1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Микрокредити за макроуспех

Огромни камати, ропска работа, национализација на имотите - судбина на многу луѓе во земјите во развој. Тие позајмуваат пари од лихвари, не можат да го вратат заемот и паѓаат во замка на долгови. Но, алтернативи има!

default

Триесет проценти од луѓето во Непал заработуваат помалку од еден долар дневно

Дивкант Силвал, селанец од Непал, постапи поинаку и си создаде егзистенција со помош на микрокредити.

„60 проценти камати! Незамисливо! И ако не можевме да ги платиме, моравме да работиме на нивните полиња. Вакви ’копилиња’ има и денес, тие не се мртви. Но, веќе не можат да не‘ принудат да работиме за нив.“

Дивкант Силвал се‘ уште бесно зборува за времето кога луѓето во Непал биле упатени на позајмици со огромни камати. Денес сиромаштијата за него е минато. Силвал заработува околу 200.000 рупии годишно, или околу 2000 евра. Солидни приходи во земјоделскиот Непал, благодарение на неговото членство во малата кооперација Смол Фармер Кооператив Лимитид, или скратено СФЦЛ. Оваа организација доделува микрокредити со каматни стапки меѓу 12 и 13 проценти. Тоа звучи како многу, но затоа, пак, не се бараат никакви гаранции, вели Јан Керер, советник во Германското друштво за техничка соработка во Непал, кое на СФЦЛ и‘ го трасира патот кон самостојност: „Успеавме да ја оспособиме СФЦЛ успешно да работи во сферата на кредити и штедење, а освен тоа има своја банка која дава кредити и, што е единствен случај во светот, селаните во меѓувреме имаат мнозински удел во банката, која на почетокот беше владина.“

СФЦЛ денес, со својата Сана Кисан Бикас банка, се вбројува во најголемите понудувачи на микрофинансиски услуги во Непал. Преку банката поддршка добиваат околу еден милион луѓе во 140.000 домаќинства. Исклучителна услуга во земја во која 31% од населението заработува помалку од еден долар дневно и живее под границата на сиромаштија.

Какво е дејството на СФЦЛ-кредитите на село?

По нерамен пат се стигнува во Саланг, мало местенце на околу 80 километри северозападно од Катманду. Средба со луѓето кои се членови на СФЦЛ. Делегацијата брои седум мажи и само една жена. Кажуваат како животот им се променил со помош на кредитите. Претседавачот на средбата, Гопал Тапа Магар, вели дека пред да станат членови на СФЦЛ не било можно да создадат егзистенција: „Кредиторите за нас беа навистина товар. Она што го доживувавме со нив беше едноставно

Gopal Thapa Magar Vorstandsvorsitzender der Kleinbauernkooperative SFCL von Salang in Nepal

Гопа Тапал Магар од Саланг

неподносливо. На секој износ што ќе го позајмевме, тие ставаа 60% годишна камата. Затоа ја основавме кооперацијата, за да си помогнеме едни на други. Заедно заштедивме малку пари и веќе можевме да ги доделиме првите кредити на дел од членовите.“

И Дивкант Силвал страдал поради кредитите со високи камати. Неговите родители тонеле во долгови, а тој уште како дете морал да помага за да се врати кредитот. За пет дена целото семејство заработувало по 100 рупии, или околу едно евро. Дивкант Силвал смета дека кредиторите му го одземале детството и образованието, зашто за да оди на училиште немало ни време, ниту пари за училишна униформа. Денес, преку членството во СФЦЛ, има доволно пари. Тој одгледува кози и биволи, а за себе и за семејствотото сади и зеленчук: „Во мојот живот имаше многу промени, но за мене најважно е што на децата можам да им обезбедам добро образование. Тие можат да одат на училиште.“

Ако можат богатите, можеме и ние!

Така и треба, вели Гопал Тапа Магар, кој остро ја критикува образовната политика на неговата влада:

„Владините училишта се за никаде. Богатите ги испраќаат своите деца во приватни училишта. Си рековме: ако богатите можат тоа да го прават, тогаш можеме и ние! Добивме дозвола и основавме свое училиште, за нашите деца да добијат добра настава“, вели Магар и додава: „Не само што отворивме училиште, туку на другата страна на селото отворивме и една продавница каде нашите членови можат да ја продаваат жетвата. Порано секогаш

Kinder in der Kooperativen-Schule von Salang in Nepal

Ученици во училиштето на СФЦЛ во Саланг

стравувавме дека прекупци ќе не‘ измамат и затоа секој од нас се обидуваше сам да ја продаде својата жетва.“

Важна е целта

Додека мажите раскажуваат со возбуда, Рама Рупакети седи мирна и слуша. Се чини дека за младата жена бизнисот е исто толку нов и непознат, колку и за нас. И навистина е така. Рама Рупакети е од неодамна член на СФЦЛ во Саланд: „Сестрите ми препорачаа да се зачленам. Ми рекоа дека овде ќе добијам поддршка, оти и жените можат да добијат кредити. Потоа земав кредит во износ од 10.000 рупии и сега сум овде да ги земам парите. Од парите ќе купам кози, онолку колку што можам да добијам, можеби две, или три. Беше едноставно да се подигне кредит во СФЦЛ, а и каматите не се толку високи.“

Дали е паметно сиот кредит од околу 100 евра да се даде за кози? Не е ли можеби подобро да се инвестира и во втор бизнис? Наместо да одговори директно, Кадга Кумар Шреста, од во менаџерскиот дел на СФЦЛ од Саланг, ја раскажува успешната приказна на еден член: „Немаше ниту парче земја, но затоа беше школуван кројач. Му доделивме кредит од 10.000 рупии и отвори шивачка работилница, која и денес работи. Подоцна зеде и втор кредит, купи земја и изгради куќа. Тој и жена му имаат четири деца, кои добиваат добро образование. И други членови се исто така успешни. Им препорачуваме на сите да си постават јасна цел. Ако еден член одлучи да одгледува кози, ќе го охрабриме токму тоа и да го направи.“

Автор: Нимеш Адиакри / Беатрикс Бојтнер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска