1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Меѓународните претставници се задоволни

Амбасадорот на САД во Македонија, Филип Рикер, како и евроамбасадорот, Ерван Фуере, истакнаа дека изборите во земјата се одвивале во фер и демократска атмосфера. ОБСЕ и ОДИХР официјалната оценка ќе ја соопштат утре.

default

Меѓународната заедница ги оцени изборите како голем тест за македонската демократија

Американскиот амбасадор во Република Македонија, Филип Рикер, посети неколку галасачки места во ОУ „Наим Фрашери" во Тетово, по што нагласи дека изборите се одвиваат во фер и демократска атмосфера.

Амбасадорот Рикер, изразувајќи задоволство што ги набљудува изборите во Тетово во улога на меѓународен набљудувач, подвлече дека е добро што и покрај снежните врнежи, има голема излезеност на гласачките места.

„Извештајот ќе го поднесам до официјалните лица на ОБСЕ. Засега се` е добро и се сведува на реално практицирање демократија. Тоа го бара и го заслужува секој граѓанин на Македонија" - рече Рикер, истакнувајќи дека денеска е голем ден за Македонија и македонската демократија.

Фуере: „Снежни избори“

И евроамбасадорот во Македонија, Ерван Фуере, по обиколката на неколку избирачки места во гостиварско, оцени дека изборите се одвиваат во најдобар ред. Фуере искажа јавна благодарност до граѓаните, кои и покрај неповолните временски услови, сепак излегле да гласаат.

„Од она што досега го видовме, изборите се одвиваат во добра атмосфера, и покрај временските услови. Доколку изборниот процес продолжи вака, овие избори ќе бидат запаметени единствено како снежни избори", изјави Фуере по посетата на избирачките места во гостиварското село Чајле. Амбасадорот Фуере претходно ги посети и избирачките места во општина Зајас.

ОДИХР во понеделник со оценка

Директорот на ОДИХР, Јанез Ленарџиќ соопшти дека набљудувачката мисија ќе излезе во понеделник со оценка за изборите. Таа според него ќе биде збир од сите впечатоци на набљудувачите. „Впечатоците има многу, бидејќи има многу набљудувачи на терен. Никогаш не дејствуваме врз основа на еден впечаток, ги собираме и анализираме и потоа даваме оценка врз основа на целата слика за изборите“, рече Ленарџиќ.

DW.COM