1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Минхен со трофеј од Суперкупот на УЕФА и во трка за ЕУРО 2020

Бајерн Минхен го освои Суперкупот на УЕФА, откако синоќа во Прага го победи Челзи по подоброто изведување пенали со 5:4 (вкупен резултат 7:6). Минхен го победи Берлин во трката за номинација за Европското првенство.

Средбата меѓу континенталниот шампион и освојувачот на Лига Европа, по 90-те минути и продолжението од половина час, заврши нерешено 2:2. Стрелци за Бајерн беа Рибери во 47-та и Хаби Мартинез во 120-та минута, а за Челзи Торес во осмата и Азар во 93-та минута.

Победникот мораше да се решава со удари од 11 метри. Сите играчи на баварците, кои шутираа од белата точка, беа прецизни, а пресуди промашувањето на Лукаку во последната - петта серија. Ова е прв Суперкуп за Бајерн, кој е единствен германски клуб што го освоил овој трофеј.

Минхен во трка за ЕУРО 2020

Германската фудбалска асоцијација го избра Минхен како германски град-кандидат за домаќин на натпреварите од Европското првенство во 2020. година. Минхен го победи Берлин во трката за номинација за Европското првенство.

Fußball Stadion Allianz-Arena München

Фудбалскиот стадион во Минхен

Одлуката беше сопштена во седиштето на Германската фудбалска асоцијација во Франкфурт.

„Ова не беше лесна одлука за нас, бидејќи имавме два силни кандидати – Минхен и Берлин, кои веќе имаат потврдено дека можат да се справат со одржување на големи настани“, рече Волфганг Нирзбах, претседател на Германската фудбалска асоцијација. „Се надеваме дека имаме големи шанси за ЕУРО 2020 со Минхен како град-домаќин“, додаде тој.

Вообичаено Европското првенство се одржува во повеќе градови во една или, пак, во повеќе земји-домаќини, како што се случи во 2012 година во Полска и Укранина, во 2008 во Австрија и Швајцарија или, пак, во 2004 во Португалија.

Треба да се нагласи дека во 2020. година ќе биде 60-та годишнина од Европското првенство, па раководството на УЕФА одлучи него да го одржи низ целиот континент со натпревари во 13 градови во 13 различни држави. Конечната селекција на 13-те градови ќе се случи во септември следната година. Во Минхен натпреварите би се случувале на Алијанц арената – храмот на бундеслигашкиот клуб Бајерн Минхен.

На оваа арена во 2012. година беше одржано финалето од Лигата на шампионите. Едно полуфинале од Светскиот куп во 2006. година беше одржано исто така таму. Некои од натпреварите на ЕУРО 1988 и финалето на Светскиот куп во 1974. година, на кој победи Западна Германија, беа исто така одржани во Минхен, но на градскиот Олимписки стадион. Алијанц арената беше комплетно изградена во 2005. година.

За Минхен сега постојат две можности поврзани со ЕУРО 2020. Едната е да биде домаќин на три групни натпревари и еден четвртфинален, а другата е во него да се одржат полуфиналињата и финалниот натпревар. Втората можност зависи од тоа дали Истанбул ќе ја добие кандидатурата за домаќин на Олимпијадата во 2020. година. Познавачите на приликите велат дека УЕФА би му го дала на Истанбул финалето, како и полуфиналните натпревари, доколку Истанбул загуби во трката за домаќин на Олимпијадата.