1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Меѓуетнички предизборни коалиции-предност но утопија

Некои експерти но и граѓани во Македонија сметаат дека предизборно коалицирање преку етничките бариери би донело нов квалитет и поефикасно спроведување на заедничките наместо теснопартиските и етноцентричните интереси.

default

Уште од моментот кога во круговите на главните политички партии во Македонија започна да се навестува можното одржување предвремени парламентарни избори, во експертската јавност повторно се актуелизира прашањето на формирање меѓуетнички предизборни коалиции. „Подобро е партиите и претседателските кандидати да формираат вакви коалиции пред изборите, отколку по појавувањето на изборните резултати, бидејќи коалицирањето пред избори се засновува врз компромиси за етничките прашања и умереност“ – оваа препорака е содржана во една анализа на Центарот за истражување и создавање политики од Скопје. Таа укажува на „потребата за постигнување таква политичка соработка околу изборите што ќе ги надминува етничките бариери, приврзаноста кон поодделната етничка заедница, таква соработка која ќе остварува јавни политики насочени кон заедничките, државни интереси“. Меѓутоа, поголемите политички партии во изминатите години не покажаа интерес да прават меѓуетнички коалиции пред да ги видат изборните резултати, што значи дека засега праксата во земјата е таква што коалициите врз етничка основа се формираат по изборите.

Спроти изборите партиите ќе бидат уште подалеку од предизборните меѓуетнички коалицирања

Како ја коментираат експертите идејата за конституирање меѓуетнички партиски формации пред можните парламентарни избори оаа година?

Осман Кадриу, професор по политички и уставен систем на ФОН универзитетот во Скопје, е категоричен: „Крајно време е политичките партии од двата блока да започнат да размислуваат за заеднички коалиции пред изборите и во своите платформи и програми да ги предвидуваат и да ги вградуваат на прво место прашањата, кои се од заеднички интерес на сите граѓани и кои се од значење за самата држава. Но, како што се развиваат сега овие напнатости – се оди на продлабочување на јазот меѓу политичките партии од македонскиот и албанскиот блок – не гледам конструктивна пограма, платформа, за да се оди кон зближување, односно, кон конкретни коалиции на партиите од двата најголеми етникума во Македонија.“

Јован Ананиев, експерт за применета политика и избори од Државниот универзитет во Штип, се надоврзува: „Рационалниот гласач знае дека е нужна и неизбежна коалиција меѓу македонска и албанска партија, оти извесноста и моноста да победи таа коалиција е многу поголема кога таа би се формирала пред избори отколку потоа. Но, се уште не се созреани условите за тоа, бидејќи политичките партии сметаат оти би добиле многу повеќе ако му се обраќаат на етникумот, кој го застапуваат. Во земјата ќе продолжат и натаму албанските, турските и ромските партии, кои ги застапуваат овие етнички заедници, да пропагираат прашања кои се од нивен интерес. Од друга страна, се бележи тенденцијата дека македонските политички партии се помалку поставуваат на агендата прашања, со кои сакаат да создадат некакви национални чувства меѓу Македонците, освен решавањето на спорот за нашето име, ако тоа го земеме како клучно прашање за македонскиот идентитет.“

Анета Јовевска, експерт за изборни системи од Универзитетот „Американ колеџ“ од Скопје, предупредува дека спроти можните избори годинава партиите ќе бидат, веројатно, уште подалеку отколку досега од градењето предизборни интеретнички коалиции: - „Сега ќе се градат коалиции, кои ќе целат да влезат во парламентот со максимализиран број пратенички мандати. Градењето предизборни меѓуетнички коалиции е институционален политички инженеринг, кој е неможен ако немаме кадри и елити што се свесни за тоа и кои би биле подготвени да работат на тој план. Таквите коалицирања на партиите не им донесуваат гласови: колку повеќе ќе има радикализирање во барањата, колку повеќе ќе се плашат едните од другите, толку поголеми шанси ќе имаат партиите да мобилизираат дел од гласачкото тело.“

Секој влече на своја страна

Таа дополнува: „Невработеноста, тешката економска состојба, здравството – тоа се главните теми, кои го окупираат граѓанинот во земјата. Меѓутоа, како што се наближуваат изборите се забораваат овие теми и започнува занимавањето со други прашања, сосема неважни за граѓанинот.“

Еве што мислат некои од граѓаните на Тетово: „Не само што се можни, туку се и неминовни такви политички обединувања, кои ќе го интегрираат народот не врз верска, или национална основа, ами врз вистинска државна основа.“;

„Кога одат во парламентот, или кога склучуваат договори со други партии, нашите албански партии одат без платформа.“ „Имало обиди досега да се формираат такви меѓуетнички коалиции, но во моментов тоа е тешко изведливо со оваа свест што ја имаат и едните и другите. Се’ се сведува на тегнењето на своја страна: албанскиот етникум влече на својата страна, а македонскиот етникум на својата страна.“

Ананиев забележува: „Сепак, од избори до избори и кај албанските партии забележуваме се поголем број прашања, кои се од општ карактер, значи, не засегаат некакви етнички проблеми, туку тие партии завлегуваат во доменот на сите други јавни политики – културната, спортската, надворешната и други политики.“

Оној момент кога, градејќи етнички мешани коалиции, партиите ќе започнат да се откажуваат од своите етноцентрични политики и да ги распознаваат интересите на земјата во целина и на сите граѓани, без оглед на нивната национална припадност, тогаш и демократијата и меѓуетничките односи во оваа држава ќе еволуираат на скалило повисоко и понапредно отколку што е сегашното.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски

DW.COM