1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Металург- шампионски во Лигата на шампионите

Ракометарите на македонскиот првак Металург ја остварија четвртата победа во истотолку натпревари во годинешната Лига на шампиони. Шест илјади гледачи во Скопје повторно уживаа во ракометен спектакл.

Македонскиот ракометен шампион Металург вчеравечер во рамките на 4.коло од Лигата на шампионите од Ц групата ја победи екипата на Санкт Петерсбург од Русија со убедливи 32:19 и изби на чело на табелата со максимални 8 бодови.

По изедначениот почеток, Металург го превзема водството, а најголемата разлика во првото полувреме беше направена во последната минута и на одмор се отиде со резултат 15:11. Фуриозниот почеток на „металурзите“ во вториот дел продолжи со атрактивна игра што наиде на одобрување од шестилјадната публика во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Гостите од Русија за 16 минути постигнаа само 2 гола, а домаќините 9 со што го најавија убедливиот триумф. Предводници до победата на македонскиот шампион беа Давор Вугринец со 11 постигнати голови и голамнот Дарко Станиќ кој забележа 16 одбрани.

Lino Cervar

Тренерот на Металург, Лино Червар

Тренерот на Металург Лино Червар по средбата изрази задоволство од играта на своите избраници посебно во вториот дел. „Сега сме поблиску до нашата цел, пласманот во ТОП 16 фазата. Тешко игравме во првиот дел и зоната 6-0 не даваше резултат, затоа моравме да ја примениме нашата втора зона 5-1. Противникот малку не заспа со нивната игра во првиот дел, кога бевме опуштени во одбраната. Задоволен сум од играта во второто полувреме. Ренато Вугринец одигра феноменално а ќе мора да најдеме замена и за него во играта за да може малку да одмори. Инаку, вечерва беше долго во игра со цел да може подобро да се воигра со тимот“, истакна Червар.

Дејан Манасков откако реализаторски беше пасивен во првиот дел, натпреварот го заврши со четири, а сите ги постигна во серијата на Металург на почетокот од вториот дел од 9:1.„Одигравме лоша одбрана во првиот дел и не бевме на потребното ниво, но затоа во второто полувреме буквално го ’згазивме’ противникот“, рече левото крило на македонскиот шампион.

Покрај овој натпревар од Ц групата, од ова коло денеска се игра натпреварот Шамбери – Киелце, додека Горење во четвртокот го победи Силкеборг со 31:23. На табелата во оваа група сега води Металург со 8 бодови, пред Киелце со 6 (натпревар помалку) Горење има 4, Силкеборг и Санкт Петербург имаат по 2, а Шамбери е единствената екипа оваа сезона во Лигата на шампионите без бод (натпревар помалку).

Следниот натпревар од Лигата на шампионите, македонскиот првак повторно го игра на домашен терен, но по речиси едномесечна пауза поради настап на македонската репрезентација во квалификациите за Европското првенство.