1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Милијарди евра за компјутерски игри

Во Келн повторно се отвораат вратите на Гејмском, еден од најголемите саеми за компјутери во светот. Бизнисот со игри во виртуелната реалност и натаму оди добро, зашто денес не играат само младите мажи, туку сите!

Денеска (15.08.2012) започнува Гејмском, Саем за интерактивни игри и забава, како што гласи официјалниот назив на саемот за комјутери во Келн. Навистина, некои од „главните играчи“ во оваа бранша за игри со компјутери како Мајкрософт, Нинтендо или Сега го откажаа учеството, но сепак останаа уште околу 600 излагачи од четириесетина земји кои ги претставуваат своите најнови производи.

Тоа значи дека и овојпат на околу 140 илјади метри квадратни, површина на која би собрало 14 фудбалски игралишта, има многу екрани со најновите игрички и играчки конзоли. Но, кризата во вистинскиот свет сепак ја начна и забавата во виртуелниот: за игрите и конзолите се троши помалку отколку лани-во Германија падот изнесува 4 проценти, голема сума од вкупно 2,5 милијарди евра, колку што се трошат инаку годишно на компјутерски игри.

Се оди на сигурно

И производителите се малку попретпазливи: допрва ќе се види која игра ќе стане хит, но многумина се одлучија да играат на сигурно и претставуваат нови верзии на веќе успешните игри, како третиот дел на игрите Asassins или Кризис, а продолжува и серијата спортски симулации како Фифа 13. Во меѓувреме буџетите за развој на нови игри се поголеми отколку за некој голем филмски спектакл, така што и производителите во овие кризни времиња порадо го нудат она за што се сигурни дека ќе има добар пласман на пазарот.

Иако просечниот играч во Германија на својата страст троши 18 евра месечно, се‘ повеќемина сакаат да играат, но бесплатно. Тоа „бесплатно“ ретко значи дека не треба ништо да се плати, зашто освен врските со интернет, цвета бизнисот и со т.н. ајтем селинг. Тука корисниците плаќат „додаток“ за своите игри-на пример бојата на автомобилот кој ќе го возат во трката или некои посебни својства на „својата втора личност“, Аватар. За тоа лани веќе 4,6 милиони Германци радо го отвориле паричникот, што е пораст од 63 проценти!

Машко и женско, младо и старо

Она што особено го радува Ралф Хауптер од Здружението на производителите во ИТ браншата Битком е дека игрите не се повеќе интересни само за машките тинејџери. Во меѓувреме речиси секој трет жител на Германија редовно игра компјутерска игра, мажите подеднакво како и жените, а постарите по возраст корисници на компјутери се‘ почесто ја доживуват својата втора младост играјќи на компјутер.

„Ова е навистина иновативна бранша, која донесува постојано нов развој. Огромен пазар во постојан пораст, подлежен на брзи промени. За сите има по нешто, за стари и млади“, вели Тим Ендерс, организатор на Гејмском.

Се разбира, и натаму владее трендот на мрежни игри и тука секторот успеа речиси целосно да го елиминира стариот проблем: илегални компјутерски гри. Затоа и годинава во Келн и покрај кризата, производителите со голем оптимизам гледаат во иднината. По „паметните“ мобилни телефони сега и таблетите на разни производители нудат уште една платформа за играње.

Производителите при претставувањето на производите во Келн сакаат да ги избегнат и обвинувањата дека насилните игри често негативно влијаат врз младите:

„Заштитата на младите почнува дури и со тоа што при влезот во саемот посетителите мора да ја докажат возраста со личен документ и соодветно на неа добиваат белезица во боја, па не можат да гледаат содржини кои не се предвидени за нивната возраст“, вели Франко Фишер од прес службата на саемот за компјутери во Келн.