1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Милошоски: Нема конкретен предлог за името

Македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, попладнево разговараше со неговиот германски колега, Гидо Вестервеле. Вестервеле истакна дека Германија го поддржува процесот за надминување на спорот.

default

Милошоски ја доби поддршката од Вестервеле

Германија и понатаму ќе го поддржува процесот за наоѓање решение за името, што се води под покровителство на ОН. Прашањето сигурно не е лесно за двете страни и затоа мора да се дојде до решение, истакна шефот на германската дипломатија, Гидо Вестервеле, по средбата со македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски во Берлин. Милошоски, кој по вчерашната посета на посредникот Метју Нимиц на Скопје допатува во Берлин, на прашањето за конкретниот предлог „Република Северна Македонија“, кој осамна во денешното издание на „Берлинер цајтунг“, истакна дека македонската страна нема конкретен предлог и дека Македонија останува активна и се залага за компромис, кој нема да го урне достоинството на земјата.

Успехот на преговорите зависи од Грција

Matthew Nimitz UN Sondervermittler in Mazedonien

Преговарачот Нимиц замина за Грција, од каде се очекува клучното решение

Во меѓувреме, македонскиот премиер Никола Груевски, одговарајќи на пратеничко прашање во македонското Собрание, денеска истакна дека владата е заинтересирана да се најде решение за прашањето за името, бидејќи тоа ќе ги придвижи процесите за зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ, а тоа е стратешка цел на земјата. „Истовремено внимаваме решавајќи еден проблем да не создадеме друг, покрупен“, рече премиерот.

Во однос на вчерашните разговори со Нимиц, Груевски истакна дека биле консултативни, а клучен е исходот од неговата посета на Грција, која како што вели, ја потенцира нејзината црвена линија, со што практично нема простор за преговори.

„Тие јавно кажуваат дека нивниот став е барање за промена на нашето име со додавање на географска одредница на зборот Македонија, најчесто ги спомнуваат зборовите ’Северна’ или ’Горна’, понекогаш и зборот ’Нова’ и тие се трите предлози што ги нудат. Покрај тоа нивниот став е дека тоа име кое што тие го нудат треба да биде за целосна употреба, внатре во земјата и надвор од границите на Македонија и имаат јасен став за негирање на македонскиот идентитет, неприфаќање на македонскиот јазик и непризнавање на името на нашата нација“, појасни Груевски.

Македонскиот премиер прецизира дека Нимиц не настапил со конкретен предлог бидејќи се уште немал средба со грчкиот премиер Папандреу, и заменик министерот Друцас и оти Македонија е во очекување што од таа страна ќе биде дискутирано, по што разговорите ќе продолжат.

Автор: Силвера Падори - Кленке / МИА / Т.Т. / Г.Ч.

Редактор: Трајче Тосев

DW.COM