1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Милионска отштета за бомбардирање на курдски села

Турција, согласно денешната пресуда на Европскиот суд за човекови права, мора на селани од курдските области во земјата да им исплати отштета од преку 2 милиони евра за претрпени загуби во бомбардирања во 1994 година.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур (насловна фотографија) ја осуди Турција да им исплати 2,3 милиони евра оштета на 38 жители на турските села Кушконар и Кочагили, поради воздушните напади кои беа извршени врз овие две населени места во 1994 година.

Според тужбата, жителите на тие села во 90-те години на минатиот век одбиле да им помагаат на државните служби за безбедност во нивната борба против Курдската работничка партија (ПКК). Турските власти поради тоа ги осомничиле за помагање на ПКК и на 26 март 1994 година авион на турскoто Воено воздухопловство ги бомбардирал селата.

Во нападот загинале голем број жители на селата, а други биле сериозно ранети. Уништени се поголемиот број од објектите и комуникациските системи во двете населени места.

Според подносителите на тужбата, во моментот на нападите во селата немало ниту еден активист на ПКК. Турските власти не ја презедоа одговорноста за нападите. Според нив нападите се извршени од авиони на ПКК, како знак на одмазда, поради тоа што локалните жители одбиле да ја одбележат курдската Нова година - Невруз.

Судот во Стразбур побарал од Анкара да му го достави распоредот на летови на турското Воено воздухопловство на 26 март 1994 година, но Турција не го стори тоа. Документот е предаден подоцна од подносителите на тужбата, но сепак ниту со него не е утврдено кој издал наредба за воздушните напади. Судот утврдил дека турските власти го прекршиле членот 2 од Европската конвенција за човекови права и слободи, кој се однесува на правото на живот и членот 3, со кој се забранува нечовечко и нехумано однесување, бидејќи властите не им укажале помош на настраданите. Според Судот, Анкара исто така не создала неопходни услови за детална истрага на случајот.

Европскиот суд им нареди на турските власти да спроведат истрага за трагедијата, со цел да бидат утврдени и казнети виновниците. Анкара ќе треба да им плати на жителите отшета од 2,305 милиони евра и да ги покрие судските трошоци, кои изнесуваат 5.700 евра. Судската одлука може да биде обжалена во рок од три месеци.