1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Милошоски:Ѕидот мора да падне

Шефот на македонската дипломатија Милошоски, во напис во весникот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ побара од Европа да ја урне визната бариера за Македонците и останатите граѓани од Југоисточна Европа.

default

Антонио Милошоски

Земајќи го како повод девети ноември, денот на кој Германија меѓу другото ја одбележува и годишнината од падот на Берлинскиот ѕид со кој се отвори патот за обединување на земјата, Милошоски во написот во „Франкфуртер Алгемајне цајтунг“ под наслов „Ѕидот мора да падне“ пишува: „Во Германија повторно се слави денот на кој пред 19 години падна ѕидот по кој многу луѓе кои со децении беа одделени од семејствата и пријателите можеа повторно да се обединат. Но, малку Германци знаат дека денеска во Европа сеуште постои еден невидлив административен ѕид, кој за жал многу ефикасно ги дели од Европа дел од Европејците - тоа е шенгенскиот визен режим на ЕУ.“ Милошоски нагласува дека шенгенскиот договор почива врз девизата, ниту еден граѓанин на ЕУ повеќе да не биде спречуван слободно да се движи поради граничните контроли, но дека европските бирократи со воведувањето на рестриктивен визен режим за соседите и идните членки на ЕУ од Југоисточна Европа, наметнале огромна бариера што ја немало дури ни во времето на Отоманската империја. Милошоски во текстот објаснува дека бизнисмените, научниците, новинарите, студентите, учениците и туристи од Југоисточна Европа се соочуваат со огромни бирократски пречки, доколку сакаат да патуваат во некоја европска земја. „Покрај огромниот број потребни документи и високи визни давачки целиот процес на издавање виза трае долго, поради што спонтани патувања, како на пример посета на пријател или бизнис партнер во странство се невозможни“, констатира министерот.

Visum für Deutschland

Визите се голема пречка за патување на граѓаните од ЈИЕ

„Урнете ги внатрешно европските ѕидови“

„Како резултат на сето ова, нашите млади луѓе кои немаат шанса да го прескокнат овој бирократски ѕид, растат без европско искуство. Нашите научници се лишени од важни контакти, а бизнисмените се соочуваат со тешкотии да склучуваат зделки со Германија, иако оваа земја и е најважен економски партнер на Македонија“, пишува Милошоски. Тој дододава дека за неговите сограѓани ова е несфатливо. Според него земјата којашто од 2005 година е кандидат за членство во ЕУ со своите два милиони жители не претставува никаква опасност да ја преплави со емигранти Унијата во којашто живеат 500 милиони луѓе. Шефот на македонската дипломатија дополнува дека македонската полиција успешно работи на спречување на шверцот и нелегалната трговија со дрога и луѓе, и ги пресекува каналите кои како крајна дестинација ги имаат земји од ЕУ, за што има добиено бројни пофалби од европските институции.

Милошоски во написот во „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, заклучува:„Генерацијата на мојот татко и дедо израсна во Југославија и без визи слободно патуваше во Европа, без притоа некој да бил загрозен. Нивните синови и внуци, поради Шенген сега имаат потешкотии да патуваат дури и во соседните земји Бугарија и Грција, бидејќи земјите се членки на ЕУ. На Македонците им е полесно да отпатуваат со авион во Египет или Тунис, отколку во Германија.Затоа молбата на моите сограѓани и жителите од Југоисточна Европа гласи:Драги Европејци, урнете ги внатрешно европските ѕидови и дозволете ни и ние да учествуваме во европскиот живот“.

DW.COM