1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Министрите за надворешни работи на Групата Г 8 на средба во Москва

Средбата служи како подготовка за самитот во средината на јули, а денеска на дневниот ред се очекува да се најдат меѓународните кризни жаришта: актуелната ескалација на Блискиот исток, спорот околу атомската програма на Иран, како и безбедносните проблеми во Ирак.

Дел од министрите за надворешни работи на Германија во француската амбасада во Москва

Дел од министрите за надворешни работи на Германија во француската амбасада во Москва

Најголемо внимание министрите се очекува да му посветат на Блискиот исток, каде израелската армија веќе втор ден по ред спроведува офанзива во Појасот Газа. Цел на воената операција е да се изврши притисок врз палестинските екстремисти да го пуштат на слобода киднапираниот израелски војник. Евро-комесарката за надворешни работи Бенита Фереро Валднер, која е во Москва уште од вчера, изрази голема згриженост за ваквиот развој на ситуацијата:

„Ситуацијата е многу опасна и преполна со напнатост. Верувам дека е неопходно обете страни да станат свесни за својата одговорност, бидејќи може да дојде до сериозна криза што никој повеќе нема да може да ја контролира.„

И министрите за надворешни работи на Германија и на САД, Франк Валтер Штајнмајер и Кондолиза Рајс, аплираа до грабнувачите да го пуштат на слобода израелскиот војник. А Фереро Валднер додава:

„Од друга страна, меѓутоа, и Израел би требало да се потруди да постапува воздржано, колку што е можно. И треба да се погрижи за повторно вопставување на снабдувањето со електрична енергија во Појасот Газа.„

Второ жариште во центарот на вниманието ќе биде Ирак. Рускиот претседател Владимир Путин неодамна, по егзекуцијата на четворицата руски дипломати во Ирак, најави дека руските тајни служби ќе почнат вистински прогон на ирачки терористи се до нивно потполно уништување. Путин е секако во центарот на вниманието бидејќи Русија според клучот годинава претседава со Г 8. Дотолку не беше случајно што тој пред неколку дена упати многу јасна порака на адреса на САД, иако не ги спомна по име:

„Некои не‘ набљудуваат низ посебна призма и тоа со предрасуди од минатото. Тие гледаат опасност во силна Русија, што сега повторно се создава. Некои дури не‘ обвинуваат дека имаме амбиции како некои ново богаташи, па дури ни се префрла и за уцена со енергија.„

Ова е јасна реакција на остриот говор што американскиот потпретседател Дик Чејни го одржа во Балтичките држави.