1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Металург со победа против ПСЖ кон нови предизвици

Македонскиот рекометен клуб Мателург во Скопје го совлада Пари Сен-Жермен во рамките на натпреварите од ракометната Лига на шампиони. Следниот противник, Барселона е нов предизвик за ракометарите на тренерот Лино Червар.

Ракометарите на Металург успешно му се спротиставија на парискиот клуб и одиграа 60 минути за историска победа. Долго се играше рамноправно. Резултатската нишалка беше нивелирана: 5:5; 9:9;12:12;16:16. Носени од амбиентот ракометарите од Автокоманда првиот резултатски исчекор го направија во средината од второто полувреме, а водството на Металург со 21:17, беше првиот сигнал дека е можна сензација. На крајот Металург однесе победа од 28:26.

„Победивме една екипа која е богата со играчи кои имаат многу медали од големите натпреварувања. Покажавме дека заедно можеме против секого. Драго ми е кога ќе не‘ прежалат, а ние ќе покажеме колку вредиме“, истакна тренерот на Металург Лино Червар на прес-конференцијата веднаш по победата над Пари Сен-Жермен.

Хрватскиот стручњак на клупата на „металурзите“ нагласи дека на полувреме успеал да им влее дополнителен мотив на своите играчи и дека тоа бил клучниот момент за големиот триумф.

„Не е лесно да се игра против шампионски тим како ПСЖ. На почетокот ги респектиравме малку повеќе, но на полувреме ги советував моите играчи да веруваат во себе и да одржуваме приклучок, а на крај срцето ќе победи. И навистина победи големото срце на Металург“, рече Червар. Тој не сакаша да издвојува поединци и, како што рече, сите играчи беа фантастични, и подвлече дека тимот и‘ подарил на публиката еден голем подарок како благодарност за поддршката.

За Наумче Мојсовски големата желба за успех пресуди во неизвесниот финиш бодовите да останат во Скопје.

„Заслуживме да победиме. Покажавме срце, инает, упорност и на крај се радувавме. На полувреме тренерот не‘ мотивираше со еден говор, кој поттикна голема самодоверба и верба дека можеме да победиме. Оваа победа ја посветуваме на нашите навивачи и на цела Македонија“, изјави популарниот „Мојсо“ и упати голема благодарност до навивачите присутни во арената „Борис Трајковски“.

Со две блескави победи над швајцарскиот Вакер Тун на гости и над ПСЖ, Металург стартуваше во групната фаза од Лигата на шампионите. И со големи шанси да го повтори минатогодишниот успех. Следната дестинација на екипата од Автокоманда е Барселона. Соочување со шпанскиот моќник.

„Барселона за нас е нова инспирација, предизвик.Не сме оптоварени со имињата. Па, Барселона нема повеќе звезди одошто има ПСЖ! Ќе се надигруваме и со нив, сево ова е убаво, што ни се случува“, вели Наумче Мојсовски за Дојче веле.