1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мировен договор со историско значење

Пред триесет години беше потпишан мировниот договор од Кемп Дејвид. Тој беше пресвртница во блискоисточниот мировен процес и основа за понатамошните чекори.

default

Мир меѓу Израел и Египет

На 26 март 1979 година, еден продавач во Вашингтон не знаеше каде се наоѓаат Ерусалим или Каиро на Блискиот исток, иако неговата продавница се наоѓаше на само неколку метри од Белата куќа, каде во тоа време се пишуваше историја: американскиот претседател Џими Картер, неговиот египетски колега Анвар ес Садат и израелскиот премиер Менахем Бегин го потпишуваа мировниот договор од Кемп Дејвид меѓу Египет и Израел. Прв мировен договор меѓу Израел и една арапска држава, којшто истовремено е и најголем и најважен.

Jimmy Carter

Поранешниот американски претседател Џими Картер

Џими Картер беше многу задоволен: „Двајца државници, големи за историјата на нивните нации, претседателот Анвар ес Садат и премиерот Менахем Бегин, го водеа овој процес и покажаа храброст и инспирација како еден генерал, кој ги води војниците со оружје во битка.“

Две години претходно, претседателот Садат неочекувано најави дека е подготвен „да оди до крајот на светот, дури и во израелскиот Кнесет“ за да се постигне мир во регионот. Во Израел, но не само таму, по изборот на националистот Менахем Бегин луѓето почнаа да губат надеж дека ќе има мир. Но, тој го покани Садат во посета, и тој дојде во Ерусалим. Од интензивните мировни преговори, една година подоцна, произлезе познатиот „мировен договор од Кемп Дејвид“.

Договор за решение на проблемите

Политичари од целиот свет беа на чинот на потпишувањето во Белата куќа. Немаше само претставници од арапскиот свет, пред се’ Палестинци. Тие беа против договорот и го бојкотираа претседателот Садат. Но, тоа не го поколеба египетскиот претседател: „Египетскиот народ со своето големо наследство и уникатната историска свест од почетокот ја сфатија вредноста и значењето на овој процес.“

BG60JahreIsrael Anwar El Sadat in Israel

Израелскиот премиер Бегин и египетскиот претседател Садат

За Садат овој договор воопшто не е посебен договор за Египет и Израел, туку тој и на Палестинците требаше да им донесе решение на проблемите. Во договорот се предвидуваше временски ограничена палестинска автономија, како преодна фаза кон нивна посебна држава. Но, поради отфрлањето на договорот, ова не се оствари. Дури четиринаесет години подоцна во Осло, Палестинците беа подготвени да разговараат со Израелците за вакво нешто.

За Израел договорот го потпиша Бегин, лидерот на националистичката партија Херут, од која израсна денешната партија Ликуд на Ариел Шарон и Бенјамин Нетанјаху. „Доаѓам од земјата Израел, земјата на ционистите од Ерусалим, и стојам овде гордо, како син на еврејскиот народ, како член на генерацијата на Холокаустот“, изјави Бегин.

Тој се обврза за целосно враќање на полуостровот Синај и за признавање на принципот „земја за мир“. Потоа тој и неговите наследници го саботираа токму овој дел од израелско-египетскиот договор, со образложение дека само Јордан го следел примерот на Египет и склучил мир со Израел.

Договорот од Кемп Дејвид има историско значење

Ägyptens Präsident Anwar Sadat oder auch Anwar as-Sadat trifft sich zu Freidensgesprächen un Washington mit US-Präsident Jimmy Carter und Israels Premierminister Menachem Begin

Вашингтон 1979 година

Анвар ес Садат две години подоцна е убиен во Каиро од противниците на мирот. И покрај ова, договорот од Кемп Дејвид има историско значење, а мирот меѓу Израел и Египет е одржан до ден-денес. Меѓу двете земји не се разви пријателски однос, но, тие одржуваат коректни билатерални врски. Иако не го прифаќаат тоа со задоволство, сепак и противниците на овој договор сфатија дека мирот е единствениот пат.

Сепак постојат радикали на двете страни - особено во израелско-палестинскиот конфликт, кои сметаат дека моќта и силата, како и идеолошката тврдоглавост, се подобри од мирот и договорите. Кемп Дејвид според нив е голема грешка. За останатите во Израел и Египет, мировниот договор од Кемп Дејвид донесе мир и безбедност. И тоа веќе триесет години.

Автор: Петер Филип / Невена Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска