1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Мирни избори со нерегуларности и пристрасни медиуми

Мисијата на ОБСЕ и ОДИХР и претставниците на СЕ ги прогласија изборите за мирни, со повеќе неправилности. Биле регистрирани заплашувања на гласачите и пристрасно работење на медиумите во корист на владејачката коалиција.

default

Мирен изборен ден со забележани одредени неправилности. Ова е првичната оценка на меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ и ОДИХР и претставниците на Советот на Европа за првиот круг од локалните избори во Македонија. Во извештајот што попладнево беше презентиран во Скопје, се наведува дека изборите биле ефикасни и изразено конкурентни, но изостана оценката дали тие поминале во фер и демократска атмосфера.

„Процесот на гласање се одвиваше тивко и мирно, но сепак процедурите не беа испочитувани во некои од гласачките места што ги посетивме. Беа забележани технички неправилности. Продолжија случаите на групно гласање и не секогаш се почитуваше тајноста на гласањето. Најголемиот дел од набљудуваните броења на гласовите беа оценети позитивно, иако во дел беа забележани процедурални пропусти“, изјави шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР Герт Хинрих Аренс.

Мисијата добила кредибилни обвинувања за заплашување на гласачите и за злоупотреба на државните ресурси во кампањата: „Иако се водеше активна кампања, пристрасното и партиско медиумско покривање, мешањето на владините и партиските активности не секогаш овозможуваа терен за рамноправен натпревар помеѓу кандидатите. Меѓуетничките тензии ја засенија изборната кампања, а беа регистрирани и беа забележани случаи на владини функционери кои учествуваа во кампањата со службени возила. Јавниот сервис и неколку приватни радиодифузери покажаа пристрасност во корист на владејачката коалиција и не успеаја да направат разлика помеѓу државните активности и партиската кампања“, предупреди Аренс.

Во извештајот се забележува дека се потребни натамошни реформи во делот на законската рамка, односно во изборниот законик. Државната изборна комисија работела ефикасно и транспарентно, иако во одредени случаи биле регистрирани случаи на влијание во гласањето по партиска или етничка основа што влијaело негативно врз пристрасноста и колегијалноста. Од ОБСЕ советуваат дека е потребно и подобрување на процедурите за составување и одржување на избирачкиот список.