1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Милионски „бизниси“ на руските хакери

Нивните напади се тивки и невидливи. Криминалците на интернет-мрежата напаѓаат туѓи системи и манипулираат со различни видови податоци, а се чини дека ваквиот „бизнис“ најдобро успева во Русија.

default

Криминалците во интернет-мрежата напаѓаат туѓи системи, манипулираат со компјутери на приватните корисници, откриваат тајни од досиејата на компаниите, крадат лозинки, банкарски и кредитни податоци. Криминалот во виртуелниот простор на интернет-мрежата е бранша во забрзан пораст, а очигледно најдобро успева во Русија. Тие се војници на модерниот компјутерски свет. Целта на хакерите е јасна: да се откријат деловни тајни, да се манипулираат жиро-сметки или потполно да се блокира пристапот до некои веб-страници. Немаат ниту срам, ниту страв, зашто знаат дека добро ќе им се плати завршената работа.

Russische Hacker

Националниот натпревар во „хакерство“ е предизвик за голем број компјутерџии во Русија

За главен град на хакерите во Русија се смета Санкт Петерсбург. Секоја година, компјутерџии од целата земја доаѓаат овде со цел да земат учество на најголемиот руски натпревар за хакери Chaos Constructions. Стотици млади луѓе седат пред нивните компјутери. Воздухот е тежок. Во рок од два дена учесниците мора да влезат во системите, коишто се специјално изработени за овој настан, и да пронајдат пропусти во безбедноста на податоците. Хакерите не сакаат да зборуваат за својата работа. Организаторот Антон појаснува: „Ако се обидете да позборувате со овие млади луѓе, веројатно нема да си кажете многу. Прилично се затворени и се интересираат само за компјутери.“

Еден од нив е и Алекс од Москва. Тој со своите другари-хакери напаѓа безжични интернет-мрежи на периферијата од градот, за потоа да ограбат онлајн жиро-сметки. Денешниот обид траеше речиси цел час и заврши безуспешно. Банката навреме реагира и ги сторнира манипулираните дознаки. Алекс не се вознемирува: „Веројатноста да не` откријат засега е мала. Сурфаме преку туѓа безжична мрежа на периферијата. На полицијата би и` требало многу време додека пристигне, а нас брзо ќе не снема одовде.“

Russische Hacker

Руската полиција е неефикасна во борбата против сајбер-криминалот

Бројот на хакери во Русија се проценува на околу 20.000. Работата не е лесна, вели Алекс: секој ден минува најмалку десет часа на интернет. Тој не работи сам, туку е дел од добро организираното сајбер-подземје. Членовите се сретнуваат во затворени кругови, каде добиваат налози и инструкции. Речиси половина од нападите се ориентираат кон цели во Европската унија, Канада и САД. Одговорниот уредник на рускиот магазин „Хакер“, Никита Кислицин, тврди дека овие луѓе немаат грижа на совест: „Напротив, хакерите сметаат дека не се закануваат никому, туку само повлекуваат парични суми во странски валути од жиро-сметки на непознати.“

Иља Сашков, директор на фирмата за безбедност на компјутерски податоци, вели дека компаниите во Русија не сакаат целосно да се потпрат врз полицијата: „Веднаш се ангажираме штом некој клиент не` повика. Полицијата, во тој поглед, е малку несериозна, па често се случува да реагира дури и после триесет дена.“

Kaspersky Lab Yevgeny Kaspersky

Евгениј Касперски, најпознатиот „ловец“ на компјутерски вируси бара државата да се ангажира во оваа сфера

Поради недостиг од техника и стручни лица, единицата за борба против интернет-криминал на руската полиција не може да се справи со сите случаи во исто време. Од друга страна, ако биде уапсен некој хакер, ќе му биде изречена сосем мала казна. Корупцијата во судството и во полицијата е само една од причините за ваквата состојба, вели Евгениј Касперски, еден од најпознатите „ловци“ на компјутерски вируси: „Ако некој интернет-криминалец украде дест или сто илјади евра, ќе му биде изречена само условна казна на неколку години. Судиите во земјава не сфаќаат дека станува збор за сериозно кривично дело.“

Со ова, Русија и натаму останува мека за интернет-гангстерите. Новите механизми за заштита на нив гледаат само како на предизвик, се` додека ризиците не станат посериозни.

Автор: Роман Шел / Далибор Стајиќ

Редактор: Жана Ацеска