1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Милиони Американци преживуваат со бонови за храна

Секој седми граѓанин на САД живее под границата на сиромаштија. Состојбата веројатно е и полоша од она што го покажува статистиката. Сега државата ја намали и програмата „Бонови за храна“ со која преживуваа милиони луѓе.

Мери Џонс седи во својата канцеларија. До неа е Мајкл Флауерс, невработен 58-годишник, кој последните години редовно доаѓа по бонови за храна. Се работи за програма на американската влада, наменета за сиромашните граѓани, кои немаат доволно пари за основни животни намирници.

На почетокот на ноември во сила стапи владината одлука за намалување на средствата за оваа програма. Таа одлука го погодува Мајкл, бидејќи досега благодарение на неа успеваше месечно да си обезбеди храна во вредност од 200 долари. Сега има 11 долари помалку на располагање, а за него тоа се многу пари. Работа не успева да најде, затоа што состојбата на пазарот на трудот, особено на југот на земјата, не дава многу надеж.

Бонови за преживување

Грејтер Бирмингам Министрис (Greater Birmingham Ministries) е невладина организација која им дава помош на сиромашните. На секои 90 дена сиромашните можат да навратат во нивните простории и да преземат намирници.

„Почесто за жал не е можно, иако има сѐ повеќе граѓани на кои им е потребна помош. Трочлено семејство од нас го добива она што ние интерно го нарекуваме - тешка кеса“, објаснува Мери Џонс. Таа веќе 16 години работи за ГБМ. Во пакетот се добива конзерва грав, грашок, конзервирано овошје и зеленчук и едно парче месо. Ни нејзе не и’ е јасно како некои семејства со толку храна успеваат да преживеат.

Mary Jones

Мери Џонс

Голем број Американци зависат од храната во народните кујни и црквите. Некои од нив успеваат да пронајдат некои ситни работи, а добар дел храната ја добиваат исклучиво со помош на програмата „Бонови за храна“. Но, тоа не е доволно. Секој седми граѓанин живее под границата на сиромаштија. Програмата „Маркички за храна“ постои од 70-ите години на минатиот век. Пред четири години, кога изби финансиската криза, средствата за програмата беа значително зголемени. Американската влада тоа го образложи со потребата да им се помогне на граѓаните во тешки времиња. Но, дополнителните издатоци за програмата важеа само до ноември годинава. Сега, пет милијарди долари ќе отидат за други потреби, а 47 милиони луѓе и натаму ќе бидат гладни.

Даниел не сака да и’ го споменуваме презимето. И таа е денес во ГБМ за да преземе пакет со помош. „За некои боновите за храна се сѐ што имаат. Сега добиваат 11 или 13 долари помалку, а за тие пари можат да купат две вреќи компири“. Даниел повеќе не добива бонови, откако пред 13 години била приведена поради поседување дрога. Казната ја отслужила, но повеќе нема право на помош од државата.

Иако има многу такви како Даниел кои не ги исполнуваат условите за помош, бројот на граѓаните кои редовно добиваат бонови се удвои во последните седум години. Во моментов има 50 милиони приматели на државна помош, еднакво на бројот на населението во Шпанија. Но, во истовреме се зголемува и бројот на оние кои се противат на оваа помош. Републиканците сметаат дека на тој начин луѓето се одвраќаат од барањето работа.

Сиромашните се сѐ посиромашни

Greater Birmingham Ministries

Пакет храна во ГБМ

Околу 80 проценти од Американците кои добиваат бонови имаат семејства со деца или се работи за постари лица и лица со инвалидитет. За нив и онака нема работа, вели Скот Даглас, директор на магацин со храна за загрозени граѓани.

„Порано тука на југот во семејствата имаше работници во рудниците. Меѓу нив имаше и претприемачи, наставници, кои за помош можеа да се обратат кај своите роднини. Тоа повеќе не постои. Сиромашните тука се сѐ посиромашни“, вели Даглас.

Републиканците заговараат кратење на програмата за помош за 40 милијарди долари. Демократите се противаат со аргумент дека „боновите за храна“ не само што им овозможуваат на сиромашните да преживеат, туку секој долар инвестиран во боновите генерира девет американски долари во земјоделството. Благодарение на боновите, четири милиони граѓани успеваат да ја преминат границата на сиромаштија, а притоа малите земјоделци и супермаркетите профитираат од прометот. Освен гладот на граѓаните, во случај на кратење на помошта, државата ќе мора да се соочи и со загрозување на нивното здравје, вели Даглас. Тоа би довело и до дополнително оптоварување на здравствениот систем.

Засега сѐ уште е неизвесно што ќе се случува со програмата „Бонови за храна“. Даглас не сака ни да помисли што би се случувало без програмата, а тешко е да се замисли што во таква ситуација би правеле најзагрозените.