Мило, црногорскиот крал | Свет | DW | 16.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мило, црногорскиот крал

Понекогаш ми се чини дека Црногорците навистина пронашле политички времеплов. Тој се вклучува на избори и низ временски вртлог нѐ исфрла во истиот ден. Денот кога победува Мило Ѓукановиќ, коментира Драгослав Дедовиќ.

Изгледа дека постојат три Црни Гори. Една е задоволна од она што го има во џебот и во срцето. Поклониците на оваа Црна Гора знаат дека нивната земја не е баш Монако, но ќе биде. Нивното свето тројство се состои од помпезни поими - ЕУ, НАТО и евро. Генијалноста на нивниот водач се огледа во алхемиско претворање на тие увезени поими во црногорски патриотизам. 

Другата Црна Гора никако да достигне до половина излезност на избори. Со празни џебови се, велат, неслободни и со тегобно срце. А во тоа срце сѐ и сешто- од принципите на Француската револуција преку мајор Ѓуришиќ до повикот на мајчица Русија. Кога слушам што велат нејзините оратори, тогаш Црна Гора испаѓа приватна држава на некој злобен и опасен кум. Само никако да ги убедат гласачите да се борат против нечесноста, а не за тоа да станат кумови наместо кумот. 

Третата Црна Гора (околу третина од полнолетните граѓани), не излегува на избори. Тие мислат дека не зависи ништо од нив. Со тоа главно ја одржуваат првата Црна Гора на власт.

Понекогаш ми се чини дека Црногорците навистина пронашле политички времеплов. Тој, со ништо предзвикан, се вклучува на избори и, како во филмот Ден на мрмотите - целата земја и сите нас кои посматраме со неверување, низ временски вртлог нѐ исфрла во истиот ден. Денот кога победува Мило Ѓукановиќ. Сите тие три Црни Гори се како по казна заробени во тој временски вртлог.

Кои се претпоставките за излез од овој маѓепсан круг? 

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App

Драгослав Дедовиќ


Првата Црна Гора, барем некои нејзини делови, мора да достигнат точка од која се гледа дека повторувањето на истото не би претставувало победничка стратегија, туку загуба за Црна Гора. Но, и за нив лично. За нивните деца. Тоа ќе се случи кога партиската машина за вработување ќе почне да се уништува самата себе. А тоа ќе се случи кога антикорупциската пракса, не само флоскулите кои моќно звучат, ќе станат предуслов за приближување кон Брисел. Кога Мило ќе стане пречка на остварувањето на својот европски наратив. 

Повеќе: 

Вечниот Ѓукановиќ победува во првиот круг?

Кога е тешко- Мило
На добар дел од опозицијата ѝ е прекупотребна, иако е малку веројатна, политичко-вредносна катарза. Хипертрофираното его под кое потклекнуваат слабите колена на многу нејзини перјаници мора да биде предефинирано како пречка, а не како врлина. Концептот на црногорската западна иднина мора да биде социјален, партиципативен, пронижан со владеење на правото. Веројатно само доследно граѓанска Црна Гора во пристапниот процес би добила единствена шанса веродостојно да укаже на расчекорот помеѓу проевропската реторика и партократската, авторитарна пракса на власта. 

Се плашам дека се во право сите кои предупредуваа дека претседателските избори не можат да бидат само генерална проба на локалните. Можеби политиката на нагризување на питата сирење и преземање една по една општина е смислена во други околности. Во Црна Гора, како и во најголем број соседни земји, тоа значи само преземање на полупразниот локален казан и реконфигурација околу него. Големиот казан и така е невидлив и недостапен за јавна контрола. Без многу поостар закон за одземање на имотот чие потекло не може да се оправда со функционерски плати и уредно водено сметководство, без судство кое доследно би спровело таков закон и медиуми кои не би отстапиле пред тајкунскиот ќотек, сѐ ќе остане исто. 

Засега не е на повидок политичка групација со ваков вредносен растер и харизматичен лидер чиј глас би го чуле трите Црни Гори. Засега власта, опозицијата и инертната маса предводена од апстиненти се еднакво заковани за седиштата на временската машина која, ако не се помдрнат од местата, сигурно ќе ги врати во следниот Ден на мрмотите. 
 

DW.COM