1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Мигрантите - скриени резерви за економијата

Механичар кој вози такси, медицинска сестра која работи како хигиеничарка, инженер кој живее од социјална помош. Во Германија има бројни доселеници кои не ја работат работата за која се квалификувани.

Недостатокот од стручна работна сила – овој израз со години се слуша во Германија. Доколку на германскиот пазар на труд нешто не се промени, тогаш во 2025-та година во фирмите ќе недостасуваат шест милиони работници. Тоа би било поразително за германската економија. Затоа германската влада во јуни 2011-та покрена офанзива за привлекување стручна работна сила. Еден значаен дел од оваа офанзива е признавањето на странските стручни квалификации.

Законско право на признавање на квалификациите

Deutschland Wirtschaft Einwanderer Migranten bei der Arbeit

Во Германија доселениците често работат нешто што е под нивните квалификации

Од околу три милиони доселеници кои живеат во Германија, а кои имаат стекнато некаква квалификација, околу два милиони таа квалификација ја немаат стекнато во Германија, туку во некоја друга земја. Многумина од нив имаат искуство, по доаѓањето во Германија нивната диплома да не биде признаена, па во регистарот се внесени како неквалификувани, а со тоа немаат никакви изгледи на германскиот пазар на трудот. Од први април минатата година тие добија законско право да побараат нивната квалификација да се провери и соодветно да биде забележана во документите.

Претставникот од германското Министерство за економија Улрих Шенлајтнер вели дека е тешко да се споредат странските квалификации со германските.

„Ние имаме високо ниво кое не сакаме да го разводниме. Затоа мораме точно да утврдиме какви се конкретните компетенции на некој поединец“, вели Шенлајтнер.

Што е „готвач на карамели“?

Информациите за тоа какви професионални квалификации постојат во некоја одредена земја, и како тие би можеле да се споредат со германскиот начин на вреднување, можат да се најдат на интернет страницата BQ-Portal, а во нивното поставување меѓу другите учествуваше и германското Министерство за економија.

Тоа и не е така едноставно, вели раководителот на проектот од Институтот за германска економија Дирк Вернер. Да се одреди квалификацијата на некој готвач од Полска и не е така тешко, но што да се прави со готвачот на карамели од Уганда?

Deutschland Wirtschaft Einwanderer Migranten bei der Arbeit

Германските институции често имаат проблем да ги признаат квалификациите на доселениците

На веб страницата BQ-Portal до сега се обработени профилите на 20 земји. Но, до сега стасале молби од 85 земји. Според внимателни проценки се верува дека 200.000 доселеници во Германија работат нешто што не е на истото ниво на нивните вистински квалификации.

„Можеме да зборуваме за одредена летаргија во која тие луѓе западнале во последниве години, бидејќи имаат чувство дека се едноставно одбивани и не се добредојдени“, вели Нихат Зоргец, кој во Берлин ја раководи установата за надградба на професионалните квалификации на мигрантите „BWK Bildungswerk“.

Промена на менталитетот на германските службеници

Многу не помага само законското признавање на квалификациите, вели Ралф Мајер од германското Министерство за образование. Пред се’ треба да дојде до значајни промени во менталитетот меѓу службениците во германските институции, кои требаат да прифатат од „културата на добредојде“.

Кај индустриските и трговски комори, на пример, работите подобро функционираат, вели Мајер и додава: „Така е бидејќи тие се многу поблиску до фирмите и чувстуваат каква потреба владее“.

Но, за признавање на квалификации во точно определени занимања, како што е доктор или медицинска сестра, задолжени се, на пример, службениците во покраинските институции за здравство. „Тие не чувствуваат притисок од некоја компанија, која вели – нам овде ни требаат луѓе“, објаснува Мајер.

Дополнителна пречка се трошоците кои се потребни за признавање на квалификацијата. По правило трошокот би требало да биде 600 евра, но тој може да се искачи и на 2.000 евра. Се’ зависи од тоа колку документи треба да се соберат.