1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меѓу надежта и гладот

Бегалскиот камп Дадаб на границата меѓу Кенија и Сомалија е надеж за многу луѓе во борбата за преживување и против гладот. Тој меѓутоа е преполн и не е безбеден.

default

На пат кон подобар живот?

Луѓето се туркаат пред една дрвена масичка, жените со своите деца седат на земја, многумина делуваат изнемоштено. Некои од нив со недели чекаат конечно да бидат регистрирани во бегалскиот камп Дадаб, оти тогаш ќе добијат храна и со тоа ќе им бидат покриени основните потреби. Меѓутоа напливот на бегалци ги исцрпува капацитетите на соработниците од центарот со регистрацијa - секој ден во кампот во моментов доаѓаат стотици луѓе од сушните региони на јужна Сомалија.

Мабел Оминде, работи за кенијската влада. Таа подвлекува: „Правиме што можеме. Жал ми е, но, едноставно неможеме да излеземе на крај со толпата луѓе. Особено е тешко, бидејќи многумина од новите бегалци се болни, загубиле членови на семејството, останале без покрив над главата, немаат ништо.“

Ал Шабаб милициите против странска помош

Според проценките на ОН на југот на Сомалија, околу два милиони луѓе се отсечени од хуманитарната помош во храна. Радикално исламистичките Ал Шабаб милиции го контролираат регионот и натаму се против странска помош.

„Ситуацијата во Сомалија станува се’ полоша. Ја изгубивме сета стока, затоа дојдов овде. Ми беа потребни четири денови за да стигнам. По пат бандитите ми одеземаа се’ што имав со мене“, вели една жена.

Луѓето се исцрпени и прегладнети - лесна жртва за милициите и владините трупи на југот на Сомалија. Многумина кога пристигнуваат немаат ништо повеќе од облеката што ја носат. Кампот во меѓувреме е преполн, такашто илјадници кампуваат надвор. Спијат на земја и се заштитени со обична церада.

Somalia Hungersnot Lager Flüchtlingslager Flash-Galerie

Церади како заштита

Жените жртви и на сексуално насилство

Координаторот за итна помош на канцеларијата за бегалци при ОН, Енох Охола вели: „Трите кампови на Дадаб првично беа планирани за 90.000 луѓе. Во 20 години граѓанска војна во Сомалија, овде дојдоа многу повеќе бегалци. Сега треба да сместиме 400.000 луѓе. Преговаравме со кенијската влада за проширување на Дадаб и сега подигаме нов камп надвор од постoечките три кампови.“

Изминатите денови беа сместени околу 15.000 бегалци во белите шатори за бегалци на ОН. Но, новиот камп не е безбеден. Нема стража. Загрозени се особено жените - многу од нив веќе биле жртви на сексуални напади. Марјан, жена со сива шамија на главата, зборувајќи за групата бегaлци вели: „Нашите ќерки беа силувани. Се’ што имавме ни го украдоа. Не можеме да го издржиме животот овде. Порадо би се вратиле во Сомалија - таму барем имавме дом.“

Но, како и многумина кои веќе со години дури и децении живеат во Дадаб, бегалскиот камп за нив е последната станица, или барем мора да се прилагодат дека таму ќе минат години. Дури и кога ќе помине гладот во Сомалија, мирот ни од далеку не е на повидок.

Автор: Антје Дикханс/ Александра Трајковска

Редактор: Трајче Тосев