1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Миграцијата на белите мантили насочена кон странство

Зад внатрешната миграција од приватно во јавно здравство, се одвива тивка миграција во странство, која може да заземе драматични димензии, предупредуваат лекарите во Македонија.

Големата миграција од јавното во приватното здравство во изминатите години - започна да се одвива во обратна насока. По два јавни огласи на Министерството за здравство на кои пристигнаа 211 апликации, во јавното здравство се враќаат 80 специјалисти кои претходно работеле во приватното. Од нив 45 веќе почнаа со работа на 1. август. Наскоро може да биде објавен и трет оглас. Според министерот Никола Тодоров тоа е доказ дека здравствената реформа дава резултати. Придобивката е што се вработуваат специјалисти, кои веднаш може да се вклучат во работата на здравствените установи.

„Тоа е резултат на подобрувањето на состојбите во јавното здравство, на новата медицинска опрема, овозможувањето на едукација во врвни здравствени установи во Европа и САД", оцени Тодоров.

Но, состојбите на терен покажуваат други трендови: зад внатрешната миграција од приватно во јавно здравство, почнува тренд на миграција во странство, кој може да заземе драматични димензии, предупредуваат лекарите.

Дефицитарни специјалности

Здравствените експерти сметаат дека оваа тема отвора простор за подлабинска анализа на долгогодишниот проблем на Македонија во планирањето на кадри во здравството.

„Ние произведуваме многу повеќе кадри, отколку што можеме да ги вработиме во здравствениот систем. А од друга страна, се соочуваме со недостиг на некои дефицитарни специјалности", вели Владимир Лазаревик, експерт по јавно здравје и здравствени политики. Според него, процесот на реинтеграција на докторите од приватното во државното здравство во принцип треба да се толкува како позитивен тренд.

„Најголемиот број земји од ЕУ се соочуваат со голем недостиг од кадри во здравствените системи. Оваа состојба е јасно прикажана во последниот документ за слободни работни места на Европската Комисија, каде најголема е побарувачката на здравствен кадар од различни профили. Кај нас во изминатите години се овозможи голем наплив на приватни здравствени установи. Министерството го увиде овој проблем, и со усвојувањето на новиот Закон за здравствена заштита и со дефинирањето на медицинската мапа, влезот на приватни здравствени установи се одобрува само ако за тоа има основана потреба. Можеби како последица на таа презаситеност со приватни установи и поради ограничувањето на нови, се случува обратен тренд на движење. Најважно е ангажираните лекари да бидат поставени на позиции од каде ќе испорачуваат услуги за осигурениците", вели Лазаревик.

Опремата не е мотив

Андреја Арсовски, стручен директор во Првата приватна општа болница „Ремедика", позитивно гледа на секаков вид конкуренција.

„Флуктуацијата на кадри, која е вообичаена практика во светот, треба да биде под еднакви услови во двете насоки. Во мала држава таа може да доведе до квалитет плус. За помладите колеги, јавниот сектор нуди поголема можност за стекнување базично искуство. Приватното здравство, пак, нуди други предности, пред сѐ во условите за работа. Новата опрема во јавното здравство сигурно сигурно не е мотив за враќање, бидејќи приватните болници одамна располагаат со софистицирана опрема. Од приватниот сектор заминуваат одреден број лекари кои не успеале да се снајдат во услови на голема професионална конкуренција и пазарни услови на работење. Од 'Ремедика' засега не заминал ниту еден лекар, ниту пак има такви најави", вели Арсовски.

Од Клиничката болница „Аџибадем Систина" „немаат коментар" за миграцијата од приватно во јавно здравство.

Лекари кои работат во јавното здравство, велат дека тоа ќе стане вистински атрактивно дури тогаш кога ќе биде суштиски реформирано.

„Не може со 'реформи' за дрес-кодот на вработените и сo наметнување обемна административна работа за лекарите да се постигне поголемо внимание за пациентот. Реформата бара многу повеќе од тоа", велат дел од нив.

Според лекарите, не е проблем внатрешната миграцијата на лекарите.

„Не е важно дали се во приватно или јавно здравство. Важно е дека лекарите ги ставаат своите услуги на пациентите во земјава. Проблем е кога голем број специјалисти подготвуваат документи за заминување во странство. Пред извесно време стана проблем кога цел еден град остана без единствениот гинеколог кој си даде отказ поради мобинг. Ако се одлее специјалистички кадар од клиниките во странство, тоа ќе предизвика многу проблеми на многу места", предупредуваат лекари.

Директни и индиректни штети

За 6 години 500 специјалисти заминале од јавното здравство. Без оглед колку таа бројка ќе се смени со преземање на лекари од приватното во јавно здравство, трендовите се загрижувачки. Според резултатите од истражувањето на меѓународниот проект Хелтгрупер спроведено меѓу студенти на Медицинскиот факултет во Скопје во прва година, дури 60,6 отсто од нив „сакаат да се отселат од Македонија" по завршување на студиите, а 54,5 отсто би сакале да работат во приватно здравство. Претходно истражување покажа дека 57 отсто од лекарите имаат намера да заминат во странство. Дел од нив веќе заминаа во Кувајт, Обединети арапски емирати и Германија, а дел размислуваат и за заминување во Хрватска, каде по влезот во ЕУ почнува одлив на лекари во Германија, Велика Британија и во скандинавските земји, па многу места ќе останат празни.

Според неофицијални пресметки, државата губи по околу 100.000 евра за еден дипомиран лекар кој ќе замине од системот. Се губи и во квалитетот на здравствена заштита, бидејќи во странство најчесто заминуваат специјалисти. Со тоа индиректните штети се многу поголеми и тешко мерливи, велат лекарите. Се состојат во потешко поставување дијагноза, потешко одредување на терапија и метод на лекување, со што се зголемува времетраењето на лекувањето, се јавуваат дополнителни компликации кај пациентите, а со тоа расте и вкупниот одлив на парите од здравствениот буџет.