1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Мета: Албанскиот фактор да дава конструктивен придонес за ЕУ и НАТО интеграциите

Министерот за надворешни работи на Албанија Илир Мета на средбите со лидерите на албанските политички партии во Македонија пледираше за нивен конструктивен придонес на патот на евроатлантската интеграција на Македонија.

default

Али Ахмети и Илир Мета

„Албанскиот политички фактор во Македонија треба да продолжи да ја игра својата важна улога за конкретизирање на евроатлантските аспирации на Македонија и со своето конструктивно ангажирање да придонесува посветено во таа насока“, изјави вчера (28.07.10) во Тетово потпретседателот на Владата на Албанија и министер за надворешни работи Илир Мета по средбите со лидерите на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи, во одговорот на прашањето на Дојче веле: Која би била неговата порака до неговите сонародници во Македонија во случај да се пролонгира уште повеќе нејзиното влегување во НАТО и во Европската унија и во случај политичкиот фактор на Албанците во земјата да реши, конечно, да ги манифестира своето нетрпение и несогласување со таквото пролонгирање на тие интеграциони процеси?

Menduh Taci von DPA, Mazedonien

Мендух Тачи

По првата средба со претседателот на ДПА Тачи шефот на албанската дипломатија Мета околу ова нагласи: „Кога говориме за НАТО го имаме предвид фактот што Македонија ги исполни сите услови, како и Албанија и Хрватска, кои се веќе сега членки на НАТО Алијансата. Македонија е една од земјите – основачи на ’Јадранската повелба’ и ние сакаме час поскоро да се постигне решение за познатиот спор, така што за време на самитот во Лисабон годинава Македонија ќе седне на местото, кое и припаѓа - местото за кое Албанците од Македонија од поодамна имаат аспирации и кои го имаат дадено во врска со тоа својот исклучителен придонес. Како и да биде, независно од пречките, сите ние сме убедени дека Македонија ќе стане членка на НАТО и на Европската унија. Убеден сум дека политичките сили на Албанците во Македонија ќе придонесат со посветеност во оваа насока.“

Ilir Meta

Илир Мета

Илир Мета потоа дополни: „Албанија ја поддржува стабилноста на Македонија и едновремено нејзината евроатлантска интеграција. Ние посакуваме Демократската партија на Албанците да продолжи да придонесува на конструктивен начин кон зачленувањето на земјата во НАТО и во Европската унија. Во исто време, за нас е важна целосната примена на Охридскиот рамковен договор, што го кажав, исто така, и на другите средби со највисоките раководители на државата и Владата овде, бидејќи најдоброто и најуспешно интегрирање на Албанците во Македонија посебно го забрзува нејзиното влегување во ЕУ.“

Ахмети: „Не мислиме за ’црни сценарија“

Албанскиот министер за надворешни работи имаше по ова средба и разговори со лидерот на Демократската унија за

Ali Ahmeti Vorsitzender der BDI Partie DUI

Али Ахмети

интеграција Али Ахмети и неговите соработници. На пресконференцијата во седиштето на „интегративците“ во Мала Речица, Тетовско, нему му беше поставено прашањето: Каква треба да биде улогата на албанскиот политички фактор во Македонија во настојувањата да се отстранат пречките на нејзиното влегување во НАТО и ЕУ?

Тој рече: „Јас верувам дека албанскиот политички фактор во земјата игра многу важна улога за конкретизирање на аспирациите на сите нејзини граѓани, посебно би рекол и на граѓаните – Албанци, за зачленување во НАТО. Во целина, исполнети се сите стандарди и преостана само уште едно прашање, за кое е познато конструктивното ангажирање на ДУИ и другите политички сили овде.“

Претседателот на ДУИ Ахмети се надоврза и со својот одговор на истото прашање: „Албанците во Македонија сакаат да живеат слободно и рамноправно во својата земја. Тие сакаат таа да биде дел од структурите на НАТО и Европската унија. Ние воопшто не мислиме за ’црни сценарија’ што може да се случи во иднина, туку сме решени да придонесуваме, да работиме колку е можно побргу Македонија да си го заземе заслуженото место во евроатлантските структури:“

По средбата во ДУИ двајцата интегративци – Мета во Албанија е претседател и на партијата „Сојуз за социјалистичка интеграција“ - вчеравечер во Тетово имаа и заедничка работна вечера.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM