Мечката од Берлин повредна од човекот!? | Европа | DW | 20.02.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Мечката од Берлин повредна од човекот!?

Во селото Пољице во БиХ во 20-тина трошни куќи живеат Роми. Меѓу нив и Назиф Мујиќ, добитник на Сребрената мечка за главна улога во филмот „Епизода во животот на берачите на железо“, прикажан на Берлиналето.

Пред куќата на Назиф Мујиќ застанува мопед. Поштарот Зикрија Мујагиќ ги врачува телеграмите со честитки. Телефонот ѕвони непрекинато. Назиф, новата филмска ѕвезда, е изненаден од интересот на јавноста. Тој сака на сите да им излезе во пресрет и неговите разговори траат по десетина минути.

„Да, децата зборуваат ромски од раѓање, но сепак зборуваме босански“, одговара во слушалката, „најстара ќерка е Шемса, па доаѓа Сандра, па Данис. Нему му дадов име по режисерот. Да, Сандра ја запишав во претшколска школа“, говори невешто склопени реченици додека пружа рака и се поздравува.

Назиф Мујиќ, кој ја толкува главната улога во флмот на Данис Тановиќ „Епизода во животот на берачите на железо“, доби награда за најдобар глумец на овогодишниот меѓународен филмски фестивал во Берлин, Берлинале, а самиот филм доби награда Сребрена мечка.

„Не можев ни да си замислам дека вакво нешто ќе ми се случи во животот. Данис чул за нашата приказна, дојде кас нас, се договоривме и се‘ одеше многу брзо. Не ни сонувавме дека филмот ќе доживее толкав успех. Еве, тукушто им раскажувам на комшиите како беше. Кога ја добив наградата, покрај мене цело време беше телохранител, ни во тоалет не можев да одам сам, ни цигара да запалам, цело време ме следеа“, ги раскажува своите „ѕвездени“ берлински моменти.

Episode of an Iron Picker Willkommensschild Dorf Poljice bei Lukavac

Селаните се горди на Назиф

Глумење самиот себе си

Приказната на Назиф Мујиќ и Сенада Алимановиќ во 2010. година беше објавена во повеќе медиуми во БиХ. Сенада имала компликции во бременоста, без здравствено осигурување и без пари, куп проблеми. Мртвото дете таа го носела во себе десетина дена, не можејќи да добие здравствена услуга. Одела од врата до врата, молела, немала 980 конвертибилни марки, потребни за лекарската интервенција, а на крајот едвај успеала да спаси жива глава со позајмена книшка. Оваа тешка драма на ромскиот пар го инспирирала босанско-херцеговскиот Оскаровец Данис Тановиќ за само девет дена да го сними нискобуџетниот филм.

„Никогаш не сум мислела дека ќе глумам во филм. Успеавме зашто се глумевме самите себе си. Да не даде Бог некому да му се случи она што ми се случи мене“, вели Сенада.

Episode of an Iron Picker Haus der Familije Mujics, Lukavac

Куќата на семејството Мујиќ

И нејзе Назиф и‘ е необичен со костум и со вратоврска:

„Очекувам денеска да си ги облече фармерките, да ги земе количката и секирата и повторно да тргне да бара старо железо и да ископа некоја конзерва или некој друг предмет. Од тоа ги храниме децата. Не можеме да знаеме што ќе се случи“, раскажува Сенада додека од регалот ја вади Сребрената мечка.

За десет дена сите ќе ги заборават

„Во своите 42 години секогаш работев. Јас сум ополномоштеник на ромската популација од овој крај, не се плашам од работата, се надевам дека ќе добијам било што да работам“, вели привремениот актер.

Episode of an Iron Picker Nazif und Senada Mujic

Сребрена мечка во ромско село во БиХ

Во Пољице, близу Луковац, живеат „берачите на железо“, собирачи на старо железо. Селото е полно со хаварисани автомобили, мотори, разни железни делови. Жителите се надеваат дека славата на Назиф ќе помогне да се чуе за нив. Браќата на Назиф, Суљо и Касим, велат дека сето ова е убаво, но за десетина дена сите ќе ги заборават и пак се‘ ќе биде по старо. И останатите мештани сакаат да свртат внимание на своите проблеми со своите приказни. Прокиснува, немаат осигурување, лекови, храна, никој не се грижи... Сето ова можете да го чуете шетајќи низ калливата улица низ малата ромска населба.

Пред куќата на Назиф истовараат дрва кои на семејството им ги донесол Есед Хоџиќ.

„Го гледав кога беше во Берлин и знаев дека кога ќе се врати од црвениот тепих, во Пољице нема да има што да стави во печката“, вели тој.

Претседателот на месната заедница Мидхат Ќеперковиќ вели дека овде никој нема здравствено осигурување, „нема никаква социјална програма за овие луѓе, живеат напамет“.

Дали Мечката овде и натаму ќе биде повредна од човекот, ќе дознаеме наскоро, во втората епизода во животот на „берачот на железо“, Назиф Мујиќ.