1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Меѓународната федерација на новинари бара ослободување на Кежаровски

Меѓународната федерација на новинари во Даблин, каде го одржува 28. конгрес, усвои барање со кое од македонските власти бара итно да го ослободат од притвор новинарот Томислав Кежаровски.

Во барањето на делегациите на Конгресот, Извршниот комитет на МФН до државните институции во Македонија, Министерството за внатрешни работи, до Кривичниот суд и до Канцеларијата на јавниот обвинител, одговорни за неговото приведување, побара ослободување на Кежаровски.

„Конгресот верува дека судската одлука за притворот е директен напад не само врз Кежаровски, туку исто така и врз слободата на медиумите и слободата на говорот во Македонија“, се вели во итното барање од Конгресот.

Делегатите дадоа целосна поддршка на новинарот Кежаровски и безусловно го поддржуваат неговото право да не ги открива изворите на информации.

„Светскиот конгрес на Меѓународната федерација на новинари го реафирмира ставот дека заштитата на изворите е право загарантирано со европското законодавство и меѓународните стандарди и основен принцип на новинарството. Тоа право јасно е посочено во членот 16 од Уставот на Република Македонија“, стои во документот.

Конгресот на МФН го осуди и приведувањето и притворот против Кежаровски за објавување на информација во 2008 година. Ургентното барање беше поднесено од претставниците на ССНМ и ЗНМ, кои учествуваа во работата на Конгресот на МФН.

Кежаровски беше уапсен na 28.05. поради наводно откривање на идентитет на заштитен сведок во случајот „Ореше“.

На почетокот на оваа година се случи пресврт во судскиот процес „Ореше“, кога заштитениот сведок под псевдонимот „Бреза", кој настапи со изјава против обвинетите за платеното убиство во село Ореше, призна дека инспектори од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) го принудиле да прифати улога на заштитен сведок, со цел да даде изјава против обвинетите, браќата Ордан и Љупчо Ѓорѓиевски. Браќата беа ослободени по третпат од обвинението, според кое тие наводно во 2005 година по нарачка на Ѓоре Петровски го убиле 74-годишниот Лазар Милошевски.