржина