1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Милијарди помош за обнова на Газа

Меѓународната заедница стави на располагање 3,5 милијарди евра помош за обнова на појасот Газа кој беше разурнат по израелската воена офанзива во јануари. Парите не смеат да завршат кај Хамас.

default

Салата од конференцијата во Шарм ел Шеик

Обновата на Газа нема да пропадне поради недостиг на пари. Тоа беше јасно нагласено во Шарм ел Шеик. Палестинците бараа 2,8 милијарди долари за да се обнови она што е уништено од тринеделната војна. Доколку сите донатори се држат до ветеното, тогаш ќе пристигне поголема финансиска помош. Само Саудиска Арабија понуди една милијарда долари, ЕУ над 440 милиони евра, а Германија 150 милиони евра. Министерот за надворешни работи на САД, Хилари Клинтон вети 900 милиони долари. Таа нагласи дека заедно со палестинските партнери, претседателот Махмуд Абас и премиерот Фајад ќе работат на задоволување на хуманитарните потреби и ќе инвестираат во инфраструктурата и безбедноста. „Со автономните власти се согласивме дека тие треба да гарантираат парите да не завршат во погрешни раце“ рече Клинтон.

Јасна порака до Хамас

Nicolas Sarkozy in Ägypten

Никола Саркози и Бернар Кушнер

Станува збор за Хамас, чии претставници не беа поканети во Шарм ел Шеик. Палестинците беа претставени од страна на претседателот Махмуд Абас. Тоа во иднина нема да се смени доколку Хамас не го смени својот концепт. Францускиот претседател Никола Саркози изјави дека доколку Хамас сакаат да бидат прифатени како легитимен партнер, мора да сфатат дека единствениот пат кон палестинска држава е преку дијалог со Израел. „Доколку Хамас сака да биде почитуван, тогаш тој треба така да се постави“ изјави Саркози.

Штајнмаер бара активност и од Израел

Frank Walter Steinmeier auf der Geberkonferenz in Ägypten

Франк Валтер Штајнмаер

Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер побара една долгорочна перспектива. Само со обновата тоа нема да се постигне, изјави Штајнмаер и дополни: „Се надеваме дека по донаторската конференција за Блискиот Исток, она што ќе биде обновено нема повторно да биде уништено. Затоа велиме дека донаторските конференции се неопходни во вакви ситуации, меѓутоа нивната смисла и цел ќе бидат исполнети само доколку тоа биде проследено со политички процес и да се осигура дека нема повторно да се случи насилство“, рече Штајнмаер.

Барањата од конференцијата не беа упатени само на адреса на Палестинците. Штајнмаер смета дека заедничките напори за обнова и поголема стабилност може да успеат само со стабилизирачки придонес од страна на израелските власти. „Затоа во изјавите од конференцијата слушате повеќе повици дека хуманитарната помош мора да пристигне до народот и дека е потребно повторно да се отвори границата кон појасот Газа. Од израелските власти очекуваме повторно да влезат во директни преговори со палестинската страна“ рече Штајнмаер. Францускиот претседател Никола Саркози инаку понуди европска помош за отворање на израелските гранични пунктови како и во делот кон Египет.