1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Мина времето на глумење патриотизам“

Демократската унија за интеграција и Нова демократија се договорија: ќе градат заедничка позиција во врска со уставните измени. Аналитичарите велат - една етничка хомогенизација повлекува друга.

default

Лидерот на „интегративците“ Али Ахмети за „Алсат“ кажа дека разговарал телефонски со претседателот на Нова демократија Имер Селмани и оти го прифатил неговиот предлог од минатиот викенд.

Ахмети нагласи: „Постигнавме согласност комисиите, составени од правници, дека можат да седнат, да разговараат и да ги хармонизираат ставовите.“

Но, портпаролката на ДУИ Ермира Мехмети – Деваја за Дојче веле вака го дообјаснува својот партиски шеф: „При тој разговор се расчистија дилемите како и каде ќе се усогласуваат ставовите на партиите на Албанците: тоа ќе се случи во рамки на експертската група, која е договорена на последната лидерска средба. Не станува збор за никакви дополнителни, или нови работни групи, ниту, пак, за некоја друга форма на меѓупартиско договарање.“

Селмани, инаку, рече: „Треба да имаме институционални механизми против мајоризацијата врз етничка основа во Уставниот суд, во Републичкиот судски совет, при гласањето за буџетот во Парламентот ...“

„Усогласувањето на ставовите меѓу ДУИ и Нова демократија не значи дека тие веќе се наоѓаат на исти позиции“

Дојче веле побара коментари од експертите и аналитичарите во врска со натамошниот развој на ситуацијата, особено онаа од меѓуетнички аспект, бидејќи сега се оформуваат, условно кажано, два етнички блока на различни погледи: ДУИ со Нова демократија и ВМРО ДПМНЕ со СДСМ.

Ali Ahmeti, Mazedonien

Али Ахмети разговарал телефонски со Имер Селмани

Осман Кадриу, професор по уставен и политички систем на ФОН универзитетот во Скопје, смета дека „соработката меѓу овие две албански партии може да биде рамка за приклучување уште некоја опозициона партија од албанскиот политички кампус.

Тој дополнува: „Усогласувањето на ставовите меѓу ДУИ и Нова демократија не значи дека тие веќе се наоѓаат на исти позиции. Приклучувањето други албански партии кон нив нема да значи координирање меѓу политичките субјекти од тој блок како порано кога постоеше ’Координативен совет на албанските партии’. Сега меѓу нив постојат силни конфронтации.“

Кадриу предупредува: „Ако Владата и македонските партии продолжат со ’анблок’ одбивањето на предлозите на ДУИ и од албанскиот кампус, ако нема и натаму политичка волја за нивно прифаќање, тогаш може да дојде до одредено нарушување на меѓуетничките односи. Нема да биде чудно ако во таа насока се случи и радикализирање на политичките состојби во наредниот период, можеби веќе по јуни, кога ќе треба да се изнајде решение за спорот околу името со Грција.“

Малцинските етнички заедници – фактор за деблокирање на меѓуетничките односи во земјата

Ризван Сулејмани, политички аналитичар и директор на невладиниот „Институт за интеркултурни и политички студии“ од Скопје, изнесува: „Една хомогенизација врз етничка основа неминовно предизвикува иста таква хомогенизација врз друга етничка основа. Во ситуација на поларизација меѓу двата најголеми етникума – македонскиот и албанскиот, помалите етнички заедници требаше да бидат елементот што ќе ги деблокира ситуацијата и политичкиот момент. Токму тоа е нивната улога, но, тие беа и остануваат пасивни во овој поглед.“

Wahlen in Mazedonien Kandidaten

Дали договори на ДУИ и Нова демократија ќе значат заладување на односите меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ? (на фотографијата Имер Селмани, лидер на Нова демократија)

Според Јован Ананиев, експерт за применета политика и професор на Државниот универзитет во Штип „... ако се постави прашањето: дали овие промени, што ги предлагаат, би претставувале ризик ’на мала врата’ за нашата мултиетничка демократија, одговорот би бил - „Да’. Ова го велам од причина што тоа не соодветствува со концептот на Рамковниот договор. Такво проширено толкување на тој договор би донесло на „мала врата“ – а тој ден не би бил многу далечен – најава на предлози за промена на обликот на државното уредување на Македонија.“

Назми Малиќи, професор по политички науки на ФОН универзитетот, коментира: „Секоја измена на уставот треба да биде врз консензуален принцип. Секое коалицирање меѓу партиите е дел од демократијата, што значи интегративно дејствување со одредени точки на заеднички програми. Тука не постои закана за меѓуетничките односи.“

Ананиев вака го заокружува своето стојалиште: „Не смееме да ја исклучиме можноста дека овие договарања меѓу ДУИ и Нова демократија се, всушност, повод за постапно заладување на односите меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, значи, намерно заладување од страна на ДУИ за да биде тоа причина таа да ја напушти коалицијата.“

Малиќи заклучува: „Му измина времето на секое повикување на популизам, или глумење патриоти, глумење националисти. Ова време секако ќе помине и за ВМРО ДПМНЕ. Не може веќе да се врати тој филм, тоа време не можат да го вратат ниту овие партии, кои мислат моментно дека ќе се блокираат врз меѓунационални основи. Сепак, луѓето бараат поконкретна прогресивна програма, бараат економска стабилизација, го гледаат она што им значи подобро живеење.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска