1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Мировната награда на германските книжари за Орхан Памук

Врачувањето на наградата секоја година е кулминација на традиционалниот саем на книги во Франкфурт на Мајна

Од денешната свеченост: Орхан Памук

Од денешната свеченост: Орхан Памук

53-годишниот Орхан Памук, во меѓународната јавност најпознат современ турски писател, е награден со реномираното признание дотирано и со 25 илјади евра, како посредник меѓу Европа и муслиманска Турција. „Со наградата за Орхан Памук му се оддава признание на еден писател, кој како ниеден друг творец на нашево време ги следи историските траги на Западот во Истокот и на Истокот во Западот, кој се обврзува кон поимот за култура во целост базиран врз знаење за другите и респект спрема нив. Орхан Памук создаде дело во кое се поврзуваат Европа и муслиманска Турција“ – образложи Дитер Шорман, претседател на Берзанското здружение на германските книжари на свеченоста во франкфуртската црква „Свети Павле“.

Поетот и преведувач Јоахим Сарториус го означи Памук како „среќен случај“ оти на Германците може да им ја објасни за нив и натаму толку туѓата Турција. „Оние кои вообичаено зборуваат и известуваат за тоа, сите следат одредени интереси. Писателот е единствениот кој не запознава со таа земја“ – рече Сарториус на адреса на политичарите, офицерите и историчарите. Тој го истакна политичкиот ангажман на Памук, кој во Истанбул е обвинет поради навреда на Турците оти во едно интервју зборуваше за масакрот врз еден милион Ерменци и 30 илјади Курди во првите децении на минатиот век. Смело и бестрашно Памук го крева гласот и бара искреност од својата земја, рече Сарториус.

Заблагодарувајќи се на признанието, Орхан Памук критикуваше дека одредени кругови во Европа ги користат „реалните визии“ за пристап на Турција кон ЕУ за создавање атмосфера против неговата татковина. Без да наведе имиња, тој се пожали и дека некои политичари на парламентарните избори се профилирале на сметка на Турција и Турците. Ако во Европа се распалува непријателство спрема Турците, „тогаш тоа, за жал, води кон развивање спрема Европа непријателски национализам во Турција“ рече Памук и додаде: „Како што не можам да си претставам никаква Турција која не сонува за Европа, така и не верувам во некаква Европа која се дефинира себе си без Турција“.

Името на Орхан Памук се вреди покрај такви како Алберт Швајцер, Херман Хесе, Јехуди Мењухин, Вацлав Хавел, Марио Варгас Љоса, Јирген Хабермас или Сузан Зонтаг, кои се меѓу досегашните добитници на Мировната награда на германските книжари.