1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Милошоски нема големи очекувања

Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски нема преголеми очекувања од можна неформална средба за спорот со името со грчката колешка Дора Бакојани. Милошоски ќе патува на Крф на состанок на ОБСЕ на 27 и 28 јуни.

default

Поранешна средба на македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи

Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски ќе патува на конференцијата на ОБСЕ, што наредната недела треба да се оддржи на грчкиот остров Крф. Властите во Атина му дозволија на македонскиот министер да слета на грчка територија со владиниот авион, кој ги има официјалните ознаки на земјата.

Шефот на македонската дипломатија не им посвети внимание на реакциите на опозицијата во Грција против оваа дозвола на владата на грчкиот премиер Костас Карамалис. „Сметам дека дозволата, македонската делегација да допатува на министерскиот состанок на Крф е нормално нешто, она што сите го нарекуваат взаемна и слободна комуникација“, оцени Милошоски. Македонскиот министер патува во Грција без големи очекувања, од можната неформална средба со домаќинот, шефот на грчката дипломатија Дора Бакојани. Не е извесно дали на Крф ќе допатува и американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон, поради неодамнешната повреда на лактот.

Претстои недела на нова рунда преговори

По разговорите во Женева, на почетокот на наредната недела, во Скопје ќе се врати македонскиот амбасадорот и преговарач, Зоран Јолевски. Тој ќе го информира државниот врв во Македонија, дали медијаторот на ОН Метју Нимиц ќе донесе нови услови при посетата на Скопје и Атина, на почетокот на идниот месец. Во контекст на изнаоѓање решение за проблемот со Грција, македонскиот премиер Никола Груевски неодамна истакна дека раководството на земјата со максимална посветеност тргнува во барање решение, свесно за историската улога, за државните и националните интереси.

Прашањето за името ја подели и експертската јавност околу одговорноста и политичкиот ризик, кои се сврзани со одлуката за евентуална промената на името или усвојување на нова меѓународна референца.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска