1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меѓународни мировни сили за Либан со или без ОН?

Кофи Анан е за сили на ОН. На крајот од месецов истекува мандатот на досегашната набљудувачка мисија на „сините шлемови“ на југот од Либан

Кофи Анан

Кофи Анан

Напорите за изнаоѓање дипломатско решение на конфликтот во Либан се’ повеќе се концентрираат врз прашањето за стационирање меѓународни мировни трупи на југот на Либан. За тоа се залага и генералниот секретар на ОН Кофи Анан, иако тој смета дека ако е во прашање брзината, решение се трупи без учество на ОН, оти многу земји така би можеле побргу да испратат свои војници. Но, „некои влади имаат поубаво чувство ако нивните војници ги носат сините шлемови како дел од трупи на ОН“ – вели Анан.

Според него, какви и да се тие трупи, нивната цел е јасна: „Мора многу јасно да кажеме оти е најважно дека ние ја поддржуваме владата на Либан во доизградбата на сопствените трупи и нивно испраќање на југот и во преостанатите делови на земјата. Тие треба да ја стават земјата под своја контрола и да ја спроведат постоечката резолуција 1559 на ОН. Во неа е содржано дека треба да се разоружаат сите милиции“.

ОН притоа би можеле да помогнат, смета Кофи Анан. Како појдовна точка тој ја гледа досегашната набљудувачка мисија на светската организација: речиси 30 години контингент од околу 2 илјади војници има мандат да го набљудува повлекувањето на израелските војници од Либан и да и’ помогне на владата да воспостави контрола на југот на земјата. Аанан рече: „Кога за првпат ја изнесов идејата за мировни трупи, мислев на трупи на ОН како надградба на она што веќе постои. Тоа, се разбира, мора да биде проширено и поинаку уредено“.

Дали можните идни трупи би биле мисија на ОН или каква улога ќе игра светската организација во решавањето на конфликтот, ќе биде тема на утрешната конференција во Рим. Мандатот на досегашната мисија во Либан истекува на крајот од месецов; неделава и во ОН ќе се дискутира за нејзината иднина. Анан предложи продолжување за еден месец, додека да се дојде до предлог за ново решение и тој да се реализира.

Какви и да бидат идните трупи, нивниот ангажман може да биде само дел од еден севкупен пакет, смета Анан: „Краткорочно мораме да сториме се’ за да ги запреме насислтвото и убивањето на обете страни и да оствариме хуманитарна помош за загрозените. Долгорочно мораме да обезбедиме ситуацијата, пред се’ на југот на земјата, темелно да се промени. Тоа го сакаат и Либанците“.