1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Миранда: Имаше психолошко измачување

Животниот придружник на новинарот на „Гардијан“ Глен Гринволд, Давид Миранда во интервју за ДВ ги обвини британските власти дека го измачувале на лондонскиот аеродром Хитроу.

Дојче веле: Дали сослушувањето ја поколеба Вашата верба во демократијата?

Давид Миранда: САД и Англија сѐ уште мислат дека можат да не контролираат тука во Јужна Америка. Тоа е еден вид империализам. Токму така беше кога претседателот на Боливија Ево Моралес неодамна мораше принудно да слета во Виена. Со мене го направија истото, кога ме држеа единаесет часа, девет во една затворена просторија, и два часа надвор.

По сослушувањето телесно сте неповредени...

Имаше психолошко мачење. Тие сосема јасно ми кажаа: „Кога САД и Англија ќе уапсат некого со укажување на законот за антитероризам, за нив нема граници. Тие апсат лица од различни земји, ги седнуваат во авион и ги испраќаат во Гвантанамо. Таму остануваат девет години во затвор без судска постапка, без ништо“. Затоа се има срав, кога се зборува за законот за антитероризам. Тие ми се заканија, дека ќе ме уапсат, доколку не се однесувам кооперативно. Тоа постојано го нагласуваа.

Колку службеници беа?

Седум.

Седум спроти еден?

Не, тие се менуваа.

Како го издржавтe сослушувањето?

Знаев дека мојот животен придружник ќе биде со мене и исто така верував во мојата влада. Некогаш ќе добијам одговор. Но, дури по осум часови смеев да контактирам со мојот адвокат. Најверојатно добро се понесов, бидејќи имам помалку познавања во меѓународна политика. Некој друг Бразилец можеби немаше да може толку добро да се справи со ситуацијата.

Glenn Greenwald und David Miranda

Глен Гринволд и Давид Миранда

Разговарате со Глен Гринволд за документите?

Не, никогаш не зборуваме за содржината на тајни документи. Јас се грижам за маркетиншката стратегија, ја менаџирам кариерата на мојот животен сопатник, но за содржината на документите дознавам дури кога ќе бидат објавени.

Кога бевте задржани на лондонскиот аеродром Хитроу, доаѓавте од Берлин. Што правевте таму?

Имав уште една недела одмор. Една пријателка (американската режисерка Лора Поитрас н.з.) ме покани во Берлин да поминам неколку денови кај неа. Берлин сѐ уште не го познавав и затоа ја посетив.

Дали веќе го гледавте актуелниот филм на Лора Поитрас? За што станува збор во него?

Да. Тој е документација за приказната на НСА. Јас ѝ донесов снимки, кои се направени во бразилскиот Сенат, кога Глен Гринволд сведочеше за случајот Сноуден и за известувањето.

Дали материјалот беше конфискуван?

Не. Тој е кај Лора.

Дали сметавте дека може да бидете уапсени?

Не, всушност не. Имено, повеќе лица кои се занимаваат со приказната на НСА, изминатите два, три месеци летаа преку Лондон. Тие дојдоа во Бразил или летаа за Њујорк преку Лондон, и никој не беше задражан. Мислам дека тие сметаа дека можат да прават што сакаат со еден Бразилец.

Како ја оценувате реакцијата на бразилскиот министер за надворешни работи Антонио Патриота за инцидентот?

Беше добро, тоа што тој веднаш реагираше, но според мое мислење неговиот одговор не беше доволен. Имено одлучувачка разлика е да се има одговор или да се каже „не сакам да се повтори овој инцидент“. Се надевам дека владата на нашата земја ќе дојде до став, кој ќе спречи ваков инцидент уште еднаш да му се случи на некој Бразилец.

Колку свесно ја сфаќате вашата улога во случајот?

Многу свесно. Всушност не давам радо интервјуа, туку работам во позадина за Глен. Но како бразилски државјанин истапувам во преден план, за вакво нешто да не му се случи на ниту еден Бразилец.

Во Велика Британија сакате да одите на суд. Како гласи тужбата?

Имам три барања: Судот треба јасно да стави до знаење дека законот за антитероризам бил злоупотребен. Освен тоа барам враќање на работите кои ми се конфискувани а се во моја сопственост. Најважно меѓутоа ми е да не се направат и проследат копии од податоците на мојот лаптоп, мојот мобилен и мојот екстерен хард-диск.