1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меѓународниот кривичен суд доби нова главна обвинителка

Фату Бенсуда е новата главна обвинителка на Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Правничката од Гамбија ќе дојде на местото на Луис Морено Окампо и има долго искуство со трибуналите за воени злосторства.

Важи за жена со кариера за пример: Фату Бенсуда има 51 година и доаѓа од Гамбија. Меѓународниот кривичен суд го познава како никој друг: од 2004. година го заменуваше главниот обвинител Луис Морено Окампо во Хаг, а сега ја презема неговата функција во највисокиот меѓународен кривичен суд. Бенсуда се смета за многу компетентна и има големо искуство со трибуналите за воени злосторства на ОН.

Верба во праведност и мир

Fatou Bensouda

Фату Бенсуда, новата главна обвинителка на Меѓународниот кривичен суд

Откако ги заврши студиите по право во Нигерија Фату Бенсуда ја започна својата кариера во 1987. како државна обвинителка во Гамбија. Потоа стана главна државна обвинителка. На Малта магистрираше за поморско право, со што во нејзината татковина стана првата интернациoнална експертка во оваа област. Пред да започне со работа во Меѓународниот кривичен суд беше раководител на Tрибуналот за воени злосторства на ОН во Аруша, Танзанија. Таму придонесе за бидат расветлени злосторствата од геноцидот.

Таа е цврсто уверена дека работата на Меѓународниот кривичен суд придонесува да се спречат злосторства против човештвото, особено во Африка. „Потпишувачите на Римскиот статут јасно препознаа дека има значителна поврзаност меѓу праведност и мир“, вели Бенсуда. Со тоа што тешките злосторства веќе не поминуваат неказнето, евентуални сторители би се поколебале да вршат такви дела. Еден интернационален трибунал делува „застрашувачки“.

Бенсуда може да подобри многу работи

Gebäude des Internationalen Strafgerichtshof in Den Haag

Меѓународниот кривичен суд во Хаг

Поради нејзиното африканско потекло се смета дека Фату Бенсуда е особено погодна како наследичка на Окампо. Впрочем, повеќето од процесите во Меѓународниот кривичен суд се против сторители од Африка. Професор Каи Амбос, раководител на одделот за странско и меѓународно право на универзитетот во Гетинген, лично ја запознал Бенсуда. Тој и се восхитува на нејзината способност за односи со луѓето. Каи Амбос смета дека таа има добри шанси да има успех како главен државен обвинител, бидејќи „како заменичка на Окампо ја познава институцијата од внатре и знае за грешките кои ги направи тој“. Бенсуда била добро информирана за проблемите на институцијата и би можела „да ја извршува работата подобро отколку тој“.

И покрај критиката за работата на Меѓународниот кривичен суд на угледот на Бенсуда до сега не му е нанесена штета. За ова говори и тоа што земјите членки во декември 2011 година постигнаа согласност да ја изберат за наследничка на Окампо.

Luis Moreno-Ocampo NO FLASH

Досегашниот главен обвинител Луис Морено Окампо

Напротив се критикува дека Меѓународниот кривичен суд под раководство на главниот обвинител Окампо дури годинава ги осуди поранешниот шеф на бунтовниците Томас Лубанга од Конго и поранешниот либериски претседател Чарлс Тејлор - осум години по формирањето на судот. Но, Окампо пожнеа критика и за други работи. Според Каи Амбос неговиот „контроверзен стил на раководење“ доведе до оставки на многу важни личности во Меѓународниот кривичен суд. Исто така на Окампо му се префрлува „слабост при носење на одлуки“, смета Амбос.

„Бела правда за африканците“

Африканските земји членки во Меѓународниот кривичен суд ја поздравија одлуката што оваа институција во иднина ќе биде раководена од искусна правничка, која го познава африканскиот континент како никој друг. Впрочем сите процеси кои се во тек се поврзани со африканци, меѓу нив на суданскиот претседател Омар ал Башар, на поранешниот заменик претседател на Конго, Жан Пјер Бемба, и во меѓувреме убиениот либиски претседател Моамер ал Гадафи.

Fatou Bensouda

Фату Бенсуда, новата главна обвинителка на Меѓународниот кривичен суд

За многумина африканци меѓутоа е неразбирливо, што само африканци седат на обвинителните клупи. Многумина сметаат дека Меѓународниот кривичен суд е „бела“ правда, основан за да се пресмета со африканците. Фату Бенсуда ова изрично го отфрла: Борбата против неказнувањето не е карактеристична само за постколијалните општества: „За неа има поддршка од африканските држави и се креира од нив“.

Во меѓувреме повеќе од 30 африкански држави го потпишаа Римскиот статут и со тоа се членки на Меѓународниот кривичен суд. Речиси една третина од судиите во Меѓународниот кривичен суд доаѓаат од Африка. Ова ја отсликува големата одговорност на Африка, оти ниеден друг континент нема поднесено толку многу жртви поради недостиг на легални институции и неказнувањето. На ниедно друго место во изминатите децении немало толку жртви од војни и насилства, убиени и прогонети.