1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Миграцијата разболува

На доселениците во Германија често не им е лесно. Тие тагуваат по татковината, роднините и пријателите, ги мачи криза на идентитетот. Во најлош случај паѓаат во тешки депресии.

Сара Б. (името променето од страна на редакцијата) паднала во тешка депресија на почетокот на своите дваесетти. Наеднаш се‘ и‘ станало сеедно. Денес 27-годишната студентка станувала од кревет со тешка мака, таа била нерасположена. Побарала помош од терапевт и почнала интензивно да се занимава со својот живот и идентитет.

Родителите на Сара се двајцата Мароканци. Татко и‘ дошол во Германија на почетокот на 1970-тите. Го привлекла работата и сонувал за подобар живот за себе и своето семејство. Мајка и‘, која дошла како 19-годишна, следејќи го својот сопруг, тогаш често поради недоволното познавање на германскиот јазик се чувствувала шиканирана и изолирана. Последицата од тоа: кај нејзе се развил страв, каков што имале многумина мигранти од таканарченото гастарбајтерско време.

Ариф Унал, политичар од редовите на Зелените во покраинскиот парламент во Северна Рајна Вестфалија, се занимава со ова прашање на гастарбајтерите: „Тие не знаеле германски, немале воопшто информации за културата на Германија и поради тоа биле под голем притисок. Некои никогаш претходно немале поминато на семафор. На се‘ внимавале екстремно многу зашто не сакале да прават грешки.“ Унал раководи со Социјално-психијатрискиот центар за миграции во Келн, кој има за цел да ја подобри здравствената заштита на мигрантите од психијатриски заболувања. Приказни, како на мајката на Сара, тој слуша секојдневно.

Опсесија како последица на миграцијата

Мајката на Сара во последните 40 години станувала се‘ повеќе опседната со миење. Ако ги допре чевлите мора веднаш да ги измие рацете. Од многу миење кожата на рацете и‘ е сува, испукана и крвава. Зошто опсесија? „Мислам дека таа се плаши од предрасудата за ‘нечист странец‘ и затоа сака да биде што почиста“, претпоставува ќерка и‘ Сара.

Arif Ünal Bündnis 90 Die Grünen

Ариф Унал

Опсесивното однесување може да биде типична последица на миграцијата, вели Ариф Унал: „Миграцијата не е автоматски причина за болест, но кога има и други диспозиции тогаш таа може да биде фактор за разболување“, вели тој.

Семејството на Сара постојано е соочено со расизам и предрасуди и со тоа мора да излезе на крај. Местото на живеење е упориште на неонацисти во покраината. Еднаш годишно тие маршираат во местото. Тогаш, заради безбедност, Сара и семејството се затвораат дома. Сара тешко го поднесува и секојдневниот расизам, кој е многу посуптилен, како на училиште на пример. Грешките што ги правела во основно училиште од страна на учителката секогаш биле истакнувани пред цело одделение со отворена злорадост. На излет во шума учителката заборавила дека Сара како муслиманка не јаде свинско месо. За вечера сварила супа со свински виршли. Сара, колку и да и‘ бил празен стомакот, сепак не јадела од супата. Сара тешко може да процени дали учителката намерно заборавила дека таа е муслиманка или едноставно немала интеркултурна сензибилност.

„Дали се однесувам германски или марокански? Дали сум Германска Мароканка?“

Факт е дека како единствена муслиманка во одделението секогаш се чувствувала изолирано. Секогаш ја следело чувството дека никаде не припаѓа вистински. „Овде во Германија сум секогаш Мароканка. На летен одмор во Мароко сум меѓутоа Германка.“

Кога животот со менување на местото на живеење не се подобрува, кога лицата во новата земја каде што се преселиле доживуваат насилство, изолација и расизам, тоа може да поттикне психички заболувања, вели Унал. Тоа може да се манифестира и со проблеми со идентитетот, како во случајот на Сара.

„Во зависност од големината на симптомите, постојат различни методи за лекување на психичко заболување како последица на миграција“, објаснува Унал. Симптомите може да се третираат со лекови, нагласува тој, но за борба против болеста е неоходна психотерапевтска помош.

Symbolbild Außenseiter Einsamkeit

Дискриминацијата и изолацијата може да одведат во психичка болест

„Се соочувам со проблемот и се обидувам со помош на терапевт да најдам начин за да живеам со двете мои страни“, вели Сара. „Повеќето од моето семејство и пријатели се одлучија за една моја страна, но токму тоа кај мене не функционира. Не можам да кажам дали сум Германка или Мароканка. А токму тоа треба да го правам. До таму треба да изодам долг пат.“

И додека зборува за својата идентитетска криза Сара одеднаш почнува да се смее. Таа вели: „Ах, да, во меѓувреме имам и трета личност - германско-мароканска. Таа со чудење ја врти главата посматрајќи ги двете други личности.“