1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Мина ли времето на политички ангажираниот филм?

Заврши Фестивалот на кусометражен филм во Оберхаузен

Плакат за Фестивалот

Плакат за Фестивалот

Тоа беше јубилејното 50-то издание, во чии рамки беше прикажана и ретроспектива од најважните достигања во изминатиот половина век од постоењето на еден од најважните фестивали на кусометражни филмови во светот. Тука се најдоа делата што сега славни имиња како Роман Полански и Џорџ Лукас, Александер Клуге и Кристоф Шлингенсиф ги твореле во нивните почетоци.

Фестивалот што со децении пред паѓањето на железната завеса одигра важна улога на мост кон источно-европските држави, за прв во историјата го почести со своето присуство и еден германски канцелар. Герхард Шредер го отвори јубилејното издание и вети поголема поддршка за новите генерации германски синеасти.

“Во Оберхаузен, тоа беше секогаш така, неконвенционалното добива вистинска платформа. Оној кој доаѓа овде не бара разонода, туку конфликтно соочување“ - истакна канцеларот Герхард Шредер на отворањето. И вистина е така, Фестивалот во Оберхаузен и ден денес се смета за манифестација на остварувања надвор од “меинстримот“. Околу 200 кусометражни филмови, но и музички видео-остварувања, анимирани и детски филмови беа годинава прикажани во шест категории. Меѓу нив и 68, кои учествуваа во конкуренција за престижните главни награди.

Тематски стануваше збор пред се за миграции, за меѓучовечки констелации, како и за маргиналци. При тоа исто така се забележува дека авторите се помалку работат со главна поента на филмот. Така колумбискиот режисер Мартин Мехиа во филмот “Од – Ел камино“ прикажува еден човек кој навлегува во свет меѓу соништата и реалноста, бидејќи неговиот син е смртно болен. Ова дело беше наградено со големата награда на градот Оберхаузен. Во остварувањето на Французинот Валери Жуве разни луѓе се среќаваат во еден пејсаж проникнат со автопатишта и железнички колосеци, негде во предградието на метрополата Марсеј. При тоа сите тие не стапуваат во контакт едни со други, туку само се движат во застрашувачката атмосфера исполнета со бучава од интензивниот сообраќај околу нив.

Во филмското остварување на Катрин Зигрист и Тина Хенефарт, под наслов “Рај на сликите“ се испитува односот меѓу луѓето и клишеизираните слики, кои висат на зидовите во милиони соби, како на пример постери на ферари автомобили, на песочни плажи со палми, планинска идила или пак на фотографирано цвеќе.

“И ние рековме: тоа е многу убаво за да се закачи во куќа, бидејќи е неутрално за муштериите. Секој може со него да се поистовети, без да биде одбивно... тоа едноставно хармонизира.“

За хрватскиот режисер Владо Кристл, кој на Фестивалот во Оберхаузен е присутен уште од 1962-та година, сето прикажано е премалку политички обоено:

“Она големо будење и жарот Оберхаузен да му ја покаже програмата на светот, тоа веќе го нема. Ако постои жири, тогаш тоа мора да ја преземе врз себе одговорноста навистина и да го одбере она што е неопходно во дадената важна ситуација.“

За Владо Кристл важната ситуација е “Светскиот конгрес на бездомниците“, како што е наречен и неговиот кусометражен филм што годинава беше прикажан на Фестивалот. Во него сенки на делегации на бескуќници од целиот свет маршираат во една повеќекатница.

Тоа што во Оберхаузен нема повеќе политички ангажирани филмови е секако погрешно. Но, се чини дека времето на општествената критика и револуционерните идеи е едноставно поминато. А исклучоците само го потврдуваат правилото: канадското остварување под наслов “Оската на злото“ прикажува еден пар вљубени, кои под моќните водопади на Нијагара пеат љубовна песна со точно истите зборови, со кои американскиот претседател Буш му објави војна на меѓународниот тероризам: “Иран развива програми за вооружување и извезува терор, Ирак демонстрира непријателство кон Америка...“