Милошоски и Димовски ни во ИК, ни во „прегратката“ на Мицкоски | Македонија | DW | 12.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Милошоски и Димовски ни во ИК, ни во „прегратката“ на Мицкоски

Станува збор за чистка, за Извршен комитет кој е правен по сугестија на почесниот претседател, и најчесто со „no name“ и послушни личности, велат извори од ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на вечерашниот избор на ИК.

„Многу тенок и лош предлог за членови на новиот Извршен комитет“. Вака извори од ВМРО-ДПМНЕ за Дојче веле ги споделуваат неофицијалните информации за најавените „големи промени“ во извршното тело на опозициската партија што треба да биде избрано вечерва, на седница на Централниот комитет.

Интересот на јавноста е насочен кон овој настан, бидејќи кадровскиот избор ќе биде првиот сигнал за политиката на новиот претседател. 

„Од старите членови на ИК, таму сигурно ќе останат Александар Николоски и Влатко Ѓорчев. Можно е во ИК да влезе поранешниот министер за финансии, Трајко Славевски, а се шпекулира дека член ќе биде и Игор Јанушев, претходниот директор на ЈСП 'Скопје', па дури и дека е можно да биде Генерален секретар на партијата. Ние, од 'пониските ешалони' не сме прашани за ништо, информациите ги добиваме од оние кои биле повикани на разговор“, велат извори од партијата.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE (Petr Stojanovski)

Христијан Мицкоски најавуваше дека има „отворена прегратка“ за сите

Според нив, за составот на ИК се предложени најмногу партиски членови кои претходно работеле во кабинетите на поранешните министри и функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а елиминирани се сите што нешто значеле во партијата, особено во пратеничката група. Како пример за тоа го наведуваат и фактот дека на списокот ги немало Илија Димовски и Антонио Милошоски, кои јавно се спротивставија на одржување на партискиот Конгрес во Валандово, заради недемократски услови. Тие дури и не биле ни поканети да присуствуваат на вечерашната седница на Централниот комитет.

„Станува збор за чистка, за список кој е правен по сугестија на почесниот претседател Никола Груевски, а новоизбраниот претседател тоа најпослушно го прифатил. Но, тоа би бил дури и помал проблем, доколку навистина беа предложени личности со богат партиски труд. Главниот проблем е што во органите на партијата најмногу се предлагаат 'no name' личности, за кои е проценето дека ќе бидат добри послушници. Со таква методологија, ниту партијата ќе се демократизира, ни ќе се реформира, ниту може да се надева на победа на следите избори, кога и да бидат тие“, велат нашите соговорници.

Тоа го оценуваат како целосно спротивно на изјавите на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој најавуваше дека има „отворена прегратка“ за сите.

Во ИК се очекува по функција да останат и претседателите на Унијата на жените и на младите, Даниела Рангеловска и Владимир Неловски, а на листата на подобните кандидати за ИК биле и некогашниот министер за образование, Спиро Ристовски, екс-градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, портпаролот на претходната влада Александар Георгиев, Орце Георгиевски од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Кисела Вода... 

Повеќе:

Мицкоски ја обвини власта за политички прогон

И Мицкоски ја препознал новата можност, но како?

ВМРО-ДПМНЕ пред тежок избор: Христијан или Мицкоски?

Вечерва Централниот комитет на седница официјално ќе реши кој ќе членува во Извршниот комитет на партијата. Изборот доаѓа во време кога ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотира работата на Собранието поради притворот на нивни пратеници и активисти за настаните од 27-ми април. Од Белата палата најавија и статутарни промени кои треба да го направат партискиот Статут во согласност со оние на партиите од ЕПП, чија членка е и ВМРО-ДПМНЕ.

DW.COM