1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Метрополис“: атрактивна филмско-музичка авантура за македонската публика

Денешниот 27 октомври во календарот на ОН е Светски ден на заштита на аудиовизуелното наследство. Во Македонија за одбележување на овој ден прогласен од УНЕСКО е предвидена атрактивна програма.

default

Главниот мотив во филмот „Метрополис“

Прикажувањето на еден од најзначајните филмови во светската филмска историја „Метрополис“ на режисерот Фриц Ланг, во целосната реставрирана верзија и во придружба на оригиналната музика од филмот што ќе ја изведе Македонската филхармонија вечер во 20 часот на сцената на Македонската опера и балет, ќе биде најголемата атракција во рамките на манифестацијата „Денови на заштитата на аудиовизуелното наследство“.

Патешествието на најскапиот нем филм во историјата

Ausstellung Metropolis Flash-Galerie

Целосната и реставрирана верзија на едно од најзначајните остварувања во светската филмска историја во траење од 145 минути- филмот „Метрополис“ на германскиот режисер Фриц Ланг, ќе има можност по првпат да ја види и македонската публика.

„Метрополис“ е снимен во 1927 година. По премиерата филмот бил цензуриран, скратен и премонтиран. Многу бргу „Метрополис“ станал „сенка“ на првобитната верзија на режисерот Ланг од 1927 година. Веќе 80 години се наоѓа на топ листите на најважните светски филмски остварувања, без притоа да биде познато оригиналното дело на Фриц Ланг. Дури во 2008 година во Аргентина е откриена 16 мм копија од филмот со полна должина.

„Во Филмскиот архив во Буенос Аирес во Аргентина на 16 мм филмска лента пронајдени се деловите од филмот кои недостасуваат. Потоа беше направена целосна, интегрална верзија на филмот каков што бил на почетокот кога бил снимен. Сега имаме реставрирана верзија во траење од 145 мин. Тоа е еден од куриозитетите. Во целост за првпат беше прикажан минатата година на Берлинскиот филмски фестивал. Освен тоа, по првпат во Македонија имаме проекција на нем филм со музичка изведба на Македонската филхармонија“, изјави за ДВ Мими Ѓоргоска –Илиевска, директор на Кинотеката на Македонија.

Два и пол часа филмска слика во симбиоза со музиката изведена во живо

Ausstellung Metropolis

За ексклузивитетот на настанот придонесува и фактот што проекцијата ќе биде проследена со музиката што од оригиналните партитури на Готфрид Хуперц ќе ја изведе Македонската филхармонија под диригентство на гостинот од Германија, Хелмут Имиг. „Интересно е како ќе се синхронизираат филмската слика и музиката- живи луѓе на сцена и нешто што е монтирано- во позадина“, истакна Маја Чаначевиќ, директор на Македонската филхармонија.

„Оваа партитура не е толку комплицирана колку што е долга. Целата тежина паѓа на должината затоа што оркестарот е ангажиран цели два и пол часа. Буквално нема каде да се земе воздух, нема пауза. Од тој аспект оваа изведба е многу напорна. Тука е предизвикот да се изведува оваа музика. Со оглед дека минатата година речиси во цела Германија беше изведуван овој проект, сметам дека важно е и Македонија да се приклучи кон одбележувањето на вакви настани. Особено затоа што станува збор за култен филм кој е под заштита на УНЕСКО, па ова е своевиден раритет што им го должиме на вљубениците и во филмот и во музичката уметност.“

Богата колекција од неми филмови- цела недела

Заедничкиот проект меѓу Кинотеката на Македонија и Македонската филхармонија претставува длабока симбиоза меѓу филмот и музиката. „На овој начин им оддаваме признание на филмските архиви затоа што аудиовизуелното наследство е дел од нашата колективна меморија“, вели Томас Дикхаус, директор на Канцеларијата на Гете институтот во Скопје.

Ausstellung Metropolis

„Околу 80 % од филмското наследство односно од најраните продукции на неми филмови, неповратно се изгубени. Треба да се подигне свеста кај јавноста и институциите како за заштитата, така и за достапноста на аудиовизуелното наследство на идните генерации. Инаку, овој проект има и иновативен аспект- филм со музика во живо денес е особено актуелно и интересно.“

Но, неспорно е влијанието на култниот филм „Метрополис“ и врз популарната култура на пример, во филмовите на режисерот Ридли Скот, во музиката на Мадона, Крафтверк, јапонските манга стрипови.

Деновите на заштита на аудиовизуелното наследство продолжуваат од 28 октомври и во следните седум дена ќе бидат прикажани: селекција на неми филмови, филмови од француската авангарда, неми филмови од југоисточна Европа и филмови од францускиот претставник на раните години на филмската уметност Жорж Мелиес по повод 150 години од неговото раѓање. Исто така по првпат публиката ќе има можност да го погледне филмот „Македонија во слики“ од Арсениј Јовков и филмовите на браќата Манаки придружени со музиката на Драган Даутовски.

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Александра Трајковска