1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Меѓународното европско движење бара преговори за Македонија

ЕУ без одложување да започне пристапни преговори за влез на Македонија во Унијата, гласи денешната препорака што едногласно беше изгласана на Федералното собрание на Меѓународното европско движење што се одржа во Брисел.

Предлог-резолуцијата, предложена од претставникот на Македонија - професорот Димитар Мирчев, е изгласана едногласно од членовите на собранието на оваа невладина организација.

„Македонија е кандидат за членство на Унијата од 2005-та година и трипати по ред добива препорака од Европскиот совет да започне пристапни преговори. Меѓународното европско движење ја повикува ЕУ да започне преговори со Македонија без одложување“, стои во резолуцијата.

„Некои како Хрватска се приклучија во ЕУ, Црна Гора почнува преговори, а Србија и Македонија се кандидати да започнат со преговори. БиХ, Албанија и Косово се назад во овој процес. Упатуваме апел до ЕУ да го забрза процесот на интеграција на овие земји, што е според фундаменталните права за кои се залага ЕУ. Македонија е кандидат седум години, последните три години добива позитивни оценки и препораки од Европската комисија да започне преговори и не е прашање дека не исполнува реформи, туку има друг проблем, па затоа бараме забрзување на процесот за почеток на преговори“, истакна професорот Димитар Мирчев.

Заклучоците од состанокот кој се одржува еднаш на две години се испраќаат во Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент.