1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Меѓу војната и музиката

Еден од најпознатите младински оркестри во светот е „Вест Истерн Диван оркестар“, раководен од израелско-аргентинскиот диригент Даниел Баренбоим. Музичарите се млади луѓе кои доаѓаат од различни земји од Блискиот Исток.

default

Проба на „Вест Истерн Диван оркестар“

Целта на формирањето на оркестарот пред 10 години беше преку музиката да се поттикне дијалогот меѓу различните култури на Блискиот Исток, од каде што потекнуваат неговите членови: Израел, Палестина, Сирија, Либан, Египет, Јордан,Турција и Шпанија.

На почетокот од оваа година оркестарот требаше да ја започне јубилејната турнеја во Каиро и Доха, но поради драматичната ситуација во појасот Газа, неговите настапи се преместени во Берлин. Како што е вообичаено, во оркестарот не само што се музицира, туку и се дискутира за политиката.

Единствени во музиката, со различни ставови за политиката

Пред почетокот на пробата на „Вест Истерн Диван оркестарот“ во берлинската Државна опера, 90 млади музичари ги штимаат своите инструменти. Потоа во салата доаѓа маестро Даниел Баренбоим, застанува на пултот и за кратко време мешаницата звукови на инструментите се претвора во хармоничен спој.

Daniel Barenboim und Mitglieder des West-Eastern Divan Orchestra, Pressekonferenz Pressekonferenz Staatsoper Unter den Linden

Диригентот Даниел Баренбоим и дел од членовите на оркестарот во Берлин

Колку што „Вест Истерн Диван оркестарот“ хармонично ја свири 5-та симфонија на Бетовен, толку пак се различни мислењата на музичарите за ситуацијата во регионот, од кој доаѓаат мнозинството од нив - Блискиот Исток. Освен 19 млади шпански музичари, 34 се Арапи, а 32 Израелци.

Единствени во музиката, но не и околу политиката

Тие не само што свират заеднички, туку и меѓусебно дискутираат за состојбата во регионот. Нивните ставови не се единствени. Секој музичар има свое мислење, кое може да го изнесува во паузите меѓу пробите. Актуелната ситуација не е едноставна, вели палестинскиот виолинист Набеел Абуд Ашкар:

„Ситуацијата таму е навистина тешка. Палестинците мораат да го гледаат и убивањето невини деца, што е тешко да се поднесе. А Израелците тешко го поднесуваат постојаното ракетирање врз Сдерот и другите градови долж границата кон појасот Газа.“

Но, и покрај разликите, музичарите разговараат меѓусебе. Така виолистот Рамзи Абуредван мисли дека она што сега се случува во Газа, не е гром од ведро небо. Палестинските напади се поврзани со повеќедецениската израелска окупација, со изолацијата на појасот Газа и со мизеријата на тамошните луѓе.

„Тоа е целта на дискусијата, да се објасни, а не да се напаѓа. Сакам да им кажам на израелските музичари дека не се виновни тие, туку израелската влада. Сите имаме право на сопствено мислење, но и на критика на сопствената влада. Јас исто така не се согласувам со она што го прави палестинската влада.“

West-Eastern Divan Orchestra und Daniel Barenboim Proben Staatsoper Unter den Linden

И покрај различните мислења сите се согласни дека насилството не е одговор на проблемите

Придонес кон помирување

Рамзи Абуредван со 14 години се‘ уште фрлал камења врз израелските трупи во Рамалах, во меѓувреме таму води музичка школа и во бегалските логори има формирано повеќе музички групи. За ваков развој може да му го заблагодари на „Вест Истерн Диван оркестарот“. Кон тоа спаѓа и способноста да зборува со своите израелски колеги. Тоа не можел да го прави отсекогаш. Тоа го потврдува и израелската обоистка Меирав Кадишевски:

„Пред две години, кога траеше либанската војна, бевме емоционално многу погодени. Во 2006 година, многу членови на оркестарот одбиваа да учествуват во работилниците, што доведе до тешкотии. Оваа година само на еден или двајца им беше тешко да дојдат. Сите останатите решија да учествуваат, зашто сметаа дека е правилна одлуката, да се собереме во ова тешко време.“

Во дискусијата се покажало дека постојат различни сваќања за тоа кој е виновен за ситуацијата на Блискиот Исток. Но, владее единство дека насилството не е никакво решение. 66 годишниот диригент Даниел Баренбоим, кој за својот ангажман за палестинскиот народ и за мир меѓу Израелците и Палестинците доби и признанија, оценува:

„Израелско палестинскиот конфликт е конфликт меѓу два народа, цврсто убедени дека секој има право да живее на истото парче земја. Како сакаат да го решат конфликтот? Со војна, со војници, со оружје и бомби? Тоа не функционира. Алтернатива може да биде само ако Израелците ја разбираат историјата на Палестинците, и обратно.“

За „Вест Истерн Диван оркестарот“ останува надежта дека ќе може да настапува во земјите од каде потекнуваат неговите музичари. Зашто, за нив е полесно чувствата да ги искажат преку музика отколку со зборови.