1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Мирните протести се легално демократско средство

Уличните протести со кои денеска стартува ДУИ не ги загрижуваат политичките аналитичари во Македонија. Тие велат дека се дозволени сите демократски средства на изразување револт, доколку тие не станат радикални.

default

Партијата на Али Ахмети протестира поради одбивањето на ВМРО ДПМНЕ да ја прими во идната владина коалиција и покрај тоа што освои повеќе гласови во албанскиот електорат од конкурентската ДПА. Потпретседателот на ДУИ, Рафиз Алити, за телевизијата Канал 5, изјави:

“Тој глас да не биде газен, бидејќи според најавите на мандатарот намерата е тој глас да се остави надвор. Тоа значи газење на Охридскиот договор, бидејќи на сите им е јасно дека Македонија е мултиетничко општество и не е таа Македонија од пред 2001 година. Сметаме дека мандатарот, без оглед на тоа кој го добил мандатот од гласачите, треба да ги почитува тие 120 илјади гласови.“

Професорот Љубомир Фрчкоски смета дека во пресрет на петгодишнината од Рамковниот договор, нема опасност по етничките односи во Македонија:

“Очекувам нормализација на политичката сцена. На ДУИ треба да и се остави достоинствено да се прилагоди на новата ситуација. Сега не треба да се прави паника од тоа дали тие протестирале. Можат да протестираат, ние имаме илјадници протести од тој вид. Мислам дека е тоа во ред. Дел од притисокот за да нема некаков друг вид протести, мислам насилни, го заврши, мислам, меѓународната заедница во Македонија.“

Поголеми тензии и радикализација на ситуацијата од протестите на ДУИ не очекува ниту политичкиот аналитичар, Ибрахим Мехмети. Но, тој сепак не ја исклучува можноста за инциденти поради тоа што смета дека Македонија сеуште нема изградено зрели политички услови:

“Ние и да сакаме не можеме да се враќаме назад бидејќи целиот Балкан оди напред и ЕУ е многу заинтересирана тоа така и да остане, значи да нема враќање назад. И, никој нема да ни дозволи да се враќаме назад. Но, ние можеме да тапкаме во место или да се вртиме во круг и тоа ќе не чини многу .“

Експертите се едногласни дека во Македонија мора да запре реториката на страв од закани. Земјата во 15 годишната историја доживеа низа форми на политички протести и затоа тие треба да почнат да се прифаќаат како нормална фаза во деморкатското зреење. Слична е реакцијата и на меѓународните дипломати. И за нив, ако протестите се мирни, тие се легитимно демократско право. Политичките ривали на ДУИ – Демократската партија на Албанците смета дека партијата на Али Ахмети продолжува со политиката на насилство. ДПА апелираше до ДУИ “да престане со неразбирливиот плач за влез во новата влада и да се соочи со реалноста.“